вторник, 19 септември 2017 | Вести денес: 87 ново

Танески: Со албанската платформа Заев го враќа долгот

Европа никогаш не била позаинтересирана Македонија да ја има под свое, а за соседите да ги одблокираат интеграциските процеси на Македонија, бараат исполнување на нивните услови. Оттука секој си бара начин како да го оствари својот интерес, кој секогаш завршува врз грбот на најслабиот, во случајов Македонија, вели професорот Танески во интервју за „Република“

По првите објавени нелегално прислушувани разговори од страна на Зоран Заев во февруари 2015 година, ретко кој имаше храброст гласно да зборува за тоа што се крие зад „чадот“ од „бомбите“ на лидерот на опозицијата, а уште помалку да прогнозира кога може да се очекува расплет на кризата и нормализирање на состојбата. Еден од ретките што уште тогаш најавуваше „долг период на политичка нестабилност“ е универзитетскиот професор Ненад Танески, кој во интервју за „Република“ оцени дека станува збор за „голема игра на големи светски актери“, а неговите процени беа дека „крајот на кризата не може да се види пред 2018 година“. Докторот на безбедносни науки, два месеца по почетокот на објавување на бомбите, исто така, предупреди дека „Заев ќе стане заложник на своите „пријатели од надвор“ и најави: „ако еден ден овој човек дојде на власт, поголем дел од својата работа ќе мора да го посвети на странските разузнавачки служби, на кои ќе им должи големи услуги“.

 

Велат ако не сте сигурен дали некој точно ја предвидува иднината, вратете се во минатото и погледнете што зборувал за сегашноста. Од денешен аспект, Вашите прогнози за развојот на кризата, за жал, се покажаа точни. Пред две години ѝ останавте должен на јавноста да објасните зошто сметавте дека кризата ќе се одложи толку долго и зошто разрешницата ќе треба да ја чекаме до 2018 година?

ТАНЕСКИ: Да бидам искрен, кога се прават анализите за развој на настаните дури и да ги имате сите точни информации, дури и да сте ги зеле предвид сите можни и помалку можни сценарија, тешко е прецизно да го предвидите резултатот. Колку и да ги гледаме, државите, меѓународните организации, бизнис-центрите како субјекти што имаат предвидени интереси, сепак тие субјекти се водени од поединци и од групи. Секој од нив дејствува во зависност од својот карактер, лични убедувања, некогаш и пријателски врски. Но, сепак, колку што правите потемелна анализа изгледите да погодите ви се поголеми. Во тој период имав предвид неколку клучни моменти. Прво, изведбата на геостратегиските проекти на Русија со „Турски тек“ и на Кина со „Патот на свилата“. Реализацијата на овие два проекта е во спротивност на интересите на САД и на Европската унија. Реализацијата на тие проекти директно ќе влијае на намалување на економската моќ на САД и на Унијата, но и на намалување на профитот на корпорациите во овие земји. Реализацијата (дали ќе се реализираат или не) на овие два проекта што се корисни за Македонија би требало да заврши во 2018 година. Тоа беше едната варијабла земена во анализата. Втората клучна претпоставка беа претседателските избори во САД, како и изборите што треба да се случат во Франција и во Германија. Значи, колку и да сакаме да мислиме дека во западниот свет владеат вистински демократски системи, сепак, реалноста е малку поинаква. И западните држави што извезуваа демократија се западнати во квинслиншки односи со бизнис-центрите, односно центрите на моќ, и, на некој начин, се управувани од нив. Ова тврдење најлесно се докажува преку недоследната политика на ЕУ за исто прашање, но за различни субјекти. На Балканот има и премногу такви недоследности. Центрите на моќ што ги контролираат државните претставници и преку нив ги спроведуваат сопствените интереси, сигурно, ги зеле предвид и изборите што доаѓаат. Оттаму беше лесно да се претпостави дека и едната и другата страна, Западот наспроти Истокот, имаат доволно време да причекаат развојот на настаните да не го силуваат во насока на своите интереси, а притоа солидно да го изработат теренот. Па, така беше повеќе од јасно дека нема да се избрзува со избори сѐ додека анализите не покажат поволен резултат. Односно, резултат со кој ќе имаат можност за маневри. Веројатно, како што поминува времето, сѐ појасно се гледа целата заднина, намерите на надворешните фактори и нивните фаворити. За волја на вистината, источната страна има помала потреба да фаворизира страна бидејќи користа за Македонија од реализацијата на овие два проекта ќе биде сериозна, па, веројатно, играат на опцијата дека дури и да победи фаворитот на нивниот непријател ќе имаат простор за маневрирање. Западната страна, пак, ја поддржува опцијата, која, според нивната математика, ќе покаже сервилност, а со тоа и заштита на нивните интереси. Значи, да се разбереме, целата приказна нема врска со демократски вредности, со човекови права, со евроинтеграции, пријателски или добронамерни односи, туку има врска само со геополитички интереси, а сето наброено се само механизми за нивно остварување. Засега само преку употреба на мека моќ.

Nenad-Taneski-int236-4

Веднаш по објавувањето на првите нелегални прислушувани разговори од страна на Зоран Заев, за кои од објавена видеоснимка слушнавме како самиот признава дека ги добил од странска служба, Ве прашав: „Ако Заев сега како опозиционер има тесна соработка со странски елементи, како ќе работи некогаш кога ќе дојде на власт?“ Вие тогаш ми одговоривте: „Ако еден ден овој човек дојде на власт, ќе мора да го исплати долгот“. Кажете ми што треба Заев да им испорача на странските разузнавачки служби откако ќе дојде на власт?

ТАНЕСКИ: Јас тука не би можел да шпекулирам кој е договорот меѓу нив. Но тоа што е очигледно е веќе покажаната сервилност на Заев. Дали доколку формира влада од него ќе се бара брза промена на името, или разрешување на сите отворени прашања со соседните држави-членки на ЕУ, односно НАТО, тоа можам само да го претпоставувам од тоа што е јавно кажано. Знаете, нашите соседи Албанија, Бугарија и Грција, со нивното членство во воено-политичкиот блок на западноевропските држави се во позиција преку примена на сила (во случајов вето) да си ги остваруваат своите национални интереси. Свесни се дека ова е многу поволен момент. Европа никогаш не била позаинтересирана Македонија да ја има под свое, а за соседите да ги одблокираат интеграциските процеси на Македонија бараат исполнување на нивните услови. Оттука секој си бара начин како да го оствари својот интерес, кој секогаш завршува врз грбот на најслабиот, во случајов Македонија. Тоа што оди в прилог на ова тврдење е усвојувањето на најавената Резолуција со која се осудува геноцидот врз албанскиот народ во Македонија во периодот 1912-1956 година. Со оваа Резолуција, всушност, ниту ќе бидат унапредени правата на Албанците, ниту ќе се подобри нивниот живот во Македонија, а ќе ги нарушиме односите со Србија. Не би сакал да навлегувам подлабоко во елаборирање на ова прашање зашто тоа ќе нѐ врати на Букурешкиот договор и ќе отвори многу други прашања, но, сепак, ќе нагласам дека ако се донесе таа резолуција, Македонија сама ќе си ги скрати алтернативите, односно можностите во меѓународните односи, а можно е таа Резолуција да има и егзистенцијално влијание врз Македонија. Но,постојат и прашањата поврзани со Резолуцијата на кои треба да ви го одговорот правниците, како се утврдува геноцид, кој е надлежен, кога воопшто почнува да се употребува како термин и од кога претставува кривично дело за меѓународното право. Ова не е мој домен и јас не би навлегувал во ова прашање подлабоко, но, за споредба, тоа е слично како да донесеме резолуција за осуда на компјутерски криминал во 18 век.

 

Во интервјуто што го правевме еден месец пред случувањата во Диво Насеље предупредивте дека „сценаристите може да активираат дополнително сценарио ако примарното („бомбите“ на Заев) помине неуспешно, сѐ во насока на промена на власта“. Колку и да се обидуваа сценаристите да ја препишат одговорноста за организирањето на терористичкиот напад на ВМРО-ДПМНЕ, денес сѐ појасни се политичките и криминални врски на учесниците во Диво Насеље со СДСМ, но и со нивните надворешни пријатели. Очекувате ли сега слично сценарио на странските разузнавачки структури за поддршка на албанската платформа и инсталирањето на Зоран Заев во премиерската фотелја?

ТАНЕСКИ: Видете, реализацијата на сценариото за промена на власт се приближува кон крајот. Но, многу делови од тоа сценарио не одеа како што се очекуваше. Односно, по бомбите, и по финансиското засилување на опозицијата, очекувањето беше дека СДСМ ќе добие поголема поддршка. Откако првите анкети покажуваа дека пресметките не се исполнуваат, во недостиг на гласови се посегна по албанскиот електорат. Во тој пазар, како и во секој, не може само едната страна да добива, а другата да губи, па, веројатно, се тргувало со прашања, кои подоцна беа застапени во платформата. Но, тие прашања не биле прашања за тргување на албанските партии, туку на СДСМ. Односно, врз основа на тие прашања СДСМ ги доби гласовите од Албанците, а албанските партии ги загубија. Всушност и затоа платформата не е ниту во една изборна програма на албанските партии, туку се појавува отпосле. Албанските партии, пред сѐ, ДУИ, сфаќаат дека мора да ја поддржат платформата, зашто во спротивно би загубиле уште повеќе гласови, а Заев, кој тргувал со овие прашања, сега, наводно, ги поддржува отпосле. Значи, реално, прашањата од платформата биле адут во предизборието, а сега се адут за состав на влада. Но, не се тие реални барања и потреби на Албанецот граѓанин во Македонија, нормално, не се ниту спротивни на интересите на Албанците во Македонија, но вистината е дека тие се дел од политиката на Албанија во насока на остварување на идејата за Голема Албанија, која имаше поддршка од претходната администрација на САД.

Nenad-Taneski-int236-2

За можноста од примена на планот „Б“ за уривање на власта тогаш сметавте дека „целта нема да биде конфликт во кој повторно ќе треба да се вмешуваат надворешни олеснувачи за да се смири ситуацијата, туку, веројатно, само притисок за промена на власта и поставување нови ‘попослушни’ лидери по нечија туѓа мера“. Како сега го цените развојот на ситуацијата? Можен ли е конфликт од поголеми размери, сличен на тој од 2001 година?

ТАНЕСКИ: Знаете, за еден истражувач и аналитичар многу е лошо ако постои субјективен фактор, кој не му дозволува објективно да ги согледа сите параметри. Во случајов, јас не посакувам конфликт. Но и од тоа што го гледам, читам и разбирам, не би требало да има меѓуетнички конфликт. Во моментов Европа не посакува конфликт. Проблемот со бегалците само се зголемува, веројатно така и ќе продолжи, па сигурно не им треба и нов бран бегалци. Кај внатрешните субјекти, повторно, не мислам дека постои интерес и подготвеност за меѓуетнички конфликт. Сепак, колку-толку 2001 година нѐ научи дека човечките жртви немаат цена, а на крајот сѐ завршува на тркалезната маса. САД, од друга страна, сега имаат внатрешни проблеми, но и посериозни проблеми во Пацификот со Кина, па сигурно Балканот не е приоритет. Остануваат само центрите на моќ застапени во групацијата Билдерберг во чијашто агенда и интерес, покрај контрола на регионов, е и воен судир меѓу САД и Русија. Под нивни притисок официјална Европа не ја осудува албанската Платформа и не бара нејзино повлекување, што во други ситуации, сигурно, би се случило, посебно ако се појави вакво барање од руското малцинство во балтичките држави. Додека сѐ уште администрацијата на Трамп нема целосна контрола над разузнавачките служби и армијата, постои можност да се заплеткаат тие односи прво тука на Балканот, поради многубројните замрзнати конфликтни прашања меѓу балканските држави, кои, по потреба, можат да се активираат и да претставуваат иницијална каписла за заземање страна во конфликт, но и пошироко, што би значело конфликт од поголеми размери.

 

Евентуалната ескалација на ситуацијата во Македонија не само што може да ја втурне земјата во големо крваво сценарио, туку може да го запали целиот регион. Кому му е од интерес таков развој на настаните?

ТАНЕСКИ: На тие што треба да профитираат од „Трансјадранскиот тек“ и на тие што не сакаат да им се намали профитот и да загубат по реализацијата на „Турски тек“ и на „Патот на свилата“. А тие се истите што профитираат од војни. Односно, тоа се тие центри на моќ, кои целосно ја контролираат западноевропската и американската економија, а имаат сериозно учество во светската економија. За нас позвучни имиња од членовите на групацијата Билдерберг се Бил и Хилари Кинтон, Џорџ Сорос, Јап де Хоп Шефер, Дејвит Рокфелер, Хенри Кисинџер итн.

 

Тогаш велевте дека од „чадот“ на бомбите на Заев не ја гледаме големата слика, а таму, на меѓународната сцена се пишува нова историја. Мнозинството Македонци ја препознаа опасноста од разнебитување на државата и излегоа на улица во одбрана на татковината. Но, колку народот е реален фактор што може да спречи реализација на вакви опасни сценарија?

ТАНЕСКИ: Место народот, тука можеме да го употребиме терминот јавното мислење. Под притисок на јавното мислење, Шпанија излезе од Ирак, Меркел ретерираше во однос на бегалската криза, и да не набројувам. Значи, притисок може да издејствува промени во политиката, посебно во демократските држави. Но, доколку власта нема слух за барањата на демосот и тврдоглаво не се откажува од предвидената политика, таа станува казнета на наредните избори. И тука нема ништо страшно ако не се работи за прашања од животен интерес на државата, односно ако не се работи за политика што го загрозува опстојувањето на државата и со чиешто спроведување би се предизвикале трајни деформации. Се плашам дека Резолуцијата и дел од платформата имаат таква моќ.

Nenad-Taneski-int236-3

Дефинитивно, историјата ќе го запише ова време како пресвртница, судбоносен период за Македонија. Сепак, има добар дел од македонските граѓани што не само што не ја гледаат опасноста, туку и ги навредуваат другите, кои се осмелуваат да застанат во одбрана на татковината, дека се „фашисти“, „пијаници“, „битанги“… На што се должи тоа? На силната специјална војна од надвор против сите тие што ја бранат државата или, пак, кај дел од македонскиот народ, навистина, целосно е загубено национално чувство?

ТАНЕСКИ: Ова прашање повеќе е од областа на психологијата. Мислам дека невоспитанието, омразата и гневот што се истура во овој период не е толку дел од специјалната војна колку што е дел од нашата (не)култура. Преку динамиката на социјалните мрежи, всушност, се видовме кои сме, што сме и колку вредиме. Најчесто во недостиг на аргументи се посегнува по агресија, која најлесно се манифестира од затскриени профили или дури и од јавни. Но, да бидеме искрени, секогаш е полесно да се навредува соговорникот доколку не се гледате в очи. И лошо е ако цела група идентификуваме со поединци, кои колку и да се гласни, имаат име и презиме и зборуваат од свое име, а не од име на целата група во која припаѓаат.

 

Пред две години, кога светот беше на чекор од нова студена војна, Џон Кери јавно соопшти дека Македонија е на линија на огнот. Што може да очекуваме денес, по промената на администрацијата во Вашингтон? Има ли волја кај Доналд Трамп да ја избрише таа линија и, конечно, да се смири целиот Балкан?

ТАНЕСКИ: Македонија сѐ уште е на линија на огнот и ќе остане, поради тоа што го кажавме досега. Во однос на Македонија, секако, подобро е што победи Трамп а не Хилари, но не треба и да се надеваме премногу дека сега Трамп ќе нѐ спаси со волшебно стапче. Очекувам да се намали притисокот на САД врз Македонија, но тоа не може да се случи преку ноќ. Од друга страна, САД воопшто не се виновни што во Македонија и меѓу Македонците не постои национален консензус за многу прашања, што за 25 години не успеавме да направиме стратегија за разрешување на спорните прашања со соседите, што не успеавме да имаме подинамична надворешна политика и сериозни дипломатски претставници што ќе лобираат за нашите национални интереси. Значи, многу од проблемите со кои се соочуваме произлегуваат од нас самите, а тоа нѐ прави уште покревки и лесни за манипулација.

 

Разговараше: Ненад Мирчевски
Фото: Александар Ивановски
(Интервјуто со Ненад Танески е објавено во 236. број на неделникот Република, 10.03.2017)

Top