понеделник, 23 октомври 2017 | Вести денес: 0 ново

ССМ: Има елементи за зголемување на платите!

plati

Зголемување на минималната плата, а со тоа и зголемување на платите во Македонија, како и намалување на времетраењето на договорите за вработување на определено време од сегашните пет на две или три години, се дел од работите на кои ќе се фокусира Предлог-протоколот за социјален напредок изготвен од Сојузот на синдикати на Македонија.

Со овој документ се предвидува и отворање на дебата и анализи за проширување на правилникот за бенифициран стаж особено за работниците во градежништвото, текстилната индустрија, сообраќајот, железниците, шумарството…

– Платите се еден до најзначајните сегменти со оглед на фактот што нашите анализи покажаа дека скоро 60 проценти од вработените примаат до 20.000 денари, само 3,2 проценти примаат плата над 30.000 денари, додека над 40 проценти се со плата од 12.000 до 15.000 денари. Основната определба е да го отвориме процесот на зголемување на платите во Македонија- изјави претседателот на ССМ Живко Митрески на денешната промоција на Предлог-протоколот за социјален напредок.

Тој очекува минималната плата да биде зголемена до 20 проценти што ќе биде предуслов за зголемување и на останатите плати во државата.

– Веќе се отпочнати првите разговори со Организацијата на работодавачи и со Министерството за труд и претпоставувам дека за скоро време ќе дојдеме до реални барања за зголемување на минималната плата која ќе биде основа за зголемување на платите. Со оглед на првичните анализи што ги направиме, има елементи да дојде до зголемување на платите. Во моментот не можеме да кажеме ништо конкретно, но очекуваме до 20 проценти да биде зголемена минималната плата за да дојде и до зголемување на другите плати- истакна Митрески.

Според ССМ, мора да се зајакне и сигурноста на работните места, односно договорите на определено време кои сега се склучуваат во траење до пет години, да бидат максимум од две до три години.

– Оние кои работат на определно време добиваат за околу 30 проценти помала плата од оние кои се вработени на неопределено време, а да не зборувам за оние кои имаат приправнички стаж чии плати се и 50 проценти пониски од оние кои имаат редовен работен однос. Тоа доволно говори дека сигурноста на работните места мора да ја зајакнеме и затоа одиме на тоа работниот однос во договорите за вработување којшто сега за определено време изнесува пет години, да се намали на две, односно три години- рече Митрески.

За индустриските зони каде, како што посочи Митрески, најголем дел од вработувањата се на определено време, преку законски измени треба да се утврди обврска најмалку 30 проценти од вкупниот број вработени во овие зони, да бидат вработени на неопределено време.

– Заради обезбедување на максимална сигурност на работните места, поучени од фактот дека во индустриските зони скоро најголемиот број на вработувања, односно над 90 отсто се склучуваат на определено време, идејата е преку измени на законот да се утврди соодветна обврска најмалку 30 проценти од вкупниот број на вработени во ваквите зони да потпишуваат договори на неопределено време- појасни претседателот на ССМ.

Предлог-протоколот за социјален напредок е прифатен од Економско-социјалниот совет, а, како што најави Митрески, ќе биде доставен и до новата влада по нејзиното формирање.

Top