сабота, 25 март 2017 | Вести денес: 69 ново

Премиера во МНТ: „Говорна мана“ – претстава за театарот и театарските луѓе, но и за целото општество

Вечерва на малата сцена Македонскиот народен театар (МНТ) во 20 часот премиерно ќе биде изведена претставата „Говорна мана“ во режија на Драгана Милошевски-Попова, според текст на познатиот српски театарски и филмски режисер Горан Марковиќ.

Приказната се одвива во театар, во гримиорна на еден актер, првенец, на крајот на неговата кариера. Актерот и професор по глума во приказната (Мишел Радински), кого го толкува Џамбазов, се штити себеси затворајќи ги очите пред општествената реалност и бега во илузиите кои му ги овозможува театарот.

– Во текот на процесот размислувавме дали треба да остане да се вика „Говорна мана“ или да биде говорна и други мани затоа што се занимава со разноразни општествени теми, што се сублимирани како и во другите, пред се, филмови, но и во други текстови на Горан Марковиќ, кои влијаеле да се развијам и како човек, и како режисер. Приказната е сместена во театар и сите ликови се луѓе кои кажуваат реплики што нам ни се блиски и познати – вели режисерката Милошевски-Попова.

Џамбазов, исто така, рече дека и самиот пораснал со филмовите на Марковиќ со кого наоѓа и биографски сличности – и двајцата се деца на родители-актери, и двајцата израснале во театарот.

– Затоа, се она што го напишал во „Говорна мана“ е само една брилијантна слика на она што тој го доживувал во своите детски денови во театарот. Се занимавал со проблемот на театарот и театарските луѓе, а всушност преку театарот и со целото општество – вели Џамбазов.

Наспроти неговиот е ликот на млад човек (Петар) со кариера која ветува. Него го игра Ивица Димитријевиќ, а женскиот лик (Славица) го толкува Сашка Димитровска. Покрај нив, кои се ликови од текстот на Марковиќ, во претставата има ликови на уште три актерки кои ќе ги играат Арна Шијак, Ана Стојановска и Билјана Јовановска.

Тие, рече режисерката, отвораат теми и прашања за тоа каков театар денес очекуваме, сакаме и имаме потреба да видиме и да правиме.

– Тоа е еден вид коментар. Тие актерки учествуваат во целата претстава и се коментатори – некој којшто учествува, кој може да критикува и да биде критикуван -додаде Милошевски-Попова.

Костимографијата и сценографијата во „Говорна мана“ се на Илина Ангеловска, а музиката ја компонираше Горан Трајковски. Првата реприза на новата премиера на МНТ ќе биде на 16-ти, а втората на 29 март.

Top