вторник, 21 ноември 2017 | Вести денес: 114 ново

Српскиот потпретседател на Влада: Не се лоши односите меѓу двете држави, не чини односот на Заев кон Србија

Но, нашите политички односи не се добри пред се поради тоа што Македонија со своето однесување и конкретни одлуки застанува на страната на Албанците против интересите на Србите - изјави Стефановиќ за „Танјуг“

Односот меѓу Србија и Македонија не се лоши, но лош е односот на Зоран Заев кон Србија и нејзините граѓани, изјави потпретседателот на владата и министерот за внатрешни работи Небојша Стефановиќ.

Коментирајќи ги тврдењата на мандатарот за состав на македонската влада Зоран Заев дека односите меѓу Белград и Скопје треба да бидат подобри, но не оградувајќи се од претходните критики на сметка на српското раководство, Стефановиќ изјави дека Србија сака добри односи со Македонија и ќе продолжи така да се однесува.

Според неговите зборови, и досега економските односи биле на високо ниво.

– Но, нашите политички односи не се добри пред се поради тоа што Македонија со своето однесување и конкретни одлуки застанува на страната на Албанците против интересите на Србите – изјави Стефановиќ за „Танјуг“.

Стефановиќ праша кога била загрозена кариерата на премиерот Александар Вучиќ, како што тврди Заев и каков е тој националистички потег што го направила Владата на Србија или Вучиќ.

– Ние ќе продолжиме да чекаме одговор на ова прашање, а граѓаните на оваа земја се сведоци дека Србија никогаш не се мешала во внатрешните односи на Македонија. Секогаш сме повикувале на мир и стабилност – изјави Стефановиќ за „Танјуг“.

Министерот навел дека такви навреди на сметка на раководството на Србија не се порака на пријателство и тоа не би требало никој да го прави, а најмалку Заев, кој уште не е избран за некаква значајна јавна функција во Македонија.

 

Top