среда, 29 март 2017 | Вести денес: 144 ново

Федерер: Изненаден сум што толку победувам

federer

Роџер Федерер и самиот ја опишуваа оваа 2017 година како „бајка“по неговите извонредни игри со кои Швајцарецот продолжува со освојување на трофеи. По триумфот на Австралија опен, големиот ас се закити и со петтиот пехар во кариерата во Индијан велс. Тоа беше вкупно 90. пехар во кариерата на Федерер и 25. Мастерс-титула за Швајцарецот, кој воедно стана и највозрасен тенисер кој успеал да триумфира на некој од Мастерс-турнирите. Имено, Федерер го стори тоа на возраст од 35 години и седум месеци, уривајќи го рекордот на Андре Агаси, кој во 2004 година го освои турнирот во Синсинати на возраст од 34 години и три месеци.

– Да бидам искрен, и самиот сум изненаден што толку победувам, но се се сведува дека сум одморен и свеж. Кога во октомври минатата година поради проблем со коленото морав да паузирам до крајот на сезоната, решив на тоа да гледам како на можност да одморам, да ги наполнам батериите и да се вратам во топ-форма. Сега се случува токму тоа, уживам во „бајката“ и сигурно не планирам да застанам, се гледаме на истото место следната година – порача Федерер пред навивачите на главниот терен во Индијан Велс.

Швајцарецот со триумфот на овој турнир се искачи на шестата позиција на најновата АТП-листа. Тој би можел дополнително да скокне со успех на следниот турнир во Мајами, на кој нема да настапат првите двајца носители, Енди Мареј и Новак Ѓоковиќ, поради повреди на лакотот.

Top