сабота, 24 јуни 2017 | Вести денес: 39 ново

Лазаров: Сакам да играм со Македонија на Олимпијада

kire lazarov

Капитенот на македонската ракометна репрезентација Кирил Лазаров во интервју за шпанскиот најтиражен спортски весник „ДИАРИО АС“ говореше за скоро сите актуелни теми поврзани со неговиот клуб, репрезентацијата и приватниот живот. Македонскиот ас откри и зошто ги менува клубовите и лигите и никаде не се задржал повеќе од пет сезони.

– Се сметам себе си за светски патник и пет години на едно место е доволно време и имаш потреба да менуваш. Ако немаш мотивација да останеш на едно место, колку и да сте добри, не вреди ништо – искрен е Кире.

Потоа најдобриот македонскиот ракометар ги образложи причините за неговиот следен избор и преминот во Нант на истекот на договорот со Барселона.

– Причината за моето заминување од Барселона не е од економска причина, туку заради траењето на договорот што ми беше понуден. Иако имав други понуди, но таа на Нант беше најдобра. Потпишав договор на две сезони со опција за трета за клуб кој напредува, кој игра во Лигата на шампионите, кој го победи ПСЖ во домашното првенство, има амбиции за игра во силните квалитативни групи во ЛШ и има неверојатна публика – вели Лазаров.

Иако има 36 години Кирил Лазаров уште има зацртани цели за остварување во клубот и репрезентацијата.

kire lazarov 3

– Би сакал да ја освојам втората Лига на шампиони со Барселона и да играм на Олимписките игри со Македонија. Двапати стигнавме до квалификациите, но не успеавме. Да се пласираме во 2020 година во Токио ќе биде многу тешко, но ќе одиме чекор по чекор, година по година. Дај Боже да ги избегнам повредите и да го задржам моето ниво. Ќе биде како сон кој станува стварност да се квалификуваме – искрен е десниот бек.

В недела во „Шпаркасе арената“ Лазаров и соиграчите го играат првиот четвртфинален натпревар од Лигата на шампионите против Кил, а реваншот е шест дена подоцна во „Палау Блауграна“.

Top