петок, 20 октомври 2017 | Вести денес: 111 ново

Изложба на студентски плакати во Музеј на град Скопје

На 15 март 2017 година во 19 часот,во Музејот на град Скопје ќе бидат прогласени наградените автори и отворена изложбата на студентски плакати,од конкурсот за промотивен плакат ,насловен GO #MK! Република Македонија како туристичка дестинација.Ќе бидат претставени 50 плакати од повеке од триесетина млади автори од Република Македонија,меѓу кои и трите добитници на главната награда.Овие тројца студенти-лауреати, во текот на летото ќе отпатуваат во Република Полска на студиска посета која ќе биде фокусирана на историјата и современоста на полскиот плакат,при што, ќе „шетаат по трагите“ на „Полската школа на плакат“ и нејзините творци-што означува посети на факултети за графички дизајн,во галерии и музеи(како што е Wilanow Poster Museum) и средби со експерти по плакат,во неколку полски градови чија историја е силно поврзана со историјата на полскиот плакат (Warszawa, Łódź). Наградите ги обезбедува Министерството за Надворешни работи на Република Полска.

Истовремено ќе бидат прогласени и двајца почесни добитници на наградата на Музеј на град Скопје и по еден добитник на наградата на Амбасадорот на Р.Полска НЕ Јацек Мултановски,и наградата од светскиот плакатист  Ришард Каја.

Изложбата ќе содржи и сегмент насловен „Мал плакат“ составен од 20тина дела на детски цртежи,добиени како резултат на работилницата која Ришард Каја ја реализраше во ноември 2016 во рамките на 9Скопје постер фестивал.

Главната цел на конкурсот за студентски плакат на тема „Go #MK! Република Македонија како туристичка дестинација“, што го организираа Музеј на град Скопје, Плакарт и Амбасадата на Република Полска во Република Македонија е добивање на плакат со современ израз како дизајнерски производ, преку кој ќе се промовира како земја со богато културно наследство, зачувани природни богатства и богата духовна ризница. Преку одбраната тема, организаторите одлучија да стават акцент на прашањето на квалитетно дизајнирана промоција на Република Македонија во светот како атрактивна туристичка и културна дестинација. Воедно овој проект е со цел да го соедини креативниот капацитет на идните професионалци во обид да го привлечеме вниманието на потенцијални посетители, кои би се вљубиле во Македонија.

Симболички, реализацијата на проектот беше отпочната во април 2016 година,во Музејот на град Скопје,со изложбата „Полската школа на плакат“како воведен едукативен импулс од врвните мајстори на плакат.Преку проектот „АртЛИНК“ –авторот Јасминка Намичева,настојуваше да воспостави интерактивно вклучување на младите креативци во процесот на истражување и презентирање на културните вредности на Македонија,за  што беше организирана мрежа  во која се обединети сите Универзитети од Република Македонија –(Факултет за ликовни уметности и Архитектонски факултет од Универзитет „Кирил и Методиј“во Скопје; Факултет за уметности- Државен Универзитет во Тетово; Ликовна академија -Универзитет Гоце Делчев –Штип; Факултет за дизајн-ЕУРМ-Европски Универзитет Република Македонија-Скопје; Факултет за архитектура-Универзитет Американ Колеџ –Скопје;Факултет за дизајн и мултимедија- ФОН Универзитет-Скопје;Факултет за архитектура МИТ–Скопје; СЕМОС Академија за дизајн;СИВАС Академија за дизајн;). Студентите од овие Универзитети беа поканети да земат учество на конкурсот.Следствено, проектот се реализираше и во рамки на 9. Скопје постер фестивал, ноември 2016 година, кога се одржа студентска работилница на плакатистот Ришард Каја од Полска. Полскиот илустратор, автор на огромната серија плакати за промовирање на Полска, одржа и работилница за деца на истоимената тема, чии цртежи се дел од главната изложба по завршувањето на конкурсот.

Жирито за избор на победници го сочинуваат Ришард Каја – илустратор, мајстор на плакатот, Полска, Јацек Мултановски – амбасадор на Република Полска во Република Македонија, Томислав Микулчиќ – директор на Музеј на град Скопје, Лазе Трипков – директор на Музеј на современата уметност, Ласко Џуровски – дизајнер, типограф, основач на Тотем – дизајн студиото.

Во текот на 2017 година,покрај Скопје,изложбата ќе биде претставена во музеите и домовите на култура  кои се членови на неформалната мрежа„МузеумЛинк“во 18 градови од Македонија- Куманово,Кратово,Крива Паланка,Штип,Св.Николе,Виница,Струмица,Велес,Кавадарци,Неготино,Гевгелија,Охрид,Битола,Струга,Прилеп,Кичево,Ресен и Тетово.

Под мотото „Постерот е благородниот дел на дизајнерската работа.”од  Рафал Олбињски, еден од најистакнатите полски автори на плакати ,Музејот на град Скопје,Плакарт и Амбасадата на Република Полска во Македонија се надеваат дека оваа иницијатива ќе  биде поттик за понатамошна промоција на новите професионалци за плакат во Република Македонија.

Музеј на град Скопје  има за цел да го   развива концептот на наградување на студентски плакати на различни теми како долгогодишен проект,преку кој сегашните млади креативци ќе бидат однегувани во идните музејски и академски професионалци.

Особено задоволство е кога се соработува со партнери како г-ѓата Кинга Нетман Мултановска  од Амбасадата на Република Полска во Република Македонија, и г-динот Гере Трипков од Плакарт,без чија исклучителна креативна енергија овој проект ќе беше помалку богат.

Top