понеделник, 24 април 2017 | Вести денес: 79 ново

Облечете шарени чорапи и поддржете ги лицата со Даунов синдром (ГАЛЕРИЈА)

Во Градскиот парк во Скопје вчера се одржа хуманитарна трка за лицата со Даунов синдром на која учестуваа деца со Даунов синдром, нивните семејства и пријатели, но им се придружија и стотина граѓани кои за котизација од 200 денари истрчаа еден километар низ Градскиот парк.

Трката беше организирана по повод Светскиот ден на лицата со Даунов синдром 21 март.

Ова е почеток на низата активности што Центарот за Даунов синдром ги прави за подигање на јавната свест за односот кон лицата со Даунов синдром во Македонија.

В понеделник на оваа тема во Кинотекатата на Македонија во Скопје ќе бидат промовирани неколку кратки видео записи и ќе се отвори изложбата фотографии „Нераскажани приказни“ на фоторепортерот Огнен Теофиловски.

Ќе биде презентирано и видеото на УНИЦЕФ во кое се јавува фармацевтскиот техничар со Даунов синдром Нина Костова.

Организаторот ги повикува сите што ќе дојдат в понеделник да облечат шарени чорапи и да обојат шарени нокти за да покажат солидарност со лицата со Даунов синдром.

Годинашниот Светски ден на лицата со Даунов синдром се одбележува под мотото #MyVoiceMyCommunity – оспособување на луѓето со Даунов синдром да проговорат, да бидат чуени и да влијаат на владините политики и дејствувања, да бидат целосно вклучени во заедницата.

– Секоја година гласот на луѓето со Даунов синдром и оние кои живеат и работат со нив, станува сѐ погласен. Down Syndrome International нѐ повикува сите нас, од различни краеви на светот, да одбереме активности и настани кои ќе помогнат во подигање на јавната свест за тоа што е Дауновиот синдром, што значи да имате Даунов синдром и како луѓето со Даунов синдром ги збогатуваат нашите животи и нашите заедници – вели Ида Мантон, претседателка на Центарот за Даунов синдром.

Top