петок, 28 април 2017 | Вести денес: 46 ново

Приштина загрижена: Косовците се откажуваат од државјанството

Од 2009 година досега околу 38 илјади граѓани се откажале од државјанството на Косово, потврдува Приштина, што според експертите, се оценува како многу загрижувачка состојба. Најголемиот број од косовските граѓани кои се откажале од државјанството, вели Красниќи, добиле германско државјанство.

Валон Красниќи, директор на одделот за државјанство, азил и миграција во косовското Министерство, вели дека во најголем број од случаите причината за откажување од државјанството е фактот што многу европски земји не дозволуваат двојно државјанство за граѓаните кои не се дел од ЕУ.

– Од 2009 година до почетокот на годинава, од косовското државјанство се откажале 37.823 лица. Имајќи предвид дека поголемиот дел од државите на ЕУ не дозволуваат двојно државјанство за граѓаните кои не се дел од ЕУ, тогаш државјаните на Косово кои имаат регуларен престој во овие држави, за да ги исполнат условите за државјанство, се обврзани да се откажат од претходното државјанство, истакна Красниќи.

Според Дритан Селманај од организацијата „Демократија Плус“, оваа појава е најјасната и најтажната порака до институциите на Косово и за оние кои раководат со државата. Косово во периодот на формирање држава, оценува тој, не успеа да изгради држава со економска стабилност и развој, квалитетно образование и здравство.

Досегашниот тек на пописот на косовската дијаспора, што треба да заврши до крајот на годината,  покажува дека над 400 илјади Косовци живеат и работат во други држави. Најголемиот број од нив живеат во Германија, потоа во Швајцарија и САД.

Инаку, според податоците на Агенцијата за статистика на Косово, околу 700 илјади Косовци живеат во други држави во светот.

 

Top