петок, 20 октомври 2017 | Вести денес: 1 ново

„Си-Ен-Ен“: САД се подготвуваат за формално обвинување и апсење на Џулијан Асанж

Американските правосудни власти се подготвуваат за покренување формално обвинение за основачот на Викиликс, Џулијан Асанж и за негово апсење, јавува Си-Ен-Ен, повикувајќи се на извори во Министерството за правда.

Откритието на оваа телевизиска компанија доаѓа откако новиот директор на ЦИА, Мајк Помпео го обвини Викиликс дека дејствува како непријател на САД, а Државниот обвинител Џеф Сешнс вчера рече дека „апсењето на Асанж станува приоритетно прашање“.

Промената во позицијата на американските власти кон Викиликс и Асанж„ што се провлекува безмалку седум години, се објаснува со откривањето нови моменти во случајот.

Според Си-Ен-Ен, откриени се докази дека Асанж му помагал на Едвард Сноуден во неговото обелоденување на украдените класифицирани документи на Националната агенција за безбедност (НСА) пред тој да побегне, преку Хонг Конг, во Русија, каде и сега престојува.

Министерството за правда на САД, својата прва истрага ја започна уште во 2010 година, кога Викиликс објави илјадници доверливи и тајни документи на американската влада, што ги украде поранешниот аналитичар на военото разузнавање, сега познат како Челси Манинг.

Формално обвинување, сепак, не беше подигнато поради правните пречки што ги носи првиот амандман на американскиот Устав.

Објаснувањето тргнуваше од тоа дека Викиликс не беше единствениот медиум што ги публикуваше украдените документи, затоа што тоа го направија и некои американски весници, како „Њујорк Тајмс“.

Минатата недела, директорот на ЦИА, Помпео кој беше поставен од новиот американски претседател Доналд Трамп, откри нови детали за случајот, за тоа дека Викиликс и Асанж му рекле на Манинг да префрли „специфични тајни информации, а посебно оние кои се однесуваат на САД“.

Помпео смета дека Викиликс дејствува како „невладина непријателска разузнавачка агенција“ која често е поврзана со држави, каква што е Русија.

Според неговото објаснување, Асанж не може да се повикува на првиот амандман на Уставот, затоа што не е државјанин на САД.

Џулијан Асанж, поранешен австралиски хакер, од јуни 2012 година, се крие во зградата на Амбасадата на Еквадор во Лондон, за да не биде екстрадиран во Шведска , каде е осомничен за сексуално насилство.

Во текот на предизборната кампања во САД, Асанж застана зад републиканскиот кандидат Трамп, објавувајќи непосредно пред гласањето, хакирани докуманти на американската Демократска партија, што требаше да и наштетат на Хилари Клинтон.

Top