недела, 19 ноември 2017 | Вести денес: 16 ново

Заедништво

 

Ацо Станковски

Ацо Станковски

 

Големите, сега веќе напумпани планери во издишување, таканаречената „меѓународна“ во заминување, направија голем превид во својата финална точка за дисoлуција на македонската држава.

Прво, овој проект се движеше горе-долу поволно по волјата на „чадорот“, но во финишот му се случи она од што најмногу се плашеше, а што најмалку го очекуваше. Тоа беше будењето и достоинствениот протест на македонските граѓани, на кои им дојде преку глава од безбројните махинации и тормозења од самата независност на Републикава, па досега.

Гледајќи ретроактивно, ѝ се чудам на трпеливоста на овој народ. По сѐ, тоа е талент благословен од небесата, но понекогаш таа бескрајна трпеливост и непоколеблив стоицизам ми изгледаа како кукавичлак и идиотизам.

Сега, кога народот реши да ги преземе нештата во свои раце, чувствувам оптимизам и голема доверба во македонските граѓанки и граѓани.

Оваа обновена блискост, која создава еден вид восхит, се содржи во одново разбудената одговорност кон судбината на државата, кон мултикултурниот, унитарниот и рамноправниот карактер на ова сложено, но, на чудесен, сосема уникатен културолошки начин, хармонично општество.

Жовијалноста на македонскиот животен простор е интензивна и разновидна, како на ретко кое друго место во Европа. Тоа е богатство, кое е така екстраординарно, но ние често забораваме на овој општествен и културен квалитет. Едноставно, ни излегува од светогледот. Навикнати сме на него. Но, кога ќе наиде некој силен политички предизвик, како што беше овој, кој нѐ малтретира веќе две и пол години, а хармонијата меѓу етничките заедници ќе се наруши, тогаш мора да стапат во акција сите системи за предупредување, сите аларми и сите конструктивни и солидарни граѓани, освестени за општествената хаварија, која се подготвува, да се организираат во достоинствена, но консеквентна одбрана на конфигурацијата на културните вредности и енергии во кои живеат.

Последните неколку недели македонските граѓани покажаа дека знаат што сакаат, дека конспиративната интенција на домашните предавници и на „чадорот“ им е сосема јасна, дека им е доста од сите тие цинични понижувања на папсаната банда европски дипломати, кои лажат дека говорат во името на европските народи.

На граѓанките и граѓаните македонски им е згадено од лошиот вкус на меѓународните мешетари и домашните предавници, кои од манијачки и лукративни побуди ги продаваат националните интереси, сето можно достоинство и сите вредности што можат да се продадат.

Тие се одамна откриени од народот, но таа мудрост, таа трпеливост, одново и одново им даваше шанса да излезат од оваа прелест, од оваа болест на умот и душата и сѐ уште ги толерира во надеж дека, конечно, ќе се покаат за гревовниот им живот.

Но, тие се осоколија уште повеќе, се осрдија и аздисаа. Сега најбезумно и најбессовесно покажуваат ужасно грди карактери, до лудило стрвни за власт и, кон тоа, практикуваат крајно аморално однесување во деликатните структури на политичката процедура.

Народот на Македонија, конечно, без оглед на идеолошката и етничката припадност, почувствува дека е време за директна интервенција во политичкиот систем на државата.

И, би така, илјадници луѓе излегоа по улиците на престолнината Скопје, но и во сите други градови низ земјава.

Тие луѓе го преземаат мандатот од предавничките политичари во свои раце, ја враќаат моќта повторно при себе откако увидоа дека нивните избраници ги изневерија очекувањата на огромното мнозинство гласачи со подметнат ултиматум од страната на трите албански партии во Македонија, со активно соучешништво на СДСМ. Тиранската платформа.

Зар тоа не ви е јасно, господа лажливци и манипуланти?

Зар „чадорот“ не претпостави дека граѓаните на Македонија, сепак, не се мајмуни, кои секогаш ќе ги излажеш со банана?
Сега овој потценувачки однос кон народот на Македонија ќе им се удри од глава.

Не требаше толку да го тормозите овој благотрпелив македонски граѓанин. Голема грешка направивте и сега скапо ќе го платите тоа.

Вие, лажговци и „чадори“, сѐ уште живеете во еден веќе одминат свет. Тешко се будите од хипнозата на новиот светски поредок, на монополарниот авторитет, на магичната зелена боја на доларите, што везден треперат во вашата алчна имагинација.

Време е да се соочите со една сосема нова, за вас, воопшто непланирана стварност, нешто од што ќе ви замрзне крвта во жилите.

Вашиот газда полудел! Тешко му паднала новата состојба во светската политика. Не можел да го прифати сето ова и одлепил. Нема проблем, тој има доволно пари за да го чуваат во најскапиот швајцарски санаториум, ако треба, и повеќе од илјада години. Можно е и да го мумифицираат за профит. Нека трае до бескрај споменот на неговите лудачки, но крајно опасни општествено-политички експерименти.

Шимпанзото од Кале го враќаат во Зоолошката градина, од каде што го донесоа. Неговите параноични крикови се одраз на шокираноста од грешката што ја направило, а која се покажа катастрофална по неговите планови.

Сега народот на Македонија влезе во едно чудесно национално помирување, на еден сосема спонтан и искрен начин.

Секако, тоа се случи по Божја промисла како, впрочем, што секогаш и се случува сѐ во вселената.

Амин.

Top