петок, 18 август 2017 | Вести денес: 49 ново

Отворена изложбата „Никола Мартиноски, почетоци 1919-1929“ во Мала станица (галерија)

Изложбата со наслов „Никола Мартиноски, почетоци 1919-1929“ беше отворена синоќа во Мала станица со почеток во 20 часот…

 „Никола Мартиноски – почетоци, 1919-1929 година“ обединува триесеттина слики кои го прикажуваат развојниот пат на Мартиноски во најраниот период од неговата кариера, и за првпат македонската јавност има прилика да види кохерентен приказ на еден период од неговото творештвото.
18403332_1366089186801179_6952050805315127124_n

Изложбата започнува со првите сликарски обиди на Мартиноски, вклучувајќи ја тука и сликата „Пејзаж“ – од приватна колекција во Скопје – која е веројатно најстарото зачувано дело на Мартиноски. Сликата може да се датира во 1919 година, во време кога Мартиноски се уште бил дел од работилницата на последниот македонски зограф – Димитрие Папрадишки.

Од седумгодишниот студиски престој на Мартиноски во Букурешт, како студент на тогашната Школа за убави уметност, овдека се претставени повеќе слики. Од времето кога тој го слушал основниот курс на Школата (во периодот од 1920 до 1924 година) треба да се издвојат „Мртва природа со череп“ и „Девојка крај клавир“. Додека пак малечката „Во поле“ го симболизира новиот правец на уметноста на Мартиноски кој започнува во моментот кога тој го запишал специјалниот курс по сликање на Школата во Букурешт, во класата на Камил Ресу, во 1925 година.

18425140_1366088686801229_3133884002337026004_n

Краткиот престој на Мартиноски во Париз (од крајот на 1928 до крајот на 1929 година) на изложбата е “илустриран“ со дела како „Женски портрет“ – од приватна колекција во Скопје – и крушевската „Глава на жена“. Дела кои јасно ја прикажуваат промената на ликовниот израз на младиот уметник, која настанува по неговото соочување со модерната уметност во Париз.

Сликите од Музејот во Смедерево „Девојка со грне и младич“ и „Охридски рибари“, како и делата „Романски селанки во пејзаж 1 и 2“ (двете од приватни колекции во Србија), „Циганка што пие кафе“ (во сопственост на Националната галерија на Македонија) и „Под распетието“ (приватна колекција Скопје), се меѓу првите сликарски обиди на Мартиноски по враќањето во Македонија, а воедно тоа се и делата што тој ги излагал на својата прва самостојна изложба во Скопје во 1929 година.

Дополнително, „Никола Мартиноски – почетоци, 1919-1929 година“ е збогатена со неколку фото-репродукции на дела кои се оштетени или не беа во можност да патуваат до Скопје.

Top