вторник, 21 ноември 2017 | Вести денес: 126 ново

„Говорна мана“ е новата премиера во МНТ на малата сцена

В среда, на 15 март на малата сцена на Македонскиот народен театар (МНТ) во 20 часот премиерно ќе биде изведена претставата „Говорна мана“ на српскиот автор Горан Марковиќ, а во режија на Драгана Милошевски – Попова.

Во главните улоги настапуваат Игор Џамбазов (Мишел), Сашка Димитровска (Славица) и Ивица Димитријевиќ (Петар). Во актерската екипа се уште и Арна Шијак, Ана Стојановска и Билјана Јовановска, кои ги толкуваат улогите на актерката.

Драматург и стручен соработник е Дејан Дуковски, Илина Ангеловска е сценограф и костимограф, а Горан Трајковски е автор на музиката.

IMG_1651

– Текстот ни дава можност да се судриме и да се запознаеме со човек, чијашто кариера ветува да полета кон самиот врв и за тоа бара помош од театарската илузија. На друга страна е актерот што е пред крајот на својата кариера, кој пред општествената и политичката реалност силно ги затвора очите, сè дури околностите не го натераат на спротивното – вели режисерката Милошевски-Попова.

– Драго ми е што на репертоарот на МНТ, на малата сцена на која играат нашите големи актери ќе се постави текст на големиот српски филмски режисер Горан Марковиќ. Овој текст е напишан пред точно 20 години, но и денес е актуелен – вели Дејан Пројковски, директор на МНТ.

Како и сите текстови на Марковиќ и овој се занимава со различни општествени теми.

IMG_1372

– Јас пораснав со филмовите на Марковиќ и тие влијаеа на мене и како човек и како режисер. Сите ликови ми се блиски – објаснува режисерката.

Горан Марковиќ (1946) е син на познатите српски актери Оливера и Раде Марковиќ, режисер на многу познатите и популарни српски филмови како „Специјално воспитување“, „Национана класа“, „Вариола вера“, „Веќе видено“, „Собирен центар“, „Тито и јас“, „Урнебесна трагедија“, режирал педесетина документарни филма, напишал шест театарски претстави, режирал три претстави, напишал три книги.

Џамбазов ја толкува улогата на Мишел, кој е актер.

– Кога ми ја понудија улогата ми се оствари желбата да играм лик што го напишал Марковиќ. Овј текст е брилијантна слика на театарот. Во својата кариера не сум играл често акатер. Мишел Радински е многу сличен на мене, или јас на него. Разведен е, нема деца, има девојка, која е 25 години помлада од него. Вистинско задоволство е актер да игра актер како Мишел Радински – вели Џамбазов.

IMG_1438

Тој смета дека оваа претстава ќе биде апсолутен хит на репертоарот на МНТ.

Димитровска го толкува ликот на Славица, девојката на Мишел.

– Благодарна сум што го толкувам ликот на Славица. Мислам дека секоја актерка би посакала да ја игра. Првпат настапувам на малата сцена и мора да признаам дека многу ми се допаѓа – вели Димитровска.

По „Силјан штркот шанца“ Ивица Димитријевиќ вторпат е на малата сцена на МНТ и вели дека тука се чувстува многу подобро отколку горе, каде што е големата сцена.

IMG_1877

– Имавме многу убав, спринтерски процес на работа. Завршивме без ниту еден од нас да го повиши гласот – вели Димитријевиќ кој го толкува ликот на Петар.

Пројковски информираше дека Марковиќ во мај ќе дојде во Скопје за да ја гледа „Говорна мана“.

фотографии: Драган Гајиќ

Top