понеделник, 23 октомври 2017 | Вести денес: 40 ново

Енергетска математика на ЕВН: Кој апарат троши најмногу струја во домаќинствата?

Податоците од Енергетската математика, проект кој е дел од платформата за енергетска ефикасност на “ЕВН Македонија” покажуваат дека фрижидерот месечно троши 108 киловат-часови, додека шпоретот, со само еден час работа во денот, троши 120 киловати електрична енергија секој месец. Ако ја вклучуваме секој ден, машината за садови ќе биде на трето место по потрошувачка и во месецот ќе ни потроши 90 киловати струја.

Фрижидерот троши многу затоа што мора да работи нонстоп, а шпоретот затоа што за еден час повлекува најмногу електрична енергија.

– Доколку употребувате машина за садови, ви препорачуваме да ја избегнете програмата за сушење и да ги извадите садовите да се сушат надвор. На овој начин ќе заштедите на вашата сметка за електрична енергија. Исто така, нареден пат кога ќе правите генералка не заборавајте да го исчистите задниот дел од фрижидерот. Доколку е полн со прашина, ќе му биде потребно поголемо количество на електрична енергија за да работи, а воедно и вашата сметка ќе биде поголема – советуваат од ЕВН.

Ако бојлерот го вклучувате секој ден по еден час, месечно ќе ви потроши 60 киловат-часови со што тој доаѓа на четврто место по потрошувачка на електрична енергија.

Како големи потрошувачи на електрична енергија се и сијалиците во домот. Пресметките покажуваат дека тие месечно трошат 45 киловати.

По нив следува машината за перење алишта со 36 киловати, па пеглата, правосмукалката и телевизорот.

– Кога пеглате, секогаш пеглајте повеќе алишта одеднаш, не едно по едно и користете обична пегла наместо на пареа, обичните пегли се поефикасни. Пеглата иако е мала, со секое загревање многу троши. Знаете ли дека плазма екраните, во споредба со останатите екрани, користат најголема количина на електрична енергија? Просечниот плазма екран користи 400 вати електрична енергија, додека пак на ЛЦД-екранот му се потребни околу 180 вати – велат од ЕВН.

Top