петок, 18 август 2017 | Вести денес: 49 ново

Премиера на „Венецијанскиот трговец“ во Драмски театар

– Многу сум возбудена што првпат работам во Драмски и токму дело на Шекспир. „Венецијанскиот трговец“ е комплицирано дело во драматрушка смисла. Јас ја поставив како што ми прилега, има раскажувач, има музика, се танцува, како што се, впрочем, и моите претстави – изјави Поплавска

Вечерва, на седми март во Драмски театар во Скопје во 20 часот е закажана премиерата на претставата „Венецијанскиот трговец“ од Вилијам Шекспир, а во режија на Наташа Поплавска.

Ова е втора изведба на делото на Шекспир во Македонија. Првпат била изведена пред точно 46 години на сцената на Македонскиот народен театар (МНТ) во 1970 година. Режијата била на Хуго Клајн, а улогата на Шајлок ја толкувал бардот на македонското глумиште Петре Прличко.

Денес главната улога му е доделена на Јовица Михајловски. Во другите улоги настапуваат:  Јана Стојановска, Диме Илиев, Јовица Михајловски, Анастас Тановски, Златко Митрески, Зоран Иваноски, Дамјан Цветановски, Стефан Вујисиќ, Григор Јовановски, Јаков Спасов и Марко Илиќ. Драматизацијата е на Дарко Спасов. Гостинката од Србија Маја Митиќ е директор на сценски движења, костимите се на Александар Ношпал, музиката е на Јана Стојановска, Лука Ѓоргиевски и на Андреј Блажевски, а кореограф е Ирена Лозинска.

venecijanski-trgovec-02

Режисерката Поплавска првпат во својата долгогодишна кариера режира претстава во Драмски театар.

– Многу сум возбудена што првпат работам во Драмски и токму дело на Шекспир. „Венецијанскиот трговец“ е комплицирано дело во драматрушка смисла. Јас ја поставив како што ми прилега, има раскажувач, има музика, се танцува, како што се, впрочем, и моите претстави – изјави Поплавска.

Актерите за претставата се избрани по пат на отворен кастинг на кој се пријавиле 78 глумци на возраст од 22 до 40 години.

– Се обидов да се вратам 400 години наназад и да сфатам како се создавал театарот тогаш, кога на жените не им било дозволено да играат, па сите улоги ги толкувале мажи. За женските улоги биле избирани млади момчиња на кои гласовите сè уште не им биле променети. Во многу ретки исклучоци имало и жени кои играле помали улоги или толкувале машки улоги за да не бидат откриени. Се потрудивме да го раскажеме ова дело на наш начин, кое и по толку многу години е со актуелна тема. Создадов екипа во која се спојуваат занаетот, искуството, талентот и младешката енергија. Имавме отворен повик за кастинг каде што се пријавија 78 актери – рече режисерката Поплавска.

Процесот на подготовка на претставата траел невообичаено долго, четири месеци.

– Инспирирана од љубовта што ја видов во очите на идните млади актери и актерки кон тоа што допрва треба да биде нивниот поход во освојување на театарските сцени, решив да понудам едукативно-креативен процес – вели Поплавска, на која „Венецијанскиот трговец“ ѝ е втора претстава од Шекспир што ја режира, по „Ромео и Јулија“.

„Венецијанскиот трогвец“ е еден од најмалку изведуваните драмски текстови на Шекспир, дело со кое уште еднаш се потврдува дека тој е актуелен и по 400 години. Во оваа траги-комедија Шекспир успева да создаде целина од најмалку три приказни.

Директорот Роберт Вељановски му се заблагодари на Македонскиот народен театар и на директорот Дејан Пројкоски, кои им ја отстапиле малата сцена одреден период додека ја подготвувале претставата.

По „Франкенштајн“ „Венецијанскиот трговец“ е втора премиера во Драмски во 2017 година.

Ова најново режисерско остварување на Поплавска доби и своја веб-страница. Сите заинтересирани може дополнително да се информираат на venecijanskiot.wixsite.com/dramski

Top