недела, 23 април 2017 | Вести денес: 100 ново

Стаклена тишина!

И покрај празничната еуфорија, која надве-натри ја протркалавме изморени од измачувачките избори, во воздухот остана да ечи запрепастувачки молк. Што, всушност, се случува на политичката сцена во Македонија? Громогласно ништо или нешто заткулисно. Ги нема „стандардните“ политички комбинаторики иако, повеќе од јасно, победникот е познат - тоа е „Коалицијата за подобра Македонија“, на второ место сосема (не)заслужено, со сестрана логистика, високо се искачи опозицискиот избор „За живот“, а остана да виси само јазичето на вагата (албанскиот политички блок), кое, нели, според доброконципираната замисла на „чадорот“, треба да претежне налево или надесно во формирање на идната македонска влада

 

ljupco-prendjov-kolumnist-90x115.jpg

Колумнист: м-р Љупчо Пренџов

Ајде да отвориме дел од можните комбинаторики. Доколку, како што е ред и поредок, односно во согласност со законот, најдоцна до 9 јануари, претседателот Иванов му го довери мандатот на победникот, односно на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, тогаш очекувано е тој да го повика победникот од албанскиот политички блок Али Ахмети и да формираат влада. Се разбира, таа со 61 пратеник би била на стаклени нозе и повеќе од очекувано е да ја зацврсти со уште еден албански партнер. Таквата влада би имала поддршка од минимум 63, а максимум 66 пратеници, која, исто така, ќе биде „климава“ ама не толку колку со едноставно просто мнозинство.

Доколку, пак, во Тирана е одлучено поинаку, и овие „полни со живот и радост“ што, конечно, стекнаа шанса да формираат влада, тогаш таа би броела меѓу 61 и 64 пратеници. Повторно „климава“!

И во двете сценарија не ја вклучувам Беса, не од субјективни причини, туку од некоја политичка антиципација дека неа како да ѝ е проектирано местото на дежурна опозиција која треба да мати водата за да не биде бистра, а по можност да добие и некоја позначајна улога на „5-6 степени по Рихтер“ ако тоа им е алтернативата на протекторите. Се разбира, и затоа што им веруваме дека со „криминалците од ДУИ во никој случај нема да седнат на иста маса“ (се разбира за Тирана тоа не важи!?) иако се знае дека без ДУИ, практично, не може да се формира влада.

Со оглед на целата ситуација, и на мало дете му е јасно дека Република Македонија мора да се соочи со уште едни предвремени парламентарни избори. Според мене, тоа не е ниту лошо ниту страшно, од аспект на демократијата, бидејќи на граѓаните им е повеќе од јасно, по овие избори, кој за што се залагал во оваа држава.

Но, затоа, пак, неминливо ми е чувството на горчина во устата дека токму оваа варијанта најмалку ја посакуваат надворешните ментори и кројачите на „животот“. Сценаристите си дозволија заслужен божикен одмор од сработеното и кои, всушност, ја посипаа државата со празнична летаргија, додека нивните ученици-извршители влегоа во политички целибат бидејќи и онака не знаат што треба и што имаат да кажат за иднината на Македонија. Медиумите молчат, герилата некако замре, дури нема ни дневна доза „плукање“, колку да држи „влага“ додека работите повторно не се разбуричкаат.

Доколку СДСМ, по некои екстремно радикални комбинаторики по странските зелени маси, успее да формира 69-мандатна влада, без ниту една албанска партија во опозиција, тогаш ВМРО-ДПМНЕ и „Коалицијата за подобра Македонија“ би останале единствена и осамена опозиција, на која веќе следните предвремени парламентарни избори сама ќе формира влада со 70 и повеќе сопствени места во Собранието. Од оваа опција им се крева коса на главата не само на домашните политички структури, туку и на сите оние амбасадори што не заминаа на „Божикен лов“.

Како и да свртиш, шегата настрана, Македонија веќе загази во втората фаза на латентна или поагресивна политичка дестабилизација. Дека не излеговме од криза ни е јасно, но како ќе се развива таа натаму можеме само да претпоставуваме. Доколку биде „латентна“, тоа значи влада на ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и една од помалите албански партии која ќе нема да има двотретинско мнозинство при донесување на клучните системски закони во законодавниот дом, а со тоа и за витални реформи за државата. Софистицирана опструкција во „бели ракавици“.

Доколку, пак, некој одлучи да игра на картата на експлицитна криза, тоа значи влада на СДСМ, која повторно ќе нема двотретинско мнозинство, но, затоа, пак, ќе има отворен раздор во македонското ткиво, што само по себе е криза која ќе можеме да ја следиме со дрон по улиците низ Македонија кога ќе се разлеат 455.000 гласачи кои во старт ќе бидат помножени со нула.

Ваквиот, релативен исход не сум сигурен колку го предвидоа и го посакуваат странците, кои некако дискретно како да кажаа „ние до тука, а натаму сте сами“. А тие кутрите, сами ни до тоалет не одат. Две недели лабави, разбегани по туристички дестинации, типично за 10 години опозициско дејствување. СДСМ е СДСМ. Си дојде на своето: не прави ништо, само одвреме-навреме ќе промрмори нешто. Толку од државничкото во нив!

Од друга страна, да ја ставиш на улица победничката коалиција е состојба која никој, барем во Република Македонија, не ја посакува. Дури ниту оние најотворените „демократи и борци за човекови права“ од проевропска провиниенција затскриени зад превезот на „отворено општество“, кои, сепак, сами си влегоа во уста, со критиката и скепсата за перспективите на Европска унија, версус пенетрацијата на национални држави.

Реалноста на „Брегзит“, галопирачкиот раст на популарноста на Ле Пен, зголемувањето на евроскептицизмот во Италија, Австрија и во Унгарија сериозно го замислија дури и „гуруто“ на македонската опозиција, прочуениот филантроп Џорџ Сорос, кој отворено призна дека концептот на „отворена Европа“ благодарение на Германија и останатите доверители во ЕУ е речиси поразен. Згора на тоа е победата на Трамп во САД, која навестува поинтровертна политика на светскиот пример за демократско општество, а несветлата перспектива за онаа ЕУ за која, нели, сите сонуваме, е судбината на СССР во 90-тите години на минатиот век. Така мисли Сорос, а нему, нели, му веруваме?!

Независно од оваа скептична приказна на Сорос, Македонија, треба да ги гледа сопствените национални интереси, да ја јакне економијата и да продолжи да се движи кон западноевропските вредности. Се разбира за тоа и треба и капацитет и континуитет во една стабилна влада. Во овие десет години покажавме дека го имаме и дека го можеме и првото и второто.

Top