недела, 23 септември 2018 | Вести денес: 2 ново

Секојдневните маки имаат научно објаснување: Зошто ни се одврзуваат врвките додека одиме

Иако овој проблем се чини наивен, во светот неретко се случуваат несреќи како последица на одврзани врвки од обувките.

Така, слушаме вести дека еден возач прегазил мотоциклист кога врвките му се обвиткале околу педалот за гас, дека ескалатор му ја зграбил ногата на некое дете чии врвки биле одврзани и му се заглавиле во механизмот за движење, а еден велосипедист од истите причини влетал главечки во сообраќајна гужва.

За да можат конечно да ја откријат причината за оваа појава, тројца инженери од Калифорнискиот универзитет во Беркли, го забележале овој процес со камера, го забавиле и го проучувале кадар по кадар.

„Јазолот попушта за неколку секунди, а кога еднаш ќе се разлабави, невозможно е тој процес да се прекине“, наведуваат научниците.

Снимките покажале дека врз одврзувањето на јазлите влијаат две главни сили – онаа која го прави наглиот удар со стапалото на дното, во комбинација со замавот напред на стапалото, што следи непосредно после тоа.

„Кога трчате, вашето стапало удира на тлото седум пати посилно од силата на гравитацијата, што предизвикува растегнување на јазолот, а со тек на времето и негово попуштање. Во моментот додека јазолот попушта, човекот прави замав напред со стапалото, со што се врши дополнителен притисок“, вели научничката Кристин Грег.

Овој процес со времето доведува до одврзување на јазолот и отпуштање на врвките.

Резултатите покажале дека најсилен е т.н. квадратен јазол, кој е симетричен, додека за послаб се смета „лажниот јазол“. Двата јазли се одврзуваат на ист начин, со тоа што квадратниот јазол е значително посилен во однос на лажниот.

Истражувањето е објавено во магазинот „Proceedings of the Royal Society A“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top