четврток, 30 март 2017 | Вести денес: 1 ново

Лазаров: Македонскиот народ сака ракомет, ќе се обидеме да го израдуваме

Капитенот на македонската репрезентација, Кире Лазаров, е задоволен од подготовките за светското првенство во Франција. Тој сме дека ракометарите се одлично подготвени на физички и на психолошки план, па сега останува само уште да прикажат добри игри во рамките од групата Б во Мец.

– Веќе подолго време се подготвуваме за овој голем настан за Македонија. Работевме во подготовките, мислам дека добро ги завршивме работите што требаше да се завршат. Најважно од се е што сите сме здрави и комплетни тргнуваме на пат. Физички, психолошки и тактички сме многу добро подготвени, на самите натпревари ќе се покаже дали тоа е доволно или не. Во секој случај, во една мирна атмосфера и со голем ентузијазам тргнуваме на пат за Франција – задоволен е од сработеното досега Кире Лазаров.

За разлика од претходните големи натпреварувања овојпат македонскиот национален тим ќе има значителни промени во составот, а со самото тоа и во играта што ќе ја прикаже, нешто што според Лазаров е добредојдено.

– Секако дека имаме одредени промени во играта, ние ќе се прилагодуваме на противникот. Најважно од се е што ние како играчи му веруваме на селекторот за идеите што ги има замислено, ќе сториме се за да ги исполниме оние работи што тој ги очекува од нас. Покрај младите, ние имаме и искусни играчи кои не се толку стари, а имаат и бројни важни натпревари во своите нозе. Во последните години се осети некоја заситеност меѓу нас, заситеност од една иста игра, што беше олеснување за нашите противници. Ние сакаме повеќе, знаеме дека Македонија е желна за спорт, за ракомет и ќе сториме се за да го овозможиме тоа. Нема да навлегуваме во прогнози и математики, туку на секој меч ќе настојуваме да победиме. Ангола е аутсајдер на хартија, но според мене може да биде и понезгоден противник од Тунис – истакна Лазаров.

Top