четврток, 24 август 2017 | Вести денес: 10 ново

„Игла под прагот“ со Никола Ристановски во „Синеплекс“

Црногорско-српската црна комедија „Игла под прагот“, режисерски првенец на Иван Мариновиќ, во која главната улога ја игра Никола Ристановски, од 2 март ќе се прикажува во киното „Синеплекс“.

„Игла под прагот“, е филм за жителите на едно селце на полуостровот, кои се на прагот да продадат многу земјиште и со тоа да ги решат сите свои проблеми. Единствена пречка на нивниот пат е тврдоглавиот поп Петар (Никола Ристановски), кој одбива да го продаде својот дел. Покрај итрите селани, кои секојдневно му го загорчуваат животот, Петар треба да се соочи и со деменцијата на мајка му (Јелисавета Сабљиќ – Сека), вљубеноста на опседнатата Мара (Драгана Дабовиќ), бунтовништвото на синот тинејџер и постојаното преиспитување на сопствената вера. Кога на Петар конечно ќе му се смачи и натаму да го „врти другиот образ“, се случува надреален хаос по кој никој во селото нема да биде ист.

Актерската екипа во оваа црна комедија ја предводи Никола Ристановски, кој за својата улога го освои Златниот делфин на Босфорскиот филмски фестивал во Истанбул. Покрај него играат Јелисавета Сабљиќ – Сека, Љубомир Бандовиќ, Богдан Диклиќ, Леон Лучев и многу други, а фотографијата ја потпишува Ѓорѓе Арамбашиќ. Сите тие придонесуваат естетиката на филмот на Мариновиќ да потсетува на италијанските филмови, но и на делата на Живко Николиќ.

Покрај Ристановски, уште еден еминентен македонски автор е дел од оваа балканска екипа. Имено, музиката за филмот ја напиша наградуваниот џез-гитарист Тони Китановски.

 

Top