среда, 26 јули 2017 | Вести денес: 38 ново

Струјата во Македонија нема да поскапи и нема да има рестрикции

 

ice-powerlines

Во Македонија нема да има рестрикции на струја бидејќи снабдувањето со електрична енергија за потрошувачите, односно домаќинствата и помалите компании на пазарот за електрична енергија се одвива редовно и во согласност со нивните потреби. Како што информираат од Електрани на Македонија (ЕЛЕМ) снабдувањето е редовно и целосно, а струјата се обезбедува главно од домашно производство, но во одредени периоди од денот кога е најголема потрошувачката се дополнува од увоз на струја од регионалните држави, пишува Вечер.

Од кога стартуваше ладниот бран во земјава, со температури пониски за 15 целзиусови степени пониски во однос на просекот во изминативе пет години потрошувачката на електрична енергија во земјава е зголемена околу 30 проценти.

Како што информираат од ЕЛЕМ сите расположливи капацитети за производство на струја се ставени во погон, а дел од количините преку редовна постапка за набавка на електрична енергија кои компанијата редовно ги објавува на својата веб-страница се обезбедени на слободниот пазар во согласност со постојните правила и процедури усвоени од Регулаторната комисија за енергетика.

– И понатаму внимателно се следи потрошувачката на електрична енергија и се приспособува производството од домашните капацитети во согласност со потребите на потрошувачите на регулираниот Пазар, се вели во соопштението на енергетската компанија.

Тие појаснуваат дека временските услови од кои се погодени земјите од Југоисточна и Централна Европа, зголемената побарувачка и потрошувачка, како и застојот на повеќе термоенергетски и нуклеарни капацитети во регионот и во земјите од Централна Европа директно влијаат и на цените на електричната енергија.

Цената е поскапа и се движи од 150 до 219 евра за мегават-час, но сепак тоа нема да ја зголеми цената на електричната струја што ја плаќаат граѓаните.

dalnovod

Од ЕЛЕМ за весникот потврдуваат дека набавката на електрична енергија што се врши во овој период нема да влијае врз цената на електричната енергија за домаќинствата, но и за малото стопанство.

– Негативните финансиски импликации во целост се нивелирани со додадената вредност од продажбата на вишоци на електрична енергија што ЕЛЕМ ја реализираше во ноември и декември, како и од вишоците што компанијата ќе ги реализира во наредниот период. Средствата за таа намена компанијата во целост ги обезбеди од сопственото работење – потврдуваат од ЕЛЕМ.

Со тоа се демантираат сите шпекулации во јавноста што деновиве се пласираат од страна на опозицијата дека увозната цена ќе ја зголеми цената на струјата.

Top