четврток, 30 март 2017 | Вести денес: 144 ново

Почнува Мавровскиот меморијал, македонските нордијци бркаат олимписка норма

mavrovski memorijal 1

Денеска на падините на Бистра, во Маврово почнува традиционалното, 54. издание на Мавровскиот меморијал во скијачко трчање, најстарото натпреварување од ваков вид на Балканот, во спомен на 38 градители на мавровската хидроцентрала и на 14 граничари што загинаа од снежната лавина во 1956 година. На програмата се по две трки во двата дена, на 5 километри во женска и на 10 километри во машка конкуренција, во месноста Мирна Долина, каде што има доволно снег и добри услови за квалитетни трки.

– Конкуренцијата ќе биде силна, ќе настапат најдобрите од регионот што бркаат норми за настап на Зимските олимписки игри 2018 во Пјонгјанг и затоа очекувам квалитетни и неизвесни трки. Што се однесува до македонските нордијци би бил задоволен со еден до два пласмана меѓу првите десет и под 100 ФИС-поени, што би било уште еден чекор поблиску до А-норма за Пјонгјанг. Во моментов имаме двајца евидентни кандидати за таква норма (Ставре Јада и Дарко Дамјановски) и јас се надевам дека најдоцна до крајот на годинава ќе имаме скијач со олимписка норма – вели селекторот и тренер на македонските нордијци, Ѓоко Динески.

На меморијалот учестувааат скијачи од Србија, Бугарија, БиХ, Хрватска, Црна Гора, Грција, Турција, првпат и од Доминиканската Република и најдобрите од Македонија: Ставре Јада, Миланчо Крстевски, Дарко Дамјановски, Тони Станоески, Марио Куртески и Ненад Митевски во машка, односно Викторија Тодоровска, Марија Коларовска, Викторија Јовановска, Ана Цветановска, Василка Дамјановска и Росана Кировска во женска конкуренција.

Top