сабота, 27 мај 2017 | Вести денес: 70 ново

Червар прави репрезентација за ОИ во Токио, но голем резултат не може да гарантира

Селекторот на македонската репрезентација Лино Червар, во изјавата за босанскиот "Ослобоѓење“, изјави дека прави репрезентација за ОИ во Токио и дека на претстојното СП очекува, но не може да гарантира голем резултат

Минатото Европско првенство во Полска, македонската ракометна репрезентација го подреди на олимписките квалификации за Летните олимписки игри во Рио, стигна до квалификациите, но не успеаја да се пласираат. Затоа во пресрет на претстојното Светско првенство во Франција (11 – 29 јануари), се кројат планови за ОИ во Токио во 2020 година. Селекторот на македонската репрезентација, Лино Червар, во изјавата за босанскиот “Ослобоѓење“, изјави дека прави репрезентација за ОИ во Токио и дека на претстојното СП очекува, но не може да гарантира голем резултат.

-Имаме изменета репрезентација и неколку дебитанти, така што нема да ни биде лесно. Почна еден нов олимписки циклус и Македонците сакаат да одат на ОИ во Токио 2020. Треба да се создава репрезентација и сега можеме да постигнеме некој добар резултат, но не може ништо да се гарантира. Мислам дека е важно да дадеме се од себе, а резултатот ќе дојде сам по себе, вели Червар.

Селекторот ги сумираше и впечатоците по трите контролни натпревари со БиХ што беше и единствена проверка за македонската селекција пред настапот на СП.

-Тоа беа добри натпревари со силен и мотивиран противник. Можевме да пробаме се што ќе играме на Светското првенство. На сите три натпревари Босанците беа силно мотивирани, нам ни требаше таков противник и можам само да им се заблагодарам што ни дојдоа на гости, бидејќи се покажаа како одличен спаринг партнер, додаде Червар.

Тој по одигрување на овие натпревари и го скуси списокот на ракометари од 21 на 19, а од списокот отпаднаа Мартин Велковски и Ласко Андоновски. Червар планира да води 19 ракометари во Франција, а од нив треба да отпаднат уште тројца, бидејќи во официјалниот протокол може да се пријават само 16 ракометари.

На скратениот список на селекторот се најдоа овие ракометари: Никола Митрески, Кирил Колев, Благојче Трајковски, Дејан Манасков, Гоце Ојлески, Гоце Георгиевски, Мартин Поповски, Стојанче Стоилов, Жарко Пешевски, Никола Маркоски, Велко Маркоски, Филип Талески, Марко Нелоски, Кирил Лазаров, Филип Лазаров, Филип Миркуловски, Стефан Дрогришки, Ристо Арнаудовски, Влатко Митков.

Top