петок, 22 септември 2017 | Вести денес: 111 ново

Сардич МЦ: Рудникот „Казандол“ е еколошки безбеден

rudar

Од еколошки и безбедносен аспект по здравјето на луѓето, компанијата Сардич МЦ Дооел Скопје ги презеде сите мерки за почеток на производството на бакар без штетни влијанија врз луѓето и околината, беше нагласено на денешната презентација на рударскиот комплекс „Казандол“ што се одржа во седиштето на компанијата во Пирава.

– Дојдовме тука да работиме долго и да живееме со нашите семејства затоа што „Сардич“ ќе врши безбедно ископување на руда и безопасно производство на бакар. Во тој поглед, најкомпетентните светски компании направија независни експертизи на сите проблеми кои евентуално би можеле штетно да влијаат на животната средина. Од нив ги добивме сите можни дозволи за работа со што ги исполнивме нашите обврски според строгите македонски закони и стандардите на ЕУ, истакна Генадиј Сичов, потпредседател на инвеститорот „Копер Инвестмен“.

Директорот на „Сардич МЦ“ Бошко Сибиновски потенцира дека здравјето на луѓето, заштитата на животната средина, интересите на граѓаните на Валандово и транспарентниот начин на комуникација со нив претставуваат основни приоритети на компанијата.

– Во тој поглед изработивме стотина елаборати од сите можни аспекти затоа што да се продаде денеска метал на Лондонска берза мора да се поседува сертификат дека не загадува, рече Сибиновски и нагласи дека земјата од рудникот и околината ќе биде незагадена и подложена на ремедијација со што ќе може да се користи за земјоделство и овоштарство.

rudar2

И од лабораторијата „Технолаб“ потврдуваат дека се преземени сите еколошки и безбедносни мерки.

– Во поглед на заштитата на животната средина и здравјето на луѓето направивме комплетно снимање на воздух, површински и подземни води, земја и бучава од сите мерни точки. Добивме таканаречени „нулта резултати“ кои треба да не отстапуваат кога ќе ги споредиме со резултатите од истите мерења кои ќе ги извршиме по почетокот на работата на рудникот „Казандол“, подвлече Магдалена Трајковска – Трпевска од лабораторијата „Технолаб“.

За изработка на сите проекти и вршени анализи за заштита на животната средина, инвеститорот одвоил 3,5 милиони евра или 10 отсто од вкупната инвестиција на проектот која изнесува 35 милиони евра.

Top