петок, 24 март 2017 | Вести денес: 0 ново

Хипокризијата на МАНУ: Академик Ќулафкова го брани СДСМ место јазикот

Во време кога сите сакаа да го чујат гласот на избраните академици, во момент кога македонскиот јазик, име, знаме, химна, грб и идентитет од еден Села, Дода, Касами, Рама, Хашим и Алија беа чепнати и се атакуваше на нив, денот на годишното собрание на МАНУ, најкусо би се опишал вака: Маџунков беше директен, Митевски го следеше, Ѓурчинов беше млак, Катарџиев заобиколуваше и бараше попис, Фити вртеше, а Ќулавкова беше во улога на Заев или на Шекеринска? Истата таа што пред некоја година, барем споед декларираните ставови, ќе ја ставевте рамо до рамо со Дамовски, Илиевски, Мисиркова, Петрушевски, Маџунков, Лазаров, Љутков, Руси и плејада други разбудени Македонци. Арно ама...

Монетите имаат две лица. Исто како и некои луѓе. Ова е вистината, често тажна, но толку сурово реална за многу македонски ликови. Не личности, само ликови, иако дејствуваат во истата таа наша реалност. Знаете, кога дволичноста ви прилега толку едноставно и природно.

Во милата Македонија, пак, оваа карактеристика не е ексклузивно право на политичарите. Иако, дел од нив станаа синоним за дволичност, „доблеста“ како зараза се прошири и на други делови од општеството. Две и пол децении таа е устоличена во еден новинарски круг, а премина и кај неколку, исто толку неталентирани и духовно празни (наспроти полнотијата на џебовите) режисери и актери, зафати и два-тројца пејачи, а заглави во академското јато.

Во време на будење на македонската нација, време кога од туѓа држава ни се врши директен упад во унитарноста на државата и на постоењето, чијашто јаловост ќе зависи само и единствено од нас и од реакцијата на истиот тој народ, се најде академик што проговори контра сите идентитетски оставнини. А пред само две-три години, па биле и четири, тој академик или академичка толку многу се залагаше за нив?! Чудната трансформација, подобна на Стивенсовиот „Доктор Џекил и господин Хајд“, за кој малкумина знаат дека во оригинал е насловен како „Чудниот случај на доктор Џекил и на господин Хајд“, сепак, не е од вчера и, веројатно, си има свое зошто. Да, чуден случај, нема што. За нечија жал, слично на слоновите, но и на страдалниот народ, и ние ги чуваме во спомен лошите работи. По ново, на тврд диск, а по старо, во умот. Колку да не заборавиме, нели…

 

Преседан: Кога академик го користи истиот вокабулар со СДСМ

По точно два месеца и седум дена молк од нејзиното појавување во јавноста, МАНУ, конечно, реагираше на тиранската платформа. Но, што се случи тој ден во чудесниот свет на академиците? Се поделија ли според убедувањата, според науките, уметностите, или, сепак, некој дејствуваше според долговите од минатото. Барем дел од нив…

Во време кога сите сакаа да го чујат гласот на избраните академици, во момент кога македонскиот јазик, име, знаме, химна, грб и идентитет од еден Села, Дода, Касами, Рама, Хашим и Алија беа чепнати и се атакуваше на нив, денот на годишното собрание на МАНУ, најкусо би се опишал вака: Маџунков беше директен, Митевски го следеше, Ѓурчинов беше млак, Катарџиев заобиколуваше и бараше попис, Фити вртеше, а Ќулавкова беше во улога на Заев или на Шекеринска?

analiza237-madzunkov-2

Образот, уште од порано, им го обели Митко Маџунков, кој лично се изјасни пред повеќе од еден месец. Фиљан човек и Македонец, кој без парада и заобиколување си кажа дека албанската платформа е ултранационалистичка и уценувачка. Првоосвестениот и некалкулантски настроен академик и натаму не заобиколуваше. И во МАНУ, како пред тоа на улица, истапи и кажа што му лежи на срце:

– Сега платформата на албанските партии стократно повеќе ги повредува чувствата на Македонците и засега е ред на Албанците да се извинат и да ја повлечат својата платформа, а меѓународната заедница да се огради – рече Маџунков.

Платформата, продолжи Маџунков, содржи прашања за унитарноста и за федерализицијата на Македонија, поради што е повеќе од нужно МАНУ уште еднаш да го потврди својот став во врска со единственоста и неделивоста на државата, како што направила во 2001 година, кога ја отфрлила идејата за поделба на Македонија, поради што, рече, бил сменет тогашниот претседател на академијата.

И додека Маџунков им го белеше образот, академик Митевски бараше македонскиот јазик да биде задолжителен испит за секој државен службеник, Ѓурчиновски балансираше и зборуваше за недопустливост на лансирање на платформата, ама и дека не требало да се негира постоењето на различни мислења?! Подоцна, Катарџиев побара попис, избегнувајќи ја темата, а претседателот Фити, без став, глумеше космополит, се правеше политичар и им угодуваше на сите партии, социјалдемократскиот мраз го скрши академик Катица Ќулавкова.

Сосема „случајно“ таа при своето обраќање го употреби вокабуларот на Заев, Шекеринска и на Шилегов. Во целата прикаска, недостигаше уште да ги спомене 500.000 фантоми на изборите, фантастичните 620.000 иселени и „победата“ на изборите на 11 декември со 612.000 гласа, кои во меѓувреме пораснаа на 696.000. Но, немаше потреба, доволно беше и ова:

– Сметам дека станува збор за манипулација и се сомневам дека самите ја создале платформата за да ја задржат власта и да се амнестираат за направените злосторства што не се само финансиски, туку се и институционални и кои се однесуваат и на слободата на говор и на движење во државава. Така што целиот хистерично националистички дискурс содржи тактика за дефокусирање од главниот проблем: криминалот, слободата на говор и мирниот трансфер на власта. Затоа сметам дека првенствено тоа е алатка за дестабилизација на државата, што оди во полза на заштита на досегашната власт, а не на заштита на правата на Албанците. Не ни прилега ни артикулацијата на напади кон меѓународниот фактор. Имаме ние стручни инстанции преку кои може да реагираме соодветно затоа што сега не е време за мултиетнички конфликти. Јас го поддржувам предлогот да се повлечат секакви платформи и од албанскиот блок и од власта што одумира, а не сака да го признае тоа – изјави академик Катица Ќулавкова.

Ние само го подвлековме делот од вокабуларот, кој, сосема „случајно“, е идентичен со тој на партијата на „Павел Шатев“, речник што фреквентно и со години се злоупотребува од врхушката на СДСМ, а дел од него како „мирниот трансфер на власта“, „артикулацијата на напади кон меѓународниот фактор“ и „власта што одумира, а не сака да го признае тоа“ е хит во секое јавно изјаснување, прес-конференција или соопштение од истата партија, која и така не е баш инвентивна во однос на своите изјави. Сепак, кажано е од еден академик, кој во тек на неколку години доживеа фантастична трансформација. Кога Кире ќе изеде бана станува Бананамен, кога СДСМ ќе се доближи до власта, еден академик се побива самиот себе…

analiza237-Kjulavkova-3

Времето кога Ќулавкова беше убермакедонка

Не толку одамна, во време кога СДСМ беше светлосни години далеку од власта, истата таа Ќулавкова беше сосема поинаков академик. Верувале или не, но во интервју за „Република“, поточно на 18 декември 2012 година, скептикот кон ЕУ, Катица Ќулавкова, изјави:

– Знаете, ние фактот дека сме мала држава го претворивме во комплекс на мал народ негиран од сите и на нестабилна држава, која внатре во себе се дезинтегрира по етничка основа и станува регионализирана, т.е. кантонизирана, некаде и енклавизирана државна структура. Таквата мултиетничка раслоеност, територијално, културно и јазично, го раслои и државниот стратегиски интерес. Државниот интерес на Македонците денес се манифестира дури и како опструкција на албанскиот етнички интерес, на пример, а да не зборувам за мегаалбанскиот концепт во кој македонските Албанци се препознаваат повеќе одошто во македонскиот матичен концепт. Тоа е проблем што го поттурнуваме како отпад под килимите, ама тој од ден на ден си го прави своето и последиците веќе се чувствуваат.

Звучи многу поинаку, нели, но таа не застана овде, туку полна со македонштина во неа продолжи со зборовите:

– Услов број еден за општиот државен јазик е да постои закон според кој политичките партии ќе се конституираат врз политички, идеолошки и развојно-економски принципи, а никако врз етнички. Значи, државните интереси се надетнички, затоа што во нив се препознаваат и интересите на македонскиот народ и на сите делови од други народи во Македонија.

Ако помисливте дека таа би била одличен предводник на „За заедничка Македонија“, не заборавајте што рече во интервју за „Фактор“:

– Културно злосторство е да се принудуваат Македонците задолжително да употребуваат друг службен јазик, на пример албанскиот. Рамноправноста на албанската заедница во РМ добива гротескни размери со империјалистичка и експанзионистичка тенденција. Младите Албанци не учат македонски, локалната самоуправа во Тетово, Струга, и сл. се однесува дискриминаторски кон неалбанските граѓани, пред медиумите се одбива македонскиот јазик од страна на албанските етнички партии, се заговара зборување на албанскиот јазик во парламентот без превод, се дезавуира уставната должност во врска со употребата на кириличното писмо, вековните словенски македонски топоними се преведоа на друг јазик, се вршат притисоци и врз Македонците со исламска вероисповед итн. Тоа не води кон соживот, не нуди перспектива, напротив!

Кога колегите ја прашаа: Страхувате од можна федерализација? Ќулавкова им одговори:

– Елементи на федерализација во РМ има уште од 2003 година, кога се донесе несреќниот Закон за територијална реорганизација, а всушност со тој закон Македонија е кантонизирана. Имаме полоша варијанта од федерализација.

Да, кога тогаш би било сега, верувам дека ја замислувате рамо до рамо со Дамовски, Илиевски, Мисиркова, Петрушевски, Маџунков, Лазаров, Љутков, Руси и плејада други разбудени Македонци. Арно ама…

 

Како академикот Џекил стана бранител на неодбранливото

И додека се мислите на што се должи ваквата чудесна трансформација, само да ве потсетиме дека таа за редовен член на МАНУ е избрана на 27 мај 2003 година, време на владеење на СДСМ. А тие, никогаш не влијаеле на ништо во државата, нели. Поверојатно, можеби самата носталгија си го сторила своето. Како и да е, „Република“,поведена од нејзините убермакедонски ставови изразени во минатите интервјуа, ѝ побара интервју пред изборите во декември 2016 година. Доби инстант негативен одговор, кој гласеше:

„Ви благодарам на поканата да направиме интервју, но не сум во состојба да планирам било какво интервју следните седмици оти работам на мои есеи (в. Книгите Македонски искушенија, Отворена поетика). Во некои од нив давам одговор на овие прашања. Вие ги поставувате исклучиво во функција на предизборен маркетинг поставен наопаку, жално. Катица Ќулавкова“.

analiza237-4

Ако ги исклучиме правописните и јазични грешки, што беше вистинскиот проблем во прашањата за академикот? Еве го, поточно, еве една половина од осумте прашања, кои, очигледно, навлегоа во нечија интима (во оригинален редослед):

3. Ако македонските Албанци повеќе се препознаваат во мегаалбанскиот одошто во македонскиот матичен концепт, колкав државен интерес препознавате во концептот за двојазичност како уставна категорија?

4. Колку новиот концепт на СДСМ во трка по албанските гласови е во насока на градење на функционална и одржлива држава?

5. Дали ветувањето на двојазичноста како уставна категорија го чувствувате како негирање и понижување на Република Македонија?

6. Како ги толкувате Законот за територијална организација, Законот за јазиците, Законот за топонимите, од аспект на понудата на уставна двојазичност на цела територија?

Ете што беше жално, нели, засегањето во актуелната состојба и во партија, поттикната од неа. За оваа состојба, која освен академикот ја споделува и приличен број Македонци, кои, сепак, поверојатно се чувствуваат само како Македончиња, народот има одлична дијагноза. Се вика „слеп при очи“, фантастичен опис и народна дијагноза на состојба кога некој не може, а да не види што му се случува (како што е примерот со албанската платформа, лагите на Заев, кој ѝ кумуваш и др.), но поради сопствениот ќар, погрешни убедувања и ред долгови, лукративно решава дека реалноста е поинаква и свесно ја прескокнува и пренебрегнува вистината.И така, тоа што за некого е жално, за друг е вистина…

analiza237-5

Кога животот ви го пишува Тарантино…

Сосема случајно, прикаската и „отворањето“ на Ќулавкова се случи ист ден кога најпознатата македонска порноѕвезда, сега само старлета, Анѓела Митковски, алијас Анѓела Вештица, преживеа напад во Сараево. Во стил на Тарантиновите „Евтини приказни“, љубоморна сопруга на босански криминалец пукаше со пиштол цели девет пати во Анѓела, но не ја погоди ниту еднаш. Ама ни еднаш…

На другата страна, имаме еден лик сличен на Квентиновите. Во Македонија, унитарна во моментов и не благодарение нему, имаме лидер на партија што ја доби својата четврта кривична пријава за криминал. А исто како и на Винсент Вега (го глуми Џон Траволта) и на нашата Анѓела Вештица, овде, само правно гледано, и по четири кривични пријави, на Заев не му недостига ни влакно од главата. Првите две му „поминаа“ со аболиција (Бранко Црвенковски, па Катица Јанева), од рочиштата на третата го „вадат“ амбасадори, а последната допрва треба да стартува. Ќе куртули ли и од неа?

Уште едно логично прашање. Во итна потреба од каква и да е дигресија од „опасноста“ од будењето на народот и од стотици илјади на улица, дали некој на „Павел Шатев“, можеби, во метежот и во брзањето не го згрешил бројот, па ѝ се јавил на погрешната Катица?

Пишува: Љупчо Цветановски
(Текст објавен во 237. број на неделникот „Република“, 17.3.2017)

Top