сабота, 18 ноември 2017 | Вести денес: 33 ново

„Крамер против Крамер“

Откажувањето на Специјалното јавно обвинителство од натамошно гонење на Зоран Заев и неговата логистика олицетворена во Зоран Верушевски и два-три споредни лика кои вршат исклучително неспоредни работи го отвори или затвори најголемиот судски трилер во самостојна Македонија, на кој можеме слободно да му ставиме филмски наслов „Крамер против Крамер“

 

ljupco-prendjov-kolumnist-90x115.jpg

Колумнист: м-р Љупчо Пренџов

Неуставното СЈО од првиот ден на своето основање отвори јавна војна против легитимното Јавно обвинителство во државата, па така „обвинителство против обвинителство“ стана една бескрајна приказна која го забавува, пали и расплакува македонскиот народ веќе втора година.

Она што СЈО сакаше да му го залепи како најгрда етикета на Јавното обвинителство, дека е нетранспарентно, субјективно, пропартиско и диригирано, СЈО сега го прави стопати посилно и во уште погрда форма. Ајде да се потсетиме:

СЈО беше формирано непосредно по Договорот од Пржино, што ние од ГРОМ точно го именувавме како „пржинска измама“. Клучниот предмет за кој се формираше СЈО беше „Пуч“. Со него требаше да се реши кој прислушувал, кој го нарачал прислушувањето, за кои цели и кој го платил, со оглед на фактот дека беа најдени поголема сума пари кај луѓето што го признаа делото.

Ама, нели, станува збор за пржинска измама, предметот „Пуч“ во изминатиот период беше 12 пати одложуван од Катица, Заев и од неговите адвокати и, за волја на вистината, двапати поради болест и смена на поротник, за да во вештачкиот вакуум успеат да купат време отворајќи разни небулозни предмети, како „Тврдина“ и што ли уште не, а целта, и тогаш и сега, тврдам дека е да не се дознае кој ги вршел прислушувањата во Република Македонија. Тоа е приоритет број 1! Всушност, интенцијата е да ставиме сѐ под тепих и да констатираме пред целиот свет дека Груевски, Мијалков и Јанкуловска цело време сами се прислушувале (нема да навлегувам во лагите на Заев кога на прес-конференција изјави дека од државата само Груевски и Мијалков не биле прислушувани?!). А, човекот може и не лажел, едноставно – не знаел. Како дозирано му ги давале податоците и сознанијата, така како што му прилега, истрчуваше на прес.

Бидејќи предметот „Пуч“ е повлечен, се разбира, најкукавички што можеше, со соопштение пред еден од најголемите христијански празници, Водици-Богојавление, што, значи СЈО се јави – навистина се јави во неговото вистинско светло!

Односно, со тоа си ставија печат за сопствено самораспуштање пресекувајќи го темелот врз кој се основани.

Ќе останат да висат во јавноста крупното прашање и дилема како „најистакнатите и најголеми борци“ за човекови права, слобода, демократија и за транспарентност не дозволија јавноста (таа која во континуитет ја замајуваат со фати-пушти недовршени случаи) да види дали Заев од четирите посети на премиерскиот кабинет на Илинденска само барал предвремени парламентарни избори или, пак, мавтал со цедеа со снимени приватни телефонски разговори и уценувал со нив. Јавноста ќе остане во дилема и за тоа што навистина е одземено од семејниот дом на Верушевски на 22 јануари 2015 година, што криеле во неколкуте лаптоп-компјутери и во шесте мобилни телефони што летаа низ прозорец од куќата во паника и безумие. Јавноста сѐ уште ќе остане без одговор и за тоа што имало во пронајдените илјадници фајлови и снимени разговори во компјутерите на Верушевски, кои документи ги преведувала неговата сопруга, како и, се разбира, кој е премиерот на државата што наводно му нуди азил на Верушевски?!

Ова се најинтригантните и најкрупни прашања за државата и граѓаните кои живеат во неа, ова се прашања поврзани со безбедноста на сите два милиона жители! Наместо тоа, СЈО прибегнува кон друг трик, за јавноста да не зборува за овие прашања, па, повторно, преку „Фејсбук“, нѐ замајува со озборувања од типот дали требало да се купи „мерцедес“ или возило од друг производител?! За тоа време, за жал, суштината ни бега.

Исто така, претпоставувам, во ваков стил ќе останат неодговорени и прашањата за тоа против кои сѐ обвинители и истражители од СЈО има поднесено кривични пријави, дали навистина се заканувале и изнудувале изјави од сведоци, што стана со пријавата, односно претставката од еден управен судија против обвинител во СЈО, дали кривичните пријави од МВР против обвинители и истражители од СЈО ќе добијат судски епилог. И уште дузина дилеми.

Помина веќе една година, а СЈО не дава документи за ниту еден од овие случаи..

Она што ќе остане е следново: Неколку луѓе од водачите на ВМРО-ДПМНЕ ќе се влечат по судови за искреирани сензационалистички приказни, додека, пак, водачите на СДСМ ќе си седат во топлите канцеларии на Бихаќка, ќе се возат по јахти, зимски центри и егозотични дестинации. Ова јавноста не смее ниту да го заборави ниту да го дозволи. Не може сѐ да заврши со „пу, пу се шегувавме“.

И онака, најтривијално, човечки, па и озборувачки нешто останува да копка: Нели малку ѝ фали на јавноста како тоа во неврзан разговор Заев ја ословува Шекеринска, како Стево Пендаровски го оспорува легитимитетот на својот лидер во скопските кафеани и слични „будалаштини“ кои се во доменот на приватноста на „чесните“ опозиционери. Дали тие од СДСМ се само господа во свилени и бели ракавици кои глумат „нобл“, а меѓусебно се пцујат како кочијаши. Но, нејсе.

На крајот, уште еднаш сакам да го повторам ставот на ГРОМ, а тоа е дека со откажувањето од гонење во случајот „Пуч“, се отвораат вратите за натамошни нови аболиции бидејќи неспорен факт е дека овој потег на СЈО е уште една, нова и оригинална аболиција на Зоран Заев, и тоа од неуставното СЈО.

Единствената институција во државата што во согласност со Уставот и законите во Република Македонија може да даде аболиција е Претседателот на државата. Кога Ѓорѓе Иванов потпиша десетици аболиции, ГРОМ, принципиелно, беше првата политичка партија во РМ која ги оспори истите, не како правно неиздржани, туку како политички некоректни. Затоа што судот е тој што е надлежен и одлучува.

Затоа принципиелно, предупредуваме дека оваа аболиција кон Заев и објективно го отвора патот кон можни нови аболиции. Тогаш, сега тивките, да не речам замолчени борци за слобода, демократија и транспарентност, не ќе имаат кредибилитет да оспоруваат што било.

И како за крај, не е важно дали Заев ќе добие уште некоја аболиција плус, туку тоа што единствени кои секојдневно губат се граѓаните на Република Македонија.

Top