среда, 28 јуни 2017 | Вести денес: 2 ново

Вашингтон го менува курсот на Балканот – Бејли ќе одговара пред Американците, Заев пред Македонците

Ненад Мирчевски

Ненад Мирчевски

Дваесетина дена лидерот на опозицијата игнорира стотина илјади граѓани на улиците, кои бараат од него да ја отфрли албанската платформа и упорно чека од своите надворешни пријатели да го устоличат во очајно посакуваната премиерска фотелја. Болната желба за власт му го смалува видното поле, па не успева да ја согледа решителноста на народот да не дозволи разнебитување на државата и да спречи формирање квислиншка влада. Пораката на граѓаните многу посериозно ја примиле неговите налогодавци, кои исплашени од целосен колапс на сценариото барале повлекување на народот од улиците, а дури и се заканувале со вооружени инциденти слични на тие од Диво Насеље ако претседателот и понатаму одбива да го даде мандатот. Но и нивните закани, очигледно, веќе ја немаат таа „убедувачка“ моќ што ја имаа во минатото. Повеќе од забележлива е немоќта на Заев и на „чадорот“ да го променат текот на настаните во своја полза. Дури и на Ахмети му стана јасно дека е погубно да јава спроти ветрот.

Шпекулациите дека СДСМ и албанските партии на сила ќе влезат во Собранието за да формираат влада без мандат не се реализираа не затоа што сценаристите не го планираа тоа, туку затоа што ја превидоа решителноста на народот да не дозволи такво нешто. Заев може колку што сака да „паламуди“ дека ќе формира влада без мандат од претседателот, но и самиот е свесен дека тоа ќе биде најбрзиот крај за неговата политичка кариера. Колку и да се обидува да ја убедува јавноста дека неговата владина програма не е противуставна и не е базирана на албанската платформа, реалноста е дека неговите лаги веќе не поминуваат кај народот, па така за да ја исполни задачата на неговите „пријатели од надвор“ ќе мора прво да помине преку тие 150.000 луѓе што секојдневно го потсетуваат дека се таму за да ги чуваат институциите од предавници како него. Со секој поминат ден, квислингот сѐ повеќе сфаќа дека новата влада, која досега неколку пати сам еуфорично си ја најавуваше и си се претставуваше како премиер, сепак нема да се случи без легално да ја добие довербата на граѓаните на нови избори.

Прашање на време е кога Зоран Заев, конечно, ќе разбере дека неговата судбина е во рацете на народот. Веројатно во исто време кога ќе сфати дека веќе не може да се потпира на поддршката од „чадорот“, кој досега го штитеше од граѓаните и од институциите за да го одработи планот за разнебитување на државата. Вистинскиот лидер на опозицијата во земјава, амбасадорот Џес Бејли, има многу поголеми проблеми од бранењето на Заев од македонскиот народ. Бејли тукушто доби најава за петта истрага за неговата работа, овој пат од шест сенатори, меѓу кои и сенаторот од Тексас, поранешен претседателски кандидат, Тед Круз. Незадоволството на конгресмените и на сенаторите од работата на амбасадорот во Македонија недвосмислено покажува дека Вашингтон го менува курсот во однос на Македонија. Воопшто не се сомневам дека истражителите ќе дојдат до многу конкретни одговори за улогата на Бејли и на персоналот од амбасадата во политичката криза во Македонија. Можеби ќе помине време додека македонската јавност да ги чуе деталите од истрагата, но секој што сака да се увери како функционирала администрацијата во Вашингтон последниве години, каков притисок вршела врз владата во Македонија и кој е вистинскиот грев на Никола Груевски и на неговите соработници, доволно е да ја пребара архивата на „Викиликс“. Доверливите документи испратени од амбасадата на САД до надлежните во Вашингтон пред и по самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година јасно и недвосмислено ја потврдуваат непопустливоста на ВМРО-ДПМНЕ околу промената на името.

Во оваа пригода многу кусо ќе пренесам дел од содржините на две писма пратени од Амбасадата на САД во Скопје на 5 февруари и на 11 март 2008 година, со наслови: „Вршење притисок за напредок за проблемот за името пред самитот на НАТО“и „Македонија пред полноќ: Фрид притиска за компромис за името“.

Од самите наслови може лесно да се заклучи колку било важно за нашиот стратегиски партнер да нѐ внесе во НАТО по секоја цена, но и колкав бил гневот кон владата во Скопје по неуспехот во Букурешт. Уште потрагично е тоа што американската администрација упорно притискала Македонија да прифати промена на името само за да ѝ даде „шанса на Грција да размисли дали ќе го употреби правото на вето!“ Заменикот на државниот секретар, Даниел Фрид, при една средба со премиерот Груевски и со претседателот Црвенковски дури и признал дека САД не можат да ја убедат Грција да се откаже од ветото! Ако нашите пријатели ни мислат добро и искрено нѐ сакаат како партнери во НАТО, тогаш се поставува прашањето зошто ни вршат притисок за брзо решение за името без притоа да ни гарантираат сигурен влез во алијансата и дека тоа нема да значи обезличување на македонскиот народ?

Ние се обидуваме ги убедиме дека ставањето понуда на маса нуди најдобра надеж иако, секако, не е гаранција за избегнување на ветото, известува до Вашингтон во едно од писмата тогашната амбасадорка Џилиен Миловановиќ и истовремено ги убедува своите претпоставени дека ќе може да биде прифатено име за меѓународна употреба, ако биде добро презентирано во јавноста. За исполнување на целта, предлага формирање широка коалиција, која ќе го поддржи компромисното решение како најдобар начин за спречување на ветото. Во писмото, исто така, се нагласува дека амбасадата на САД во Скопје не се согласува со заклучокот на тогашниот премиер Никола Груевски дека во јавноста нема расположение за компромис за името и покрај тоа што на улиците имало демонстрации. Како поткрепа на ставот на амбасадата наведуваат новинарски текстови од проопозициските медиуми во кои се брани позицијата: „потребно е решение за името во насока за обезбедување членство во НАТО“.

Секоја сличност на настаните од 2008 година со овие денес не е случајна. Дали пак СЈО и албанска платформа се казна за непопустливоста на Никола Груевски и за непокорот на македонскиот народ, проценете сами.

Како и да е, на Зоран Заев веќе му е јасно дека новата администрација во Вашингтон става крај на ваквите дипломатски игри. Неговиот„ чадор“, дефинитивно, заминува во историјата, а, можеби, и во затвор. Ќе одговара пред американскиот народ. Како што многу пати досега кажав – народот е тој што дава и тој што одзема мандат, не амбасадорите и дипломатите. Ако сакаше да ја управува државата во интерес на граѓаните, Заев требаше да се поклони пред нив и да бара прошка, место да коленичи пред странците молејќи за поддршка. Сега, ќе го чека истата судбина како неговиот „чадор“ – нови и нови истраги за корупција и за злоупотреба на должност, судски процеси и, веројатно, затвор…

А Македонија? Македонија ќе го преживее и ова предавство!

Top