сабота, 27 мај 2017 | Вести денес: 18 ново

Вања Лазарова: Ќе се сети ли некој на нас ако самите се заборавиме?

„Со маки сум се родила, со жалости јас ќе си умрам. Маките да ми ги напишете озгора на гробот мој“   

Како што може да направи текст и мелодија нашиот народ, не може никој никогаш и никаде да направи, порача во едно од нејзините последни интервјуа доајенот на македонската народна музика, Вања Лазарова.

И вистина е. Овие стихови сите ги знаеме, а нејзиниот е глас што сите го препознаваме. Вања Лазарова е име што ни значи на сите.

Родена на 27 април 1930 година во кратовското село Страцин, Вања Лазарова растe во музичко семејство. Првите настапи ги имала во хорот на учителската школа, а соло не пеела затоа што била многу срамежлива, како што призна во една пригода.

На еден фолклорен натпревар чичко Таки, од тогашното Радио Скопје, ме слушнал како пеам и ме натера да одам во Белград на фестивал. Таму ја испеав песната „Легнала Ѓурѓа на рамно гумно“ и го освоив првото место. Вања Лазарова од Македонија доби златен медал. И така почна – раскажува Лазарова за нејзиниот прв настап, некаде во 1947-48 година, во интервјуто со наслов „Изворен сензибилитет во атомското време“ во списанието „Арт Република“, во бројот 5, од февруари 2006 година.

Vanja-lazarova-2

По завршувањето на учителското училиште, станува играорка во „Танец“, каде што продолжува да пее само во дует, сѐ додека не останува единствен женски вокал и е, како што вели, принудена да пее сама.

Со „Танец“ го шета светот и ја претставува македонската изворна песна. Овации собира и во „Алберт хол“, каде што пеела пред кралицата Елизабета Втора и пред Винсент Черчил.

По настапот нѐ чекаше публика која сакаше наши автограми, а весниците беа полни со пофални зборови за нашиот настап и за македонскиот фолклор. Настапував пред многу значајни личности, пред државници и аристократи, а морам да признам дека имав желба да настапам пред претседателот на некогашната СФРЈ, но таа желба не ми се оствари… – вели Лазарова во едно од ретките интервјуа за „Македонска нација“ во 2010 година.

Вања Лазарова пеела со различни фолклорни ансамбли. Била член на ансамблот на Македонската радио-телевизија, а има настапувано и со Македонската филхармонија. Таа е првата македонска пејачка која има снимено плочи за најголемите издавачки куќи „Полиграм“ (Poligram) и „Филипс“ (Philips). Добитник е на повеќе меѓународни музички награди.

Голем е нејзиниот придонес во музиката од филмот „Пред дождот“ на Милчо Манчевски, кој доби награда „Златен лав“ на фестивалот во Венеција во 1994 година.

Vanja-lazarova-3

Продуцентската куќа „Трето уво“ ги издаде нејзините три први албуми: „Македонски традиционални љубовни песни“ –  кој е дистрибуиран во Европа, Америка и во Јапонија, „Ритмистика“ — во соработка со водечки македонски музички имиња и „Лулка“ –  во соработка со американскиот гитарист Мирослав Тадиќ. Нејзиниот последен албум „Генофонија“ е во соработка со групата „Нав“.

„Со маки сум се родила“, „Петро Петроленко“, „Многу ми го фалат, бабо“, „Параходот ми замина“, „Легнала Ѓурѓа на рамно гумно“, „Во ливаѓе ладен извор има“ се само некои од песните што ги има испеано и снимено.

Со декади успешна кариера, Лазарова зад себе остава непроценливо културно богатство, песни кои ќе надживеат многу генерации. Глас кој останува врежан долго откако ќе го чуете.

Кога ги пеам песните, не гледам во публиката, туку се соживувам со песните. Заедно со текстот си правам филм. Како што е текстот, така си го претставувам. Ако песната е „Девојче бело, црвено“, го замислувам девојчето, како е бело и црвено, како е тенко и високо. Заедно сум со него. Тешко е да се пее. Тоа не ми беше професија, но таа обврска морав да ја извршам и да дадам сè од себе, да испеам најдобро што можам и што знам. Кога ќе излезев на сцената, си велев во себе: „Мечка страв, мене не, мечка страв, мене не…“. Си кажував такви изреки од баба ми или од мајка ми, како амајлија за пеење. Кога ќе почнев да пеам, мислев само на песната и се соживував со песната. Се шетам заедно со текстот, мелодијата и со чувствата. Веројатно затоа сум ги добивала наградите, затоа што кога ќе потпишував автограми, луѓето покажуваа со рака на срцето, што значеше дека сум пеела со чувство. Песните се чисти затоа што се од народот. Народот си ги создал и народот си ги пее. Сè е соживување, сè се вистински работи. Затоа многу ги чувствувам. Многу сум му благодарна на овој народ што создал толку убави песни и што можам да ги пеам и да бидам тоа што сум сега – Вања Лазарова – вели Лазарова во интервјуто „Изворен сензибилитет во атомското време“.

Кога пред неколку години еден македонски новинар случајно ја затекнува познатата пејачка додека правел приказна за домот за стари лица, таа и на 84 години не одбива да му запее, уште еднаш да ги замолкне сите околу себе и да остави само нејзиниот глас да ја сече тишината.

Vanja-lazarova-4

Јас сум воспитана така да не вреднувам сѐ низ призмата на денарот. Песната е на прво место. Сепак, денес некои други звуци, не изворно македонски, се слушаат повеќе на радиостаниците. Во ред, и таквата музика има свој круг слушатели, нека се слуша. Но, да се потиснува македонскиот фолклор е непростливо. Овде повторно ќе се потсетам на зборовите на големиот руски етномузиколог Мојсиев. Тој рекол: „Кога одиш низ Босна, не пеј, ќе те натпеат; кога одиш низ Србија, не играј, ќе те надиграат; а кога си во Македонија, ниту пеј ниту играј затоа што ќе бидеш и натпеан и надигран“. Мене најголемата награда ми е што младите ме знаат, што бараат автограм, што ме почитуваат. Имав свои ученички во рамките на оркестарот „Пеце Атанасовски“ на кои сакам да им ја пренесам својата љубов кон изворната народна песна. Да, љубов. Кога се пее изворна песна, тука нема одредени правила, строго поставени. Секогаш им велам дека треба да пеат со душа, од срце, така најдобро ќе ја отпеат песната, треба да ги чувствуваат мелодијата, текстот… Жално е да го ставаме сопственото богатство настрана. Мојот сопруг е етномузиколог и кога беше во Индија, земја позната по својот колоритен и богат фолклор, своите индиски домаќини ги почести со неколку македонски изворни песни. Кога ги слушнаа нашите песни, тие беа воодушевени од богатството на тоновите, на ритмиката. Зар другите да нѐ почитуваат и ценат, да зборуваат за нашите убавини, а ние самите да го фрлиме тоа во некое ќоше каде што ќе се заборави. Па, ако ние самите забораваме какво богатство имаме, што мислите дека во иднина некој друг ќе се сети на нас? –  вели Лазарова за „Македонска нација“.

На момент заборавена од институциите и од јавноста, Лазарова дури во 2014 година ја добива државната награда „11 Октомври“, по што ѝ беше обезбеден статусот национален уметник, а со тоа и националната пензија.

Вања Лазарова почина на 12 март 2017 година на 86-годишна возраст, во Скопје. Нејзиниот впечатлив глас, опус и нераскинливата љубов кон изворната и народна музика засекогаш ќе останат дел од македонското музичко наследство.

Пишува: Марина Костовска
(Текст објавен во 237. број на неделникот „Република“, 17.03.2017)

Top