недела, 23 април 2017 | Вести денес: 100 ново

„Скопје креатива“ од 4 до 6 мај во МКЦ

Омилениот урбан културен настан „Скопје креатива 2017“ оваа година ќе се одржи од 4-6 мај, во Младинскиот културен центар.

Првото издание се одржа во 2012 година во Градскиот парк и на него публиката имаше можност за прв пат да ги види уникатните дизајнерски решенија на бројни македонски компании и самостојни уметници, кои создаваат производи со исклучително квалитетна уметничка и естетска вредност, а од кои нашето општество има индустриски и економски бенефит. Следуваше првата меѓународна конференција за креативните индустрии на „Скопје креатива“ каде теоријата почна да се преточува во практика, а откако организаторите го воведоа терминот креативни индустрии, денес веќе, во пресрет на шестото издание, слободно можеме да кажеме дека тој стана препознатлив и широко прифатен и кај нас.

-Фестивалот има за цел да поттикне развој на креативните индустрии, за што е потребна едукација на граѓаните и на младите за создавање нови производи.  Преку развивањето вештини и интензивирање на соработката меѓу секторите култура и економија ќе биде исполнета крајната цел – креативниот потенцијал да биде ставен во функција на економскиот развој, велат организаторите.

Во досегашните изданија можевме да видиме различни форми на уметноста: рачно изработен накит, авангардни дизајнерски парчиња на млади дизајнери, рачно украсен и реставриран стар мебел, постери со графички решенија што пренесуваат моќни пораки…

-Годинава имаме преку 30 настани распоредени во три дена: изложби, работилници, предавања, работилници за деца, за средношколци, за дизајнери… „Скопје креатива 2017“ ги поддржа следните проекти: Изабела Новотни / Уметноста на кукленото мајсторство, Невена Тодоровска / Мулти-Фан-Акција, Драган Христов (ЛУДУС) / Експериментална унисекс колекција, НОВА / Создавај старо во ново,  ХАЕМУС / Розалии – прослава за празникот на розите, Елена Диновска – Зарапчиев / Светлосна врска, Газменд Ајруловски, ИНС / Виртоскоп, СПИРИТ / Креативно Скопје, градот на иднината, Вера Христовска / Разгледници од Македонија и многу други, а ќе бидеме домаќини и на актрактивни светски имиња од областа на креативните индустрии, информираат од „Скопје креатива“

Наскоро ќе ја објават комплетната програма, локацијата овој пат е МКЦ, а мотото годинава е / Do Create! Co-create!

Top