недела, 28 мај 2017 | Вести денес: 74 ново

Ја чувствуваат кризата – градежниците не се охрабруваат да почнат нови инвестиции

kriza

Градежниот сектор е стабилен, но не и имун на политичката криза која, според компаниите, предолго трае. Некои од нив, како што соопштенија денеска на прес-конференција во Сојузот на стопански комори, веќе ги чувствуваат последиците и поради тоа не се охрабруваат да почнат нови инвестиции. Ако кризата продолжи, велат, не е исклучено и намалување на бројот на вработените.

Сепак се согласни дека градежништвото во однос на другите сегменти од економијата, најподготвено се соочи со политичката криза.

– Изминатите години градежниот сектор е предводник на економскиот раст во Македонија и поради тоа можеби најподготвен се соочи со политичката криза, а се надевам и ја преброди. Засега, сите параметри покажуваат дека е стабилен, што не е гаранција дека ако кризата продолжи ќе остане така. Зголемен број на одобренија за градба, стабилен пазар на недвижности и немање осцилација во цената, тоа се се показателите дека градежништвото засега е во добра кондиција- истакна претседателот на Градежната комора на Македонија Роберт Хот.

Според генералниот директор на „Адора Инженеринг“ Ванчо Чифлиганец, политичката криза ја забавува бизнис климата и ја девалвира. Ако наскоро не се надмине, директно ќе се одрази врз сите компании.

– Во мојата компанија кризата се чувствува. Немам храброст да почнам нови инвестиции зашто за некои работи што порано можеа да бидат за три дена, сега се чека со месеци. Тоа значи, ако во овој момент имам 400 вработени, а кризата не се надмине, нема да останат ниту 40. Се надевам дека ќе се освестиме дека живееме од бизнисот, даноците и дека кризата ќе се надмине- посочи Чифлиганец.

Мора да се врати поволната бинзис клима како пред две-три години кога, рече, општините, државните институции, министерствата,… беа на највисоко ниво, во функција на компаниите и економијата воопшто.

Градежната комора смета дека цените на становите и пазарот на недвижности ќе останат стабилни.

– Осцилациите од пет до десет отсто годишно се нормални во пазарна економија, дури се и позитивни за бизнисот. Во високоградбата која 99 до 100 отсто е приватна инвестиција, исклучиво пазарот ги диктира условите. Ако има непродадени станови, пазарната логика на сите бизнисмени е дека нема да се гради повеќе. Последниот податок покажува огромен број одобренија за градба издадени последниве денови и квартално, затоа инвеститорите продолжуваат да градат, рече Зоран Азманов од Настел.

Како што укажа директорот на Голден Арт Ивица Јакимовски, погрешна е логиката дека цените на становите треба да паѓаат зашто секое поевтинување значи послаб квалитет.

– Тенденција е цената да расте зашто се вградуваат се поквалитетни материјали, истакна Јакимовски.

Чифлиганец предочи дека во Македонија, посебно во Скопје, цените на становите спрема квалитетот се многу пониски од оние во соседството. Според него, за добар, квалитетн стан 400 евра е само почетната инвестиција, а во текот на градбата се вложуваат уште минимум 600 евра.

– Во однос на Бугарија сме поевтини за 20 до 30 отсто, а во Белград, стан со ист квалитет како начите па и послаб, чини двојно повеќе. Ако се нашите по 1.200 за метар квадратен, таму се по 2.000 до 2.400 евра. Од друга страна, нашите работници се осигурани и имаат добра плата за балкански услови, а ги спроведуваме и сите законски прописи. Оттука, цената е на најниско ниво, потенцира Чифлиганец.

Негов став е дека купувачите бараат и препознаваат квалитет, точно знаат што сакаат.

Според градежниците, засега најбарани се становите со големина од 40 до 60 метри квадратни, посебно во Аеродром, додека во Карпош се бараат и поголеми. Во помалите градови куќите се поатрактивни, затоа продажбата на станови е помала и не се инвестира во нивна градба.

Од прес-конференцијата уште еднаш беше испратена пораката дека најдобра инвестиција при купувањето станови е избирањето т.н. еко-дом, односно стан со сите стандарди за енергетска ефикасност зашто тоа значи дологорочна заштеда на енергија и пари.

Top