недела, 28 мај 2017 | Вести денес: 74 ново

Промоција на книгата „Школувањето на прогонетите деца од Егејска Македонија“ во Музејот на македонската борба

На 19 мај, петок, со почеток во 12.00 часот, во НУ Музеј на македонската борба – Скопје, ќе биде промовирана најновата книга на познатиот новинар – публицист Иван Глигоровски „Школувањето на прогонетите деца од Егејска Македонија.

На околу 450 страници и 170 фотографии во оваа монографија се опфатени автентични сеќавања и искажувања на триесетина ученици, „мајки“ и учители, што привремено престојувале во источноевропските земји и ФНР Југославија, по настаните и прогонот од нивните родни огништа од егејскиот дел на Македонија за време на Граѓанската војна во Грција (1946 – 1948). Илјадници деца од овој дел на етничка Македонија своето образование на својот мајчин македонски јазик (кој бил забранет за употреба во родните места од страна на грчките власти) го стекнуваат во ФНР Југославија (Србија, Хрватска, Словенија, Македонија), Романија, Унгарија, Чехословачка, Полска и СССР.

На промоцијата на книгата, во организација на НУ Музејот на македонската борба и издавачката куќа „Аз–буки“ од Скопје, ќе се обратат проф. д-р Елка Јачева – Улчар од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ во Скопје, публицистот Ставре Џиков и д-р Лазо Фотев, уредник на издавачката куќа „Аз–буки“ од Скопје.

Пред присутните, со свои музички рефрени со мотиви од егејскиот дел на Македонија, ќе се претстават учениците од МБУЦ „Илија Николовски – Луј“ од Скопје.

Книгата – монографија „Школувањето на прогонетите деца од Егејска Македонија“ е 11 авторско дело на Иван Глигоровски. За монографиите „Првите учители на македонски јазик 1943 – 1948“ и „Народниот учител – гордост на повоеното македонско школство“ во текот на 2007 и 2008 година тој ги добива високите награди „Мито Хаџи Василев – Јасмин“ (за публицистика) и „13 Ноември“ (за образование и просвета). Бројни се признанијата и наградите што Иван Глигоровски ги добива и за своето телевизиско новинарство за време на работата во Документарната и Образовната програма во Македонската телевизија.

Top