недела, 23 јули 2017 | Вести денес: 36 ново

„Охридско лето“ доби ново лого, а ќе се отвори со музички спектакл на џез квартетот „Форплеј

Фестивалот „Охридско лето“ денеска на прес конференција ги соопшти програмските содржини  кои ќе го одбележат годинешното, 57-мо по ред издание на најреномираната музичко-сценска манифестација во нашата земја.

-Со особено задоволство би сакала да истакнам дека во рамките на годинешното, 57 по ред издание на фестивалот „Охридско лето“ македонската публика ќе има можност да проследи навистина голем број на екслузивни настани, квалитетна и богата програма и во музичкиот и во драмскиот дел на манифестацијата. Во програмата за оваа 2017 година   се содржани преку 40 музички настани  од сите жанрови, 10 театарски претстави и повеќе изложби. Република Македонија и нашата културна престолнина, градот Охрид ќе бидат домаќини на над 300 врвни уметници, изведувачи и автори од 20 земји од целиот свет, од  Кина, Индонезија, САД, Холандија, Италија, Руската федерација, Австрија, Канада, Полска, Шпанија, Грција, Црна Гора, Хрватска, Турција, Бугарија, Романија, Данска, Ерменија и други земји, рече министеркста за култура Елизабета Канческа-Милевска.

Оваа година фестивалот свечено  ќе биде отворен со музичкиот спектакл на  џез квартетот „Форплеј“ кој во својата интерпретација вклучува елементи на Ар-енд-Би и поп музика.

-Квартетот кој во последните години ја воодушевува светската јавност со своите  истражувања во откривањето на безграничните димензии и пермутации на џезот, на Антички театар ќе настапи заедно со оркестарот на „Македонската филхармонија“  под  диригентската палка на Емин Џијан. Уверена сум дека на 12 јули на Античкиот театар ќе бидеме сведоци на едно несекојдневно уметничко доживување, кое ќе ја освои и стручната јавност и македонската публика, истакна селекторот на музичката програма Ѓорѓи Цуцковски.

По свеченото отворање следуваат низа  на ексклузивни настани меѓу кои се : музичко-сценскиот спектакл „Вивалдиано“ кој со целокупната аудио –визуелна технологија која е дел од проектот претставува врвен мултимедијален перформанс, настапот на  оркестарот „Армониа Атене“ од Грција кој ќе настапи на барокни инструменти, концертот на на енергичниот виртуоз на харфата, Емануел Сисон од Франција, концертот  на духовна музика на машкиот манастирски хор „Оптима Пустина“ од Руската федерација, настапот на врвната пијанистка Лилја Зилберштајн, концертот  насловен како  „Рок Синфони“ на македонската музичка легенда Влатко Стефановски, концертите на македонските  музички уметници како Костадин Богдановски, Марија Ѓошевска, Климент Тодоровски, традиционалниот концерт на оркестарот на Музичката младина на Македонија   и многу други претставувања.

Оваа година и драмскиот дел на фестивалот изобилува со исклучителни настани,  со внимателно конципирана селекција на претстави на театри од: Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Романија, Бугарија…..

-За љубителите на театарот ќе ги издвојам гостувањата на Камерниот театар 55 од Сараево со  претставата „Жаби“ која е приказна за луѓето и времето во кое живееме, „Отело“ во продукција на Театарот на бугарската армија од Софија, концертното шоу „Меџик нешнл“ во режија на Јон Карамитру  во продукција на Националниот театар од Романија, а премиерно ќе бидат изведени и  претставите „Човек, ѕвер и крепост на Луиџи Пирандело на Театарот Комедија, „Кралот Лир “ на Турскиот театар и уште многу други претстави на театрите од земјава, информираше селекторот за драмската програма Зоран Љутков.

Охрид како град на културата навистина треба да понуди комплетно уживање за публиката и врвните уметници и како што информираше директорот на фестивалот, Оливер Арсовски комплетно се уредени фестивалските сцени, а дел од нив добиле сосема нов лик.

-Сцената на Долни Сарај е комплетно реновирана, поставена е нова санитарна инсталација, поставен е нов енергетски систем, направени се и комплетно нови гардероби за уметниците. Поставивме и заштитни огради, а сцената конечно доби функционален под. На Античкиот театар се санирани сите дрвени површини, а во тек се и активности со кои предворјето на Света Софија ќе добие комплетно ново гледалиште, информираше Арсовски.

DSC_0006

Арсовски пред присутните  го претстави и новото лого кое содржи 4 симболи: самоиловата тврдина, како главна карактеристика на градот, поставена на грбот на градот Охрид, бранови-како симбол на езерото, маска-симбол поврзан со почетоците на театарот и харфа-како симбол за префинета музика и инструмент за кој знаеле уште старите цивилизации. Логото го изработи Томе Колев од агенцијата „Оватион Адвертајзинг“.

 

Top