вторник, 25 април 2017 | Вести денес: 0 ново

Изложба на Андријана Мациев во Македонскиот културен центар во Софија

На 17 март (петок) во 18:30 часот, КИЦ на Р. Македонија во Софија ќе биде домаќин на отворањето на изложбата на македонскиот ликовен уметник Андријана Мациев. На изложбата со наслов “Живот во бои” ќе бидат претставени 22 дела работени во акрил на платно, од најновиот опус од творештвото на авторката.
Андријана Мациев е веќе афирмиран ликовен уметник од помладата генерација македонски ликовни уметници, со свој специфичен и препознатлив ликовен израз.
Своето ликовно образование го оформува во Училиштето за применета уметност “Лазар Личеноски” во Скопје, а дипломира на Факултетот за ликовни уметности, оддел графика во класата на проф. Димитар Малиданов.
Самостојно има изложувано во сите поголеми градови во Македонија, а на групни изложби се има претставувано и во Бугарија, Србија, Турција, Франција, Босна и Херцеговина. Свои дела има претставувано во Варна и Созопол.
Оваа изложба е нејзино прво самостојно претставување во Софија, а по тој повод кустосот Елена Иванова (за каталогот на оваа изложба) вели :
“Писмото на Мациев е препознатливо по силниот и контрастен колорит кој блеска со оптимизам и животна радост. Забележлива е тематската широчина во делата, која се должи на основните чести вредности-линија, боја, композиција.”
Изложбата која е дел од годишната програма на нашиот КИЦ во Софија ќе ја отвори директорот на Центарот, Васко Шутаров, а публиката во Софија, изложбата ќе може да ја види секој работен ден  до 10 април 2017 година.

 

Top