вторник, 12 декември 2017 | Вести денес: 75 ново

„Вонезмјанин“ во Скопје

Македонската компанија за анимација и визуелни ефекти ФХ3Х учествуваше во визуелните ефекти на филмот „Вонземјанин: Завет“, продолжение на филмот „Прометеј“ од 2012 година, кој премиерата во Скопје ја има во четврток, 18 мај, во киното „Синеплекс“

Филмот е проект на режисерот Ридли Скот, според сценариото на Џон Логан и Данте Харпер. Носители на главните улоги се Мајкл Фасбендер, Кетрин Ватерсон, Били Крадап, Дени Мекбрајд и Демиан Бишир, кои на вселенскиот брод наречен „Завет“ се упатуваат кон планетата Ориџ 6, со намера да ја колонизираат со 2.000 патници на бродот и преку 1.400 ембриони. Но, неутронски шок бран го оштетува бродот и додека екипажот се обидува да го поправи, добиваат сигнал на емитувана порака од Елизабет Шо, како последица на катастрофалната мисија „Прометеј“. И секако, како во секој одличен увод во добра научна фантастика, наспроти отпорот на дел од екипажот сепак се донесува одлука да се истражи потеклото на сигналот од блиската навидум ненаселена планета.

Кристијан Даниловски, ко-сопственик и еден од основачите на ФХ3Х, за работата на овој проект изјави дека на филмот работел тим од околу 110 артисти во периодот од ноември минатата до јануари оваа година.

– Фановите на жанрот научна фантастика со особено нетрпение го исчекуваат овој филм, како што се исчекува и секој нов проект на Ридли Скот. Освен што е продолжение на филмот „Прометеј“ од 2012 година, ова е шести дел од филмскиот серијал „Вонземјанин“. Верувам дека во четврток сите ќе уживаме – изјави Даниловски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top