среда, 24 мај 2017 | Вести денес: 1 ново

Снимањето на филмот „Дедо и внук“ е при крај

Привршува снимањето на долгометражниот игран филм „Дедо и внук“ на охриѓанецот Илија Пиперкоски.

Овој „целосно охридски филм“, како што го нарече режисерот, започна да се снима на 21-ви април, во истата куќа во стариот дел на Охрид, каде во далечната 1961 година се снимаше првата македонска комедија „Мирно лето“.

– Со оглед на тоа што во филмот се користи охридското наречје, со актерите воопшто немав проблем. Сакав да го направам сето ова што поверодостојно. Во самиот филм имаме охридски фамилии. Иако главниот лик е од Скопје, неговото потекло е од Охрид – рече Пиперкоски.

Филмот е со буџет од околу 400 илјади евра и е копродукција помеѓу Република Македонија и Романија. Агенцијата за филм на Република Македонија за него одвои 16 милиони денари, со поддршка на „Илијан филм“ од Романија.

– Многу се радувам што по „Мирно лето“, ова е прво филмско остварување, целосно реализарано во Охрид, од охридски режисер, потенцира директорката на Агенцијата за филм на Република Македонија, Мими Ѓоргоска – Илиевска.

– За мене причинува огромно задоволство кога се снима некое ново македонско филмско дело. За „Дедо и внук“ можам да кажам дека е една типична приказна која припаѓа токму на овој град, вели Ѓоргоска – Илиевска.

Според најавите на режисерот Пиперкоски, филмот „Дедо и внук“ премиерно ќе биде прикажан во Охрид, во февруари идната година.

Top