петок, 20 јануари 2017 | Вести денес: 0 ново

Промени на кожата кои можат да значат сериозни проблеми

Кожата е најважниот надворешен орган на телото која ги штити внатрешните органи. Состојбата на кожата може да биде показател на многу проблеми со внатрешните органи, а некои од знаците кои кожата ни ги испраќа, често знаеме да ги занемаруваме. Дознајте кои се тие шест промени на кожата кои повеќето од нас не ги поврзуваат со здравствени проблеми, а на кои треба да обрнеме внимание.

1. Брчки околу очите
Покрај тоа што покажуваат дека многу се смеете, брчките околу очите можат да ви откријат и дали треба да си го проверите видот бидејќи тие линии можат да настанат и од многу напрегање. Можеби видот ви ослабнал, но можеби се мрштите и ако ви пречи сонцето, што значи дека задолжително треба да носите очила за сонце за да спречите оштетување на видот и очите.

2. Потемна кожа на вратот и пазувите
Ако кожата околу вратот и под пазувите во одредени делови станала потемна, тоа може да упатува на дијабетес или проблеми со тироидната жлезда. Пореметувањето во пигментацијата на кожата често се манифестира во наборите на кожата и е вообичаено кај луѓето со зголемен ризик од дијабетес тип 2.

3. Многу бледа кожа
Ако кожата ви станал забележливо бледа, тоа може да биде показател на хронична анемија, еден од најголемите причинители на бледило. Анемијата, состојба во која телото не произведува доволно крвни зрнца, може да биде предизвикана од премало внесување на железо, фолни киселини и витамини Б12, но може да биде и генетски предизвикана.

4. Пеги
Пегите можат да значат дека ДНК на кожата е премногу оштетена со утравиолетови зраци. Некои луѓе генетски се повеќе склони кон пеги, но тие можат да бидат и резултат од изложување на сонце и можат да потемнат ако дополнително се изложат на УВ зраци.

5. Сува кожа
Сувата кожа може да укажува на дехидрација, односно на тоа дека не внесувате доволно вода во организмот или дека внесувате премногу алкохол и кофеин. Може да дојде и до контрадикторна ситуација – зголемено настанување на мозолчиња затоа што кожата се обидува да произведе повеќе масти за да го надополни недостатокот од вода.

6. Акни околу устата и на брадата
Појавата на акни на овој дел од лицето може да биде показател на полицистични јајници, пореметување на ендокриниот систем кое може да предизвика неплодност. Ако акните околу устата и на брадата константно се појавуваат, а покрај тоа имате и нередовни менструации, посетете лекар.

Top