недела, 24 септември 2017 | Вести денес: 33 ново

Харден продолжува со феноменалните партии, неочекувани порази на Кливленд и Сан Антонио (видео)

dzejms-harden

Од деветте синоќешни мечеви во НБА лигата, во првиот Вашингтон славеше против десеткуваниот Чикаго со 101-99 предводен од Џон Вол со 26 поени и 14 асистенции.

Во тимот на Вашингтон значајна улога во триумфот уште имаа Бил и Морис со по 19 постигнати поени, додека во отсуство на Батлер, Вејд и Миротиќ кај Чикаго предводеше Дензел Валентин со 19 поени.

Во дербито на Истокот, Торонто славеше против Бостон со 114-106, во мечот во кој извонреден беше ДеМар ДеРозан со 41 поен и 13 скока. Ловри дополни со 24 поени и девет асистенции, додека Валанчиунас, покрај 18 поени, имаше и 23 скока.

Хјустон ја запиша деветтата едноподруго победа славејќи дома против Шарлот со 121-114. Најрасположен кај „ракетите“ беше Џејмс Харден кој имаше нов „трипл-дабл“ со 40 поени, 15 скока и 10 асистенции. Кај гостите се издвои Кемба Вокер со 25 поен, 10 асистенции и шест скока.

Леброн Џејмс имаше уште еден одличен меч, постигна 29 поени, но неговиот Кливленд загуби на гостувањето кај Јута со 100-92. „Џезерите“ клучната разлика ја направија во втората четвртина која ја добија со 27-12 и до крајот не дозволија враќање во мечот на противникот и заслужено по вторпат оваа сезона славеа над големиот фаворит. Кај победничката екипа Хајвард со 28 поени беше најпрецизен, додека во редовите на Кливленд покрај Џејмс солиден скор имаше и Ирвинг, постигнувајќи 20 поени.

За разлика од Кливленд, успешна вечер имаше Голден стејт која на домашен паркет триумфираше против Мајами со 107-95. До 33-та сезонска победа ги предводеше Кевин Дурант со 28 поени и девет скока. Стеф Кари запиша 24 поени, девет асистенции и осум скока, додека Дрејмонд Грин дополни со 13 поени и девет скока.

НБА резултати:

Вашингтон – Чикаго 101-99, Бруклин – Атланта 97-117, Торонто – Бостон 114-106, Хјустон – Шарлот 121-114, Сан Антонио – Милвоки 107-109, Јута – Кливленд 100-92, Голден Стејт – Мајами 107-95, ЛА Лејкерс – Портланд 87-108, Сакраменто – Детроит 100-94.

Top