недела, 23 јули 2017 | Вести денес: 54 ново

Светска премиера на „Македонисимо“ на Симон Трпчески на Фестивалот во Лудвигсбург

Македонскиот пијанист со светска слава Симон Трпчески вечерва ќе ја има светската премиера на својот најнов проект со музика од Македонија, насловен „Македонисимо“, на Фестивалот во Лудвигсбург, Германија.

– Станува збор за проект со македонска музика на кој му се радувам искрено, како на мало дете. Многу долго време работев на него во мојата глава, од големиот број обврски досега немав можност да го реализирам, но среќен сум што конечно се случува. Јас го отворив овој фестивал минатата година, заедно со музичкиот уметнички директор, финскиот диригент Пиетари Инкинен – вели Трпчески.

Проектот вклучува сплетови од македонски ора со неколку песни. Сплетовите ги избра Трпчески и ги конципира во соработка со Институтот за фолклор и со ансамблот „Танец“, кои му помогнаа во подготовката. Македонскиот композитор Панде Шахов ја потпишува музичката обработка на делата. Проектот вклучува квинтет, камерно видување на македонската музика, односно вклучува пијано, виолина, виолончело, кларинет, саксофон и кавал и еден цел сет удиралки.

На светската премиера во Лудвигсбург, покрај Трпчески ќе настапат и Александар Краповски на виолина (работи во Операта во Барселона), Александар Сомов од Бугарија на виолончело (водач на челисти во Стразбуршката филхармонија, Франција). На кларинет, саксофон и на кавал специјално за овој настан, ќе настапи Хидан Мамудов од Штип (кој живее и работи во Виена), а зад удиралките ќе биде Влатко Нушев.

Top