среда, 26 јули 2017 | Вести денес: 38 ново

СJО – „кастодијан банк“ на СДСМ

 

ljupco-prendjov-kolumnist-90x115.jpg

Колумнист: м-р Љупчо Пренџов

Ништо веќе не е како што беше! Дури ни „влијателниот“ „Твитер“ на кој најмногу се пишува против, ама протекува и некоја најава или импресија, која, нели, така ќе ни ги „отвори“ очите, што, всушност, мислат или ни подготвуваат влијателните Хан, Бејли или Ванхауте преку неговата мачка. Џабе дремевме на социјални мрежи во деновите кога го очекувавме доаѓањето на Јоханес Хан, кој, обично, знае уште во авион да ни ја набие атмосферата со некоја жешка порака на „Твитер“, а тоа во практика излезе „издишан балон“. Хан дојде и си отиде. Северниот сосед би рекол „пољубио врата“. Во таа збрка на „Твитер“ пропуштивме да видиме кога и како господинот Бејли отиде „на дополнителни консултации“ (народски кажано на „пеење) во Вашингтон. Заборавил да ни пише!? Всушност, може и нема тука некој сензационализам. Довчерашниот службеник на Викторија Нулан и на Хојт Ли, најголемите автори на интеретнички конфликти и обоени револуции низ светот, сега отиде да добие сосема нови инструкции од уште поновите шефови, кои треба децидно да му укажат дека веќе не смее да се чепка во суверенитетот на државите, а особено не во суверенитетот и во интегритетот на тие држави со кои САД имаат потпишано договори за стратегиско партнерство.

Ако главните чадори на опозициската СДСМ во најголемата бура прокиснаа, многу логично е прашањето, кој, всушност, остана накиснат во оваа политичка магла, која упорно ни ја спуштаат. Народот не е, зашто од ден на ден тој е сѐ побуден, нему му станува сѐ појасно, како ден, кој, всушност, е автор на општото политичко вмешување и, како никогаш досега, е единствен во одлуката дека нема да поминат нарачаните сценарија на штета на Македонија! Посебно не ако нивниот локален извршител СДСМ, на чело со Заев, е комплетно безживотен, а гледај го апсурдот, токму нему му ја доделија улогата да продава приказна „За живот“. Класичен оксиморон. И за дебаклот на опозициските трачери да не помине толку едноставно, како „дабл чек поинт“ им ја сместија и тиранската платформа, од која сега ни самите не знаат како да се извлечат и упорно ја носат како камен врзан на вратот, кој, кога – тогаш, ќе ги одвлече на дното од општествената и политичка сцена во Македонија.

Значи странците си го кажаа своето, си видоа и со кого си имаат работа во опозицискиот фронт и колку не ги бива, дека освен да се натискаат во парламент оти да продаваат хумористични фарси, не можат ни чекор натаму. А кутрите членови на СДСМ, згора на сѐ, уште сонувачи власт. Врескаат, викаат се закануваат со затвори, одмазди, убиства (ќе лежите, ќе те убијам и слични будалаштини) и сакаат на тие крилја да слетаат меѓу народот. Полни со гнев и со омраза веќе ни дома не ги сакаат такви, а не да бидат власт.

Како последен појас за спасување при давењето во сопствените лаги им остана СЈО, кое ни го донесоа вонуставно и кое се претвори во, кажано со економски речник, кастодијан банк или банкар-чувар на нивните акции / вложувања во лаги, интриги, извртувања, нечесни игри, клевети, уцени и закани за општеството и за унитарноста на државата. Надвор од редовниот систем, ама демне кога повторно ќе биде активирано за да може да ги употреби за „тргување“ со власта и за власт.

Да сме пасивни набљудувачи или обични сеирџии, ние од ГРОМ не би требало да имаме ништо лично против кој било обвинител од таа институција. Затоа што ниту претседателот, ниту потпретседателите, ниту секретарот , ниту кој било друг член на Централниот или на Извршниот одбор на ГРОМ не е во никаква предистражна или истражна постапка , ниту, пак, е повикан како сведок за кој било случај. Тоа што го зборуваме е од принципиелни и легалистички побуди. Доколку ние не си ги почитуваме законите и Уставот на државата, не можеме да очекуваме некој друг однадвор да ни ги почитува. Кога сите амбасадори и евродипломати гледаат како ние самите си го газиме сопствениот Устав, очекувано е, во согласност со нивните интереси и интересите на нивните држави, да побараат од таткото на нацијата и тој да си го погази Уставот.

Во Република Македонија, во согласност со Уставот како највисок правен и политички акт, има едно Собрание, една Влада, едно Правобранителство и едно Обвинителство. Не може, по потреба на одредени сценаристи, ние да имаме две обвинителства. Оттаму, логично е, производ со фабричка мана да не ги даде очекуваните резултати или, можеби, ова се резултатите, ама во согласност со потребите на поединци, но, сигурно, не и на очекувањата на македонскиот народ.

Таа институција, која, патем, ја плаќаме по четири милиони евра годишно (а еве веќе втора година си ги „крцка“ осумте милиони евра), беше формирана за да им каже на граѓаните кој во оваа држава прислушувал, кој го нарачал тоа и кој го платил. Посебно со оглед на фактот дека во судскиот спор против Верушевски и неговите соработници / извршители, кој е завршен, беа пронајдени голема количина пари и акции.

kol239-prendzov-Zaev-Katica-SDSM

Вториот дел беше, оваа институција да открие дали високи владини функционери правеле криминал за кој беа обвинувани во бомбите со кои Заев ја малтретираше целата јавност.

Рамнотежата на СЈО, чуварот на мрачните тајни на опозицијата, се одржуваше само преку предметот „Пуч“, кој сега, всушност, воопшто не ни постои. Прво обвинителката не беше доволно подготвена за предметот и бараше одложување. Потоа, така недоподготвена, го ослободи Верушевски од притвор (кој, патем, се бранеше со молчење), за во меѓувреме да закаже и свадба на ќерка си и предметот да се одложува 14 пати, за, конечно, да го повлече. Дефинитивно е затворен, ставен ад акта, односно, во согласност со сценаристите, тој „мора“ да исчезне и од Судот и од колективното сеќавање на народот. Единствено што треба да остане во паметење е дека Груевски, Мијалков и Јанкуловска биле недоветни и сами себе се прислушувале. Во овој контекст, тоа што треба да биде заборавено се и доказите што беа земени од семејниот дом на Верушевски на 20 јануари 2015 година. Тоа беше тој ден кога полицијата влезе во нивната семејна куќа, истата таа вечер кога Соња Верушевска како фризби фрлаше седум–осум мобилни телефони, кога, како во Силиконската долина, најдоа еден куп лаптопи и персонални компјутери полни со стотици илјади датотеки преведувани на англиски и испраќани во странство. Се разбира, и ова треба да се избрише од колективната меморија на народот бидејќи, нели, власта е недоветна и сама себе се прислушувала.

Сега, кога го затворивме прислушувањето и прислушувачите во темната комора на колективната амнезија, ни остана да ги разглобуваме криминалот и финансиските малверзации. Граѓаните сѐ уште чекаат одговор дали некој од владата зел 16 милиони долари мито од Кинезите? Дали е земено мито од страна на Израелците, дали милионскиот проект „Космос“ на Цаноски е урнат во согласност со позитивните законски прописи , дали, навистина, се изнесени 5,5 фамозни милијарди евра итн. Место тоа, се изнаслушавме како на Љубе Бошковски му ја пцуеле мајката додека го апселе, или какви и колку скапи гаќи носи некоја новинарка, на каков душек спие некој уредник и триста примитивности и будалаштини од најинтимен вид. И сето тоа само како „јамб во најава“ дека имаат индиции и ќе почнат со истрага. Луѓево ги осудија уште пред да почне истрагата. Колкав е апсурдот да потрошиш осум милиони евра народни пари за да откриеш гаќи од 500 евра? Или тоа е само затоа што ги носат луѓе што размислуваат спротивно од Заев и од „чадорот“? На ваков примитивен начин не функционирал ниту прекиот суд во минато свршено време.

Како и да заврши оваа фарса од политика што ни ја продаваат Заев и опозицијата, колку и да се доживува мачно и мрачно, сепак има една историска полза од неа. Ова е школски пример за сите идни генерации млади политичари како не треба да се практикува политиката. Затоа што народот можеш да го излажеш еднаш, можеш да го лажеш одредено време, ама никако не можеш да го лажеш цело време. Во 21 век тоа определено време се мери во нано секунда! Затоа народот дојде по своето.

Top