вторник, 12 декември 2017 | Вести денес: 125 ново

Формалните претпоставки не се доволни за да се додели мандатот

Проф. д-р Јованка Кепеска

Проф. д-р Јованка Кепеска

Претседателот Иванов не го доделува мандатот на новосоздаденото мнозинство во Собранието за состав на Владата бидејќи не се отстранети правните и политичките пречки за тоа. Потребно е да се има предвид дека формалните претпоставки не се единствениот основ за да се додели мандатот за составувањето на Владата а притоа да се пренебрегнат пречките што имаат суштинско значење и се поврзани со уставните прерогативи во однос на дадената програмска основа. Во исто време кога постизборната Тиранска платформа која подршка има од албанските политички партии и од СДСМ, ја нема и од ВМРО ДПМНЕ, како победничка партија на последните избори, и кога огромното мнозинство од народот со демонстрациите се спротивставува таа да биде основа за дејстувањето на Владата. Фактичката состојба покажува дека нема општествен договор за остварување на Тиранската платформа поради што неизбежен е заклучокот дека, доколку таквата платформа не се отфрли преку дебатата во Собранието, неминовна е потребата да се побара нова проверка на народната волја, на нови избори. Надминувањето на разликите во политичките гледања, доколку не се случи во Собранието, јасно е дека нивното разрешување единствено е можно преку одново искажаната волја на граѓаните на избори.

Таквиот епилог е логичен затоа што новите избори се вистинското демократско решение за надминување на политичката конфликтност во врска со понудената Тиранска платформа која бара редефинирање на уставниот систем и карактерот на државата. А со тоа и излез од политичката криза.

Со оглед на дадената политичка ситуација евентуалната средба на лидерите на политичките партии, што Али Ахмети ја наговести, пред неколку дена, како можна и како потребна за да се оствари, оправдано е да биде организирана единствено за договор за новите избори.

Единствена задача на таквата средба би била да се направи договор околу техничките прашања за одржувањето на изборите, за  времето кога тие да се оджат и како да се обезбеди нивната организацијата. Дотолку повеќе што постои техничка Влада која би можела да ги организира предвремените избори.

Потребно е да се укаже дека јавноста, како неприфатливи, не ги одобрува средбите што се одржуваат во тесен круг какви што се средбите на лидерите и слични, на кои се договараат програмски аспекти, наместо во Собранието и во рамките на установениот правно-политички и институционален систем. Дезавуирајќи ја на таков начин демократијата.

Јавноста бара, да се остваруваат залагањата за правна држава и за почитување на институциите и да се престане како решение за излез од политичката криза,  да се наметнува потребата за средба на лидерите на политичките партии на која се донесуваат одлуки. Односно на евентуалниот таков состанок да се избегне содржинското навлегување во аспектите кои можат да навлезат во промени на правниот и политичкиот систем односно создавајќи евентуални отстапки  политичките партии да се обврзат при заземање на ставови во Собранието и во однос на формирањето на Владата и нејзината програмска определба .

Во минатото се покажа дека таквите договори поради политичките калкулации донесоа неквалитетни одлуки што создаваа криза на системот и го нарушуваа нормалниот тек на политичкиот процес.

Таквите средби не само што излегуваат надвор од институционалните рамки туку, искуството покажа, дека, вообичаено, давајќи отстапки, создаваат инцидентни решенија.

Демократските разговори се водат и потребно е да се исцрпат во дебатата во Собранието. Да соответствуваат притоа со релевантните сознанијата од политичката теорија, познавање на уставно-правниот и институционален систем како и на практиката во демократските држави.

Излезот од кризата единствено затоа може да се случи преку решенија кои се создаваат во рамките согласно формално-правната поставеност на институциите и на политичките чинители, во рамките на што можат единствено и да се разрешуваат и да се надминуваат разликите.

Оттаму и предложениот Манифест на ВМРО ДПМНЕ, Платформата на албанските партии, Програмата на СДСМ потребно е да се разгледувааат, подлежат на сеопфатна критика и да се прифатат или да се отфрлат во Собранието на Републиката, како пат да се дојде до вистинските решенијата за излезот од кризата.

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top