сабота, 27 мај 2017 | Вести денес: 55 ново

Тоа сме ние Панчо и Андреј: Немавме ни за автобус, но Универзумот виде колку вистински посакувавме

dnk

Викендов со голем концерт во „Метрополис арена“, ар-ен-би дуото „ДНК“ ќе прослави 15 години на македонската сцена. Владимир Блажев-Панчо се потсети на почетоците со неговиот, пред сѐ, пријател и колега, Андреј Ѓошевски.

– Се запопочна спонтано. Почнавме како деца со искрена љубов кон музиката. Ентузијасти пред се, без ничива помош. Често исмејувани дури и од блиските другари и пријатели. Неприфатени од новинарите, а спонзорите ни спуштаа телефон уште недокажани…Работевме конобари, шанкери, рецепционери, продавачи, менаџери по кафулиља, флотери по туѓи земји, идевме пешки од еден крај на градот до друг бидејќи немавме пари ни за автобуска карта, а кола и бензин беа мисловна именка за нас. Пиевме туѓи пијачки по диска, бегавме од бурекџилници бидејќи немавме да платиме после град. Носевме едни исти патики, маици, дуксови и јакни долго време бидејќи нашите родители едноставно немаа. Но, ништо од тоа не ни беше пречка да веруваме силно во тоа што го сакаме и во тоа што сакаме да го работиме искрено и од срце – напиша Блажев денеска.

Панчо вели дека некогаш во животот сѐ е тест испратен одозгора да види Универзумот колку вистински го посакуваш тоа за кое си допрен од Бога.

– Нема да кажам дека сме успеале, но со гордост ќе кажам дека сме останале луѓе и не се срамиме буквално од ништо во минатото. Тоа сме ние Панчо и Андреј. За некој неталентирани, за некој фејкери, за некој мамини и татини синови. И после 15 години ние сме истите овие гилиптари кои ги гледате на оваа слика, малку подостарени, кои работат чесно и се трудат исто како да е старт на нивната кариера. Секогаш достапни на сите, секогаш колегијални и спремни за помош во секое време. Ви благодариме на сите оние кои верувавте и неверувавте во нас. Они кој не миниравте но и оние кој секогаш ни ја дававте вашата безрезервна поддршка. Се гледаме во петок!  – порача тој од негово и од името на Андреј.

Top