среда, 24 мај 2017 | Вести денес: 0 ново

Роберт Ристов: Заради филмот посакав да бидам актер

Наидувам на многу позитивни коментари како за целиот филм така и за мојот лик, но тоа не значи дека во иднина нешто видно ќе ги промени работите околу моето „често“ снимање долгометражни филмови, вели Ристов

Неодамна, на Скопскиот филмски фестивал беше премиерата на македонската филмска комедија „Ах, љубов моја неверна“ на Коле Ангеловски во која Роберт Ристов толкува лик на новинар-фоторепортер, кој работи во жолт печат. Неговиот лик беше еден од тие на кои публиката реагираше со громогласно смеење. Ристов е актер во Театар Комедија, но е ангажиран и со голема љубов работи и во независниот театар „Крик“. Освен во театарски претстави публиката го памети и по реклами, серии, ТВ-приказни. За „Суперхикс“ го сними и спотот за „Луда главо“, а сега почна со подготовката на својата магистерска претстава по режија.

 

Какво искуство носите од снимањето на филмот?

РИСТОВ: Снимањето на филмот за мене беше вистинско уживање. Да се работи комедија на филм со Коле, со моите колеги од Театар Комедија и со колегите гости, секој „одлепен“ на свој начин, значи да уживаш на сет газејќи се од смеење, заради сите оние будалаштини и глупости што ги правевме. Владееше убава позитивна атмосфера. Екипата зад камери е еден неповторлив тим со кој и по завршувањето на снимањето продолживме да се дружиме и да комуницираме. Дај Боже сите идни филмски проекти да ни се вакви.

komedija 4 (Custom)

Филмот е направен по истоимената претстава со која пред пет години почна со работа Театар Комедија. Актерската екипа е речиси иста. Актер сте што работи и на сцена и на филм. Што Ви се допаѓа повеќе, што повеќе „Ви лежи“?

РИСТОВ: Што се однесува до театарот, можам слободно за себе да кажам дека имам богата театарска биографија. Имам сработено и многу телевизииски проекти: неколку ТВ-филмови, серии, ТВ- приказни, реклами. Што се однесува до играта пред филмска камера, исто така, имам искуство во десетина краткометражни филмови. „Ах љубов моја…“ е мојот прв долгометражен филм. Наидувам на многу позитивни коментари како за целиот филм така и за мојот лик, но тоа не значи дека во иднина нешто видно ќе ги промени работите околу моето „често“ снимање долгометражни филмови. Филмот е мојата прва љубов. Заради филмот и посакав да се занимавам со оваа професија, но попатно многу го засакав театарот, така што најдобро би се чувствувал ако ги работам и двете. За тоа што повеќе ми „лежи“ немам јасен став, ја немам дистанцата, но знам дека и двете ги работам со љубов. Мразам кога нѐ класификуваат како театарски или филмски актери. Сигурен сум дека добриот филмски режисер, кој умее добро да го води актерот низ снимањата, и од тој со најмало филмско искуство може да извлече прекрасни резултати. Неодамна го гледав краткометражниот филм на Ана Јакимска „Ќе дојдат децата“, каде што Шенка Колозова, актерка што досега ја немам гледано на филм, растури со ликот на старицата и покажа дека на филм може да се носи со кој било квалитетен европски филмски актер.

 

Што значи да се работи со Коле Ангеловски? Што научивте од него?

РИСТОВ: Тој е еден неуморен театарски и филмски работник, полн со креативност и со животна енергија. Преведува, адаптира, пишува свои комедии, режира во театар, на филм, а додека го прави тоа, полн е со идеи и со предлози. Пред снимањето на филмот, некако сите бевме уплашени од тоа како ликовите од театарската претстава ќе ги адаптираме за филм. Како сето тоа да биде помалку експресивно, да ја смириме играта… Тој нѐ гледаше и ни се чудеше на умот. И, вистина, секаде каде што се обидовме да спуштиме во играта паѓаше динамиката, ја немаше комедијата, не функционираше сцената. Така што најчесто го враќавме тоа што како игра го имавме и во театар. Како тоа се игра онесвестувањето од лошиот здив на Мијалче во претстава, а колку е тоа поинаку за филм? Постојат сценарија што се жанровски толку јасно определени, што секое оддалечување од него значи погрешна насока. Од Коле секогаш има што да се научи!

komedija 3 (Custom)

На Скопскиот филмски фестивал премиера имаше и краткометражниот филм „Чевли“ во кој, исто така, имате една од главните улоги. Опишете ни го ликот што го толкувавте.

РИСТОВ: Чистачот на прозорци е татко на малолетно дете, кое го носи со себе по раскрсниците и заедно заработуваат за корка леб. Тој е човек од тие што се родени и оставени на улица и живеат на маргините на општеството. На својот син му го пренесува сето свое знаење што е потребно за опстанок на улица, каде што важат правилата дека само со насилство, агресија, кражба и деликти си главен и ги добиваш работите. Во една таква улична кражба на чевли, кои насилно му ги земаат на питачот, таткото е брутално претепан, а синот во афект, во одбрана на својот татко го убива противникот. Филмот е на Бранко Костевски, во кој како режисер користи еден исклучително суптилен јазик во водењето на приказната со примеси на хорор-моменти. Заради својата впечатлива естетика, по многу нешта се издвојува од другите режисери, што е доказ дека му претстои одлична режисерска кариера.

 

Вработен сте во Театар Комедија, но членувате и во театар „Крик“ и со претставите имате и гостувања низ Македонија. Потребна ли е независна театарска сцена во Македонија? 

РИСТОВ: Сметам дека секогаш и секаде е потребна независна сцена. Работата во институција подразбира сигурност во однос на месечните примања и продукција на три до четири проекта на годишно ниво, за кои се обезбедени средства од Министерството на култура. Имате своја сопствена матична сцена за проба и за изведби, логистика и цел тим што работи во процесот на продукција, маркетинг и сѐ што е неопходно да се сработи, добие и продава добар уметнички продукт. Уметникот во таква една консталација е растоварен од сите други обврски и може многу пофокусирано да си се занимава со својата уметничка креација. Има актери што се задоволуваат со една одиграна претстава на годишно ниво, но има и такви што би сакале да играат во секоја. Некој сметаат дека матичниот театар не им ја овозможил вистинската шанса, има актери и режисери што се невработени или сѐ уште студираат и сакаат да прават театар, други, едноставно, се зависници од работа и ним никогаш не им е доста од работа. Токму заради таквите постои таа независна продукција. Независната продукција во најчест случај подразбира тим од уметници-ентузијасти што самите ја преземаат одговорноста за уметничкиот дел, но и продукцискиот дел, соочувајќи се попатно со еден куп пречки на кои наидуваат во процесот на подготовки и на продажба на претставите. Верувајте ми, не секој од театарџиите се нафаќа на овој тип работа и не го прифаќа ризикот од процес во кој најчесто почнуваш без ништо. Како за пример ќе споменам дека за последната вечерна претстава „Првин ќе ме земеш, после ќе ме…“, покрај продуцентскиот дел, ја презедов и обврската за креација и изработка на сценографијата. По ходниците во театар ме сретнуваа колеги актери со бормашина и со четка за боење в рака чудејќи ми се на умот што правам во деновите кога театарот е затворен. Сепак, да не излезе дека сам го изработив сето, имав и помош. Најважното е што Театар Комедија ни ја отстапи сцената за проби и за изведби. На сите многу сме им благодарни за помошта.

Но, верувајте дека не секој актер и режисер сака на турнеите сам да ја товара, растовара и да ја мести сценографијата. Но, од друга страна, тоа значи дека играте во претстава за која сами сте го избрале текстот, сте ја направиле поделбата, сами сте нашле спонзори или вложиле свои лични средства и од вас самите зависи иднината на продуктот. Често овие претстави знаат по многу нешта да бидат иновативни, но и да донесат одредена дополнителна заработка. Со нашите претстави гостуваме по домови на култура, училишта и по градинки низ цела Македонија. Понекогаш и во места каде што првпат се изведува театарска претстава, што е вистинска радост за локалните жители, но и за сите нас како уметници.

komedija (Custom)

Оваа година е мошне успешна за Вас. Освен со матичниот театар, работите со театар „Крик“, имавте две филмски премиери, а неодамна беше емитуван и спотот на „Суперхикс“ во кој толкувате една од главните улоги.

РИСТОВ: Ова е спот за кој, заедно сопругата, бевме ангажирани како двојка, и сметам дека финалниот продукт е нешто поинакво од тоа на што сме навикнати да го гледаме во музичките спотови. Песната на „Суперхикс“ „Луда главо“ од прво слушање „ме купи“ и мислам дека спотот само дополнително ќе помогне во промоцијата на песната.

 

Кои се Вашите идни планови?

РИСТОВ: Во моментов работам на мојата магистерска претстава по режија. Енергијата и мислите ми се насочени кон тоа. Со подготовките почнавме од пред само неколку дена. Во поделбата имам прекрасни актери. Овој процес ми значи многу и тоа што го посакувам е сите ние што сме во него, да уживаме во креирањето, да бидеме задоволни со финалниот продукт и, секако, да имаме многу репризи.

Разговараше: Александра М. Бундалевска
Фото: Александра Ивановски
(Текст објавен во 245. број на неделникот „Република“, 12.05.2017)

Top