среда, 24 мај 2017 | Вести денес: 0 ново

Премиера во Драмски на „Атена со пенис“ – претстава која комично се занимава со деградацијата на општеството

Во фокусот на дејството е Виктор Велков, просечен, средовечен македонски „шалабајзер“ и самоповикан гуру на турбофолк сцената. Виктор живее лесен, удобен и безгрижен живот, а ненадејната смрт на татко му и очекуваното наследство, ветуваат уште побезгрижни денови во иднина. Но, како што обично бива, на читањето на тестаментот работите добиваат сосема неочекуван тек. Обидувајќи се да извлече максимум од новонастанатата збунувачка ситација, Виктор презема низа дејствија врз кои бргу губи секаква контрола...

В петок, на 19 мај, во Драмски театар во Скопје премиерно ќе биде прикажана претставата „Атена со пенис“ на авторот Александар Русјаков, а во режија на Синиша Евтимов.

„Атена со пенис“ е сценска адаптација на истоимениот роман на Русјаков која од комична позиција се занимава со се’ поизразената деградација на општествените, семејни и културни вредности.

Сценографијата е на Милан Несторов и Александар Ношпал, а костимите се на Александар Ношпал. Во главните улоги настапуваат: Рубенс Муратовски, Катерина Коцевска, Лазе Манасковски, Зоран Љутков, Јана Стојановска, Гордана Ендровска, Филип Трајковиќ, Калина Наумовска, Емилија Мицевска, Благица Димитровска, Александар Степанулески,  Ванчо Петрушевски, Гоце Тодоровски и Диме Илиев.

atena so penis3

– Првпат во Драмски театар се поставува текст на Русјаков и со тоа нашиот театар останува верен на традицијата да поставува дела на македонски современи автори. Мислам дека „Атена со пенис“ ќе биде дел од историјата на Драмски. Во претставата игра поголем дел од ансамблот на Драмски, но и неколкумина млади актери – вели директорот на Драмски Роберт Вељановски, кој дополни дека ова е трета премиера во Драмски за 2017 година.

atena so penis2

Во фокусот на дејството е Виктор Велков, просечен, средовечен македонски „шалабајзер“ и самоповикан гуру на турбофолк сцената. Виктор живее лесен, удобен и безгрижен живот,  а ненадејната смрт на татко му и очекуваното наследство, ветуваат уште побезгрижни денови во иднина. Но, како што обично бива, на читањето на тестаментот работите добиваат сосема неочекуван тек. Обидувајќи се да извлече максимум од новонастанатата збунувачка ситација, Виктор презема низа дејствија врз кои бргу губи секаква контрола…

atena so penis1

– Чест и задоволство ми е секогаш да работам во Драмски, бидејќи на еден убав, чуден и емотивен начин сум поврзан со овој театар. Нестрплив сум да ја дочекам премиерата и верувам дека за оваа претстава ќе се бара билет повеќе. Се радувам што го поставив текстот на Русјаков, кој е нов, свеж, современ текст. Со него сум работел и порано, но ова е прво поставување на текст на Русјаков во институционален театар. Им благодарам на сите актери кои несебично се вложија во претставата – рече Евтимов.

Тој по две години се враќа да режира во Драмски, по комедијата „Чолак“ која се уште е на репертоарот и одлично поминува кај публиката.

– Примарен жанр на „Атена со пенис“ е комедија, но може да се чита и како тотално бесмислен комедија и политичка сатира. Има примеси и на драма и на стрип – смета режисерот Евтимов.

atena so penis

Авторот Русјаков смета дека „Атена со пенис“ ќе биде одлична претстава.

– Тоа е моето чувство и му верувам. Драмскиот текст е извлечен од книгата и секако дека има измени – рече Русјаков.

Муратовски го толкува главниот лик во претставата, Виктор Велков, самоповикан гуру на турбофолк сцената. Тој за соработката со Евтимов има само пофални зборови.

– Бескрајно сум задоволен од работата со Евтимов. Секогаш сакам да работам со него. Знам дека последните два месеци ќе ми останат запаметени како многу убави – рече Муратовски, кој соработуваше со Евтимов во „Чолак“.

Ванчо Петрушевски исто така во минатото има соработувано со Евтимов и смета дека е добро што младите режисери посветуваат внимание на комедијата, која е сериозен драмски чин.

unnamed

– Евтимов е еден од двајцата македонски режисери кои тоа го прават мошне успешно. Добро е да се негува комедијата, бидејќи смеењето е лек за долг живот. Оваа претстава ќе биде продолжение на еден добар Драмски – смета Петрушевски.

Еден од доајените на Драмски, Диме Илиев не е сигурен дали жанровски „Атена со пенис“ може да биде класификувана во комедија.

– Мене повеќе ми личи на стрип од Алан Форд. Овде ликовите во претставата се направени како креатури – смета Илиев, кому многу му е драго што во неговата кариера работел со Евтимов.

Директорот информираше и за претстојните гостувања – на 9 јуни ДТС со „Венецијанскиот трговец“ во режија на Наташа Поплавска ќе го отвори МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, на 24 јуни оваа претстава ќе гостува и на Шекспир фестивалот во Битола, како и на Шекспир фест во Чортановци (Војводина), кој ќе се одржува од 27 јуни до 4 јули.

Претставата „Јов“ по текст на Венко Андоновски и режија на Сашо Миленковски, пак, ќе игра на регионален фестивал во септември во Сараево, а летово со „Буре барут“ ДТС ќе гостува на Бит-фест во Битола.

 

Top