среда, 22 ноември 2017 | Вести денес: 56 ново

Скопјани 74 дена живееле со пола метар снег

Македонските граѓани деновиве стравуваат од најавените „полуполарни“ температури според кои се очекуваат снежни врнежи на територијата на целата држава, како и студено време кое некаде ќе биде минус 20 степени Целзиусови.

Искуствата покажуваат дека студеното време од вакви размери треба веќе да ни стане навика. Имено, климатолозите забележале и периоди и години со многу подолготрајни и поинтензивни снежни врнежи.

Карактеристична била зимата 1953/1954 година, кога во Скопје снежната покривка непрекинато се задржала дури 74 дена, а снегот достигнал височина од 46 см.

Истата година, во тетовско снегот кој достигнал височина од 117 см, се задржал непрекинато цели 106 дена, додека во гевгелиско снегот достигнал височина од за овој простор импозантни 80 см.

Во кумановско пак, највисока снежна покривка од 70 см имало 1962 година, а најдолго задржување на снег во споменатата 1954 година и тоа непрекинато дури 77 дена.

Во битолско, најдолго траење на снежниот покривач од 70 дена се случил 1974 година, а снегот достигнал височина од 65 см .

Од 1980-тите години наваму, траењето и висината на снежната покривка значително се намалуваат, а како покарактеристични години кои отстапуваат од овој тренд се 1985 и 2000 година.

извор: Скопјеинфо

Top