петок, 20 октомври 2017 | Вести денес: 111 ново

Изложба „Дарување“ во Музеј на Град Скопје

Во Музејот на Град Скопје, со почеток во 19 часот на 17 мај ќе биде отворена изложбата „Дарови“ од авторите: Славица Христова, Татјана Ѓорѓиовска и Оливера Џартовска Тачевска. Изложбата ќе ја отвори:  Проф. д-р Крсте Богоевски

Дарувањето претставува значајна општествена категорија како чин на меѓусебно внимание, која  е иста во сите култури и историски периоди. Неговата суштина е воспоставување на општествени врски помеѓу поединците и солидарност во заедницата. Тоа е аспект од секојдневниот живот кој навидум делува спорадично и неважно, но сепак е важна категорија на комуникација, која содржи естетска, емоционална, економска, натпреварувачка, морална, рекреативна, мистична и религиозна димензија. Значењето на секој од овие аспекти на дарувањето се менува во зависност од животната ситуација и од карактерот на општествената заедница.

Изложбата “ДАРОВИ” презентира избор на различни етнолошки предмети кои се подарени на Музејот на град Скопје, од жители на градот и неговата околина. Етнолошката збирка на Музејот на град Скопје почнала да се формира во педесетите години на 20.век, која во текот на годините се збогатувала со откупени предмети, но и донации од поеднинци, фабрики и претпријатија, како и етнолошки материјал собран на теренски истражувања.

Подарените предмети се собирани перманентно од формирање на етнолошката збирка во Музејот, но најголемите донации се врзуваат со неколку научни проекти и изложби на етнолошкото одделение, во првите децении на 21.век. Во текот на истражувањето на научниот проект “ЖИВОТОТ ВО СКОПЈЕ  1918-1941”, започнат на крајот на 90-тите години на 20 век., а завршен во 2003 година, со објавување на истоимената монографија, многу од скопските фамилии, на музејот подарија различни предмети од покуќнина, облека и друго. Во текот на 90-тите години на 20.век,  проф. д-р Нијази Лимановски, на музејот ја отстапи целата колекција насловена како “МАТЕРИЈАЛНА И ДУХОВНА КУЛТУРА НА МАКЕДОНЦИТЕ СО ИСЛАМСКА ВЕРОИСПОВЕСТ“, за која колекција беше отворена истоимена изложба во Музејот на град Скопје во 2007 година. Со реализација на изложбата „НАЈУБАВАТА“ во 2009 год., на музејот му беа дарувани неколку невестински фустани. Научниот проект “КУЛТУРНИОТ ИДЕНТИТЕТ НА ГРАДОТ СКОПЈЕ ОД ПЕРИОДОТ ПО ВТОРАТА СВЕТСАК ВОЈНА ДО КРАЈОТ НА 70-ТИТЕ ГОДИНИ НА 20.ВЕК, кој заврши со истоимена изложба во 2012 година, во која соработуваа многу надворешни лица и колеги од музејот, по завршување на изложбата даруваа голем број на предмети. Со ова дарување се создадоа нови музејски збирки, за периодот од крајот на војната, до 70-тите години на 20.век. Се овозможи создавање на нови специјализирани збирки, како што е збирката на техничи апарати, а останатите збирки како облека, покуќнина, мебел и други, се збогатија со предмети од индустриско производство. Етнолошкото одделение постојано ги збогатува овие нови збирки, најчесто со дарувани предмети, кои создаваат можност за проучување и претставување на различни теми од културата и животот на градот во минатото, пред македонската културната јавност.

Чинот на дарување на предмети во музејот, е различен од востановената шема на даровната размена. Тука не се очекува возвраќање со дар. Но, сепак се очекува некаков реципроцитет односно некаква форма на репетитивност. Репетитивност во облик на признание, заведување на сопственоста, потеклото и приказната на даруваниот предмет. Изложбата „ДАРОВИ“, ја остварува репетитивноста во облик на презентирање на даруваните предмети и раскажување на нивната приказна. Истражувањата за предметите секогаш можат да се надополнат, да се збогатат со нови информации за самиот предмет, но и за сеќавањата, емоциите и личниот контекст кои го имал предметот со дарителот.

Дел од тие приказни и предмети се претставени на изложба, со кои се оддава почит, признание и благодарност на сите граѓани и фамилии кои допринеле за збогатување на етнолошките збирки во Музејот. Воедно, Музејот сака да ја одржи и продолжи комуникацијата  со своите посетители и граѓани, кои ја препознаваат важноста и спремноста на музејот да биде вистинското место, кое ќе ги чува, не само нивните предмети, туку и нивните спомени и приказни.

 

 

Top