недела, 26 март 2017 | Вести денес: 0 ново

Груевски: Гасификацијата е капитален проект, го исполнуваме ветеното

gr

Во тек е градбата на гасоводот Неготино – Прилеп – Битола, капитален проект од 37 милиони евра, со што и во мигови на исклучителна сложеност на работите во државата ние продолжуваме да работиме и да го исполнуваме ветеното за граѓаните, објави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, денеска на својот профил на „Фејсбук“.

gasi

– Република Македонија од својата самостојност до денес се соочува можеби со еден од најчувствителните периоди, важни за нејзиното понатамошно функционирање и постоење. Народот и сите граѓани покажуваат исклучителна зрелост и го препознаваат моментот кога треба да се одбрани суверенитетот и нејзиниот граѓански карактер. Дури и во овие мигови на исклучителна сложеност на работите ние продолжуваме да работиме и да го исполнуваме ветеното за граѓаните. Можам да објавам дека во тек е градбата на гасоводот Неготино – Прилеп – Битола кој е капитален проект за илјадници граѓани и е во должина од 92 километри и вкупна вредност од 37 милиони евра – вели Груевски.

Според него, овој проект е од значење за сите граѓани, Македонци, Албанци, Турци, Роми, Власи, Срби, Бошњаци, има реална вредност и е во согласност со дадените ветувања за подобар живот на граѓаните.

– Ова е проект со опиплива вредност за реалниот живот на граѓаните и на овој начин докажуваме дека решавањето на секојдневните проблеми е реперот по кој треба да се вреднува нашата работа, за сметка на наметнувањето на теми кои произведуваат поделби, конфликтност и раздор, како што тоа го прави СДСМ, теми кои се опасни за граѓанското единство. Народот е мудар и јас цврсто верувам дека сите ние ќе излеземе посилни од кризата која ни ја наметнаа. Продолжуваме непоколебливо и силно да работиме за остварување на ветеното, реализирајќи проекти за подобар живот на граѓаните – порачува Груевски.

Тој истакнува дека овој гасовод ќе биде готов за околу две години и дека во напредна фаза е и изградбата на гасоводот Штип – Неготино кој треба да биде завршен до крајот на оваа година, а веќе се работи и на гасоводот Скопје – Тетово – Гостивар.

Груевски вели дека со изградбата на гасоводот Неготино – Прилеп – Битола ќе се обезбеди гас за илјадници домаќинства.

– Тоа значи заштеда на семејните буџети преку добивање на исплатлив енергенс, стимулација и можност за поголема добивка на бизнис секторот, како и корист за земјоделските оранжерии кои ќе можат да го користат гасот по поевтина цена. Меѓу другото, гасификацијата е и значаен фактор за намалување на загадувањето на воздухот – вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Top