петок, 28 јули 2017 | Вести денес: 67 ново

Д-р Витановска: На стари години нема здрав човек

Старите луѓе се специфични. Кај нив е намален слухот, ориентацијата во време и во простор, намалено им е движењето, координацијата на движењата е забавена, лесно може да испуштат некој предмет од раце. Сите имаат некои мани. Староста е физиолошка состојба, која е нормална, вели Витановска, специјалист по семејна практика

Речиси нема здрав човек на стари години. Возрасните лица во поодминати години често не се свесни дека се во таква состојба и велат дека се млади, способни и можат да ги извршуваат сите работи со ист елан и жар како порано.

Но, душата, можеби, е млада, но телото остарело. Тие мислат дека можат сѐ и тука се случуваат инциденти. Тешко им е да поминат улица, да пазарат, да одат в банка, да извадат пари од банкомат. Староста може да биде убава ако сме свесни дека луѓето остареле и се со намалени физиолошки функции, но треба да им се обезбеди квалитетен живот, вели во разговор за „Република“ доктор Ирена Витановска, специјалист по семејна практика.

Најчесто, во домовите за стари лица се применуваат две програми – за згрижување и за нега на корисници, кои можат да се грижат за себе, односно корисници што имаат одреден степен на независност, како и програма за згрижување и за нега на лица на кои им е потребна целосна нега и грижа. Тие лица имаат потреба од секојдневна помош при јадење, облекување, одржување лична хигиена и кај овие корисни задолжително се применува физикална терапија. Во оваа категорија се сместени лица со деменции, мозочни и срцеви удари, хронични заболувања. За нив се грижи тим составен од лекар, медицински сестри, физиотерапевт, негувателки.

Невозможно е да има сосема здрав човек на стари години. Многу е веројатно дека ќе се појави дементност, проблем со простата кај мажите, или, пак, парализа по претрпен удар, проблеми со кардиоваскуларниот систем, потоа со хронична опструктивна белодробна болест. Староста како состојба не е лесна. Затоа е потребен 24-часовен надзор за стари лица, смета д-р Витановска.

dr-Irena-Vitanovska-2

Што сѐ подразбира грижата за стари лица?

ВИТАНОВСКА: Грижата за стари лица подразбира комплетна социјална и здравствена грижа, сместување во дом за стари лица. Во домовите има лица за кои домашните не можат да се грижат, а кои се во тешка здравствена состојба. Поради тоа, во домовите постои комплетна медицинска екипа составена од медицински лица, физеотерапевти и од негувателки. Воспоставен е и хигиенско-диететски режим.

Кои се најчестите пациенти во домовите за стари лица?

ВИТАНОВСКА: Има различни пациенти, со различна дијагноза. Најчесто тоа се пациенти што не можат да ги чуваат дома, а им е потребна 24-часовна нега и заштита. Тоа се пациенти што по мозочен удар остануваат парализирани, потоа пациенти што имаат деменција и не знаат каде се наоѓаат. Ним им е потребна редовна терапија. Дел од пациентите се подвижни, меѓутоа нивните роднини се во странство и тогаш на домашните им е посигурно старите лица да бидат сместени во домови и на тој начин да ги заштитат. Има случаи во практиката кога, на пример, едно возрасно лице во поодминати години е фиксирано на идејата да пали гас. Тоа не може да се грижи ниту за себе, ниту за други лица. Може да ја запали цела зграда, на пример. Затоа е подобро да биде сместено во дом или да има 24-часовна грижа и заштита.

Постои ли возрасна граница на пациентите што се во домовите за стари лица?

ВИТАНОВСКА: Кога станува збор за болест, не постои возрасна граница. Некои се разболуваат и порано, а нема кој да се грижи за нив. Затоа се потребни вакви установи каде што стручни лица може да се грижат за нив. Негата е за долг период. Но, во некои домови за стари лица можно е да згрижуваат лица на дневна основа. Има пример со еден случај каде што човекот не се ориентира во време и во простор. Секое утро го носат пред семејството да замине на работа, а го земаат пред крајот на денот.

Тешка ли е староста?

ВИТАНОВСКА: На стари години речиси нема здрав човек. Старите луѓе се специфични. Кај нив е намален слухот, ориентацијата во време и во простор, намалено им е движењето, координацијата на движењата е забавена, лесно може да испушти некој предмет од раце. Сите имаат некои недостатоци. Основно е што е намален слухот и имаат слаба ориентација. Староста е физиолошка состојба, која е нормална. Во старост се случува намалување на сите телесни функции со текот на годината. Невозможно е да има сосема здрав човек на стари години. Многу е веројатно дека ќе се појави дементност, проблем со простата кај мажите, или, пак, парализа или удар, проблеми со кардиоваскуларниот систем, потоа со хронична опструктивна белодробна болест. Староста како состојба не е лесна. Затоа е потребен 24-часовен надзор за стари лица.

Свесни ли се старите лица за состојбата во која се наоѓаат?

ВИТАНОВСКА: Кај старите луѓе не постои свесност дека се наоѓаат во таа состојба. Секојпат велат: Јас можам, млад сум! Душата, можеби, е млада, но телото остарело. Тие мислат дека сѐ можат и тука се случуваат инциденти. Тешко е да ја помине улицата, да пазари, да оди в банка, да извади пари од банкомат. Има пациенти што ги загубиле и кредитните картички. Староста може да биде убава ако сме свесни дека луѓето остареле и се со намалени физиолошки функции, но треба да им се обезбеди квалитетен живот.

Раз­го­ва­ра­ше: Але­ксан­дра М. Бун­да­лев­ска
Фото: Дејан Станчевски
(интервјуто е објавено во 243. број на неделникот Република кој излезе во печат на 28.4. 2017)

Top