понеделник, 21 август 2017 | Вести денес: 79 ново

Во Романија исчезнале 2 милијарди eвра од трезорот

Раководството на романскиот парламент (постојаните бироа на Домот на пратениците и Сенатот) активира проверка под сомневање за недостаток на 2 милијарди евра во благајната на земјата. Истрагата се води по барање на претседателот на Домот на пратениците, Ливиу Драгнеа (Социјал-демократската партија – СДП), објави Радио Романија.

Тој тврди дека во романските финансии недостасуваат 10 милијарди леи (2,2 милијарди евра), што е разликата помеѓу предвидените и реалните приходи во буџетот за 2016-та година. Се претпоставува дека недостатокот настанал поради недоволното користење на фондовите на ЕУ.

Во оваа ситуација, смета Драгнеа, буџетот би требало да биде „во минус“, а не „во плус“, како што беше направено во претходната влада на Дачијан Чиолос.

-Она што се случило е нелегално. Оној кој ги има фабрикувано овие податоци, треба да си понесе одговорност- истакна Драгнеа.

На пленарна седница следната недела парламентот ќе го одобри мандатот на комисијата за проверка, која во 10-дневен рок треба да го претстави својот извештај. Опозицијата гласаше против спроведување на истрагата.

Чиолос изјави дека нема никаков дефицит и ги обвини социјалдемократите дека се обидуваат да го одвлекува вниманието на јавноста од неостварливите предизборни ветувања со помош на провокации и пропаганда.

На парламентарните избори на 11-ти декември во Романија победи СДП. Оваа партија, заедно со Алијансата на либералите и демократите, формира лево-центристичката влада предводена од премиерот Сорин Гриндјану.

Тоа ја смени технократската влада, која имаше поддршката на десно-центристичката Национална либерална партија (ПНЛ) и претседателот Клаус Јоханис, кој беше лидер на оваа партија до неговиот избор за претседател во 2014-та година.

Top