петок, 28 април 2017 | Вести денес: 46 ново

Ердоган најавува дека ќе воведе смртна казна, како на ова ќе се огласи ЕУ?

Tурскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, денеска изјави дека очекува во Турција да биде воведена смртна казна по референдумот за уставните измени, закажан за 16 следниот месец.

Ердоган нагласил дека „без двоумење“ ќе потпише нацрт-закон за воведување смртна казна, веднаш по неговото прифаќање од страна на парламентот. Тој вели дека за ова не му е важно што ќе кажат европските лидери.

„Семејствата на мачениците, семејствата на нашите јунаци не треба да се грижат. Верувам, ако даде Господ, дека парламентот ќе направи сè што е потребно во врска со вашите барања за смртна казна по 16 април“ – кажа Ердоган.

Смртната казна во Турција е укината во 2004 година, во рамките на кандидатурата за членство на земјата во Европската Унија. Нејзиното повторно воведување ќе значи крај за пристапните преговори на Анкара за членство во ЕУ.

Ердоган, по неуспешниот обид за воен удар во Турција на 15 јули лани, повеќе пати изјавуваше дека ќе одобри повторно воведување на смртната казна, ако парламентот донесе таква одлука.

Сепак, ова е првпат тој да го повика парламентот да прифати воведување на смртна казна.

По ова германскиот министер за надворешни работи, Зигмар Габријел изјави дека Турција никогаш не била подалеку од ЕУ.

Според него, шансите оваа земја да биде дел од европското семејство се многу мали.

Габријел призна дека отсекогаш се сомневал дека Турција ќе влезе во ЕУ, но тој бил меѓу малкуте луѓе кај германските социјалдемократи кои имаат ваков став.

Тој потсети дека канцеларката Ангела Меркел, била за партнерство со Турција, но тој бил против.

Top