четврток, 22 јуни 2017 | Вести денес: 92 ново

Во јавниот сектор вработени вкупно 129.653 лица

Во јавниот сектор во Република Македонија се вработени вкупно 129.653 лица, посочува најновиот Годишен извештај за 2016 година на Министерството за информатичко општество и администрација кој произлегува од регистарот на вработени во јавниот сектор.

Извештајот нуди анализа на структурата на податоците за 110.311 вработени во јавниот сектор, од кои жени се 59.111, а мажи 51.200, а просечната возраст изнесува 45,4 години. Извештајот не нуди податоци за структурата на 19.342 лица кои се вработени во АРМ, МВР и Агенцијата за разузнавање поради чувствителноста на податоците.

Министерката за информатичко општество и администрација Марта Арсовска Томовска изјави дека Извештајот нуди сериозна анализа на обемот и структурата на вработените според пол, возраст, образование и етничка структура во јавниот сектор, како и анализа на организацијата на државата со класификација на институциите основани од државата.

– Самиот начин на кој е прикажан Извештајот дава и приказ на моменталните состојби и трендовите во јавниот сектор споредено со податоците од минатата година. Целта ни е со подготовка на ваков извештај, кој произлегува од регистарот на вработени да обезбедиме на едно место податоци и за институциите и за државата кои понатаму ќе ни послужат за планирање на човечките ресурси, за подготовка на следната стратегија за реформата на јавната администрација за периодот 2017-2022 година, а на стручната и научната јавност ќе и овозможат да врши истражувања и анализи во однос на јавното управување. Извештајот ќе обезбеди и транспарентен и отчетен начин на кој Министерството сака да ги сподели овие податоци со јавноста и со тоа да престанат сите шпекулации во иднина кои се однесуваат на бројот и структурата во јавниот сектор, рече Арсовска Томовска.

Професорот Борче Давитковски, кој е еден од лицата ангажирани во подготовката на Извештајот, истакна дека станува збор за идеален, уникатен документ и еден од првите во регионот кој нуди и структурна и организациска презентација на јавниот сектор во Република Македонија. Документот, додаде тој, дава и приказ на трендовите во развојот на администрацијата.

– Бројот на вработени во Армијата, во образованието и здравството расте. Во образованието, веројатно заради отворените нови универзитети. Инаку, во однос на класичните државни службеници во министерствата бројот, за жал, опаѓа и доколку се земе бројката во тотал и се спореди државната администрација во однос на останатите вработени во јавниот сектор и вработените во приватниот сектор ќе видиме дека согласно европските и светските стандарди нам ни фалат луѓе во државната администрација, додека јавниот сектор сметам дека е преоптеретен. Тој тренд треба добро да се нотира и да се испита. Тренд се и рамковните вработувања кои од 10 отсто пораснале на 19,4 проценти, односно околу 20 проценти, како и стареењето на нашата администрација, рече Давитковски.

Изготвувањето на единствен регистар на сите вработени во институциите на јавниот сектор е законска обврска на Министерството за информатичко општество и администрација. Ова е втор Годишен извештај подготвен од МИОА.

Top