среда, 28 јуни 2017 | Вести денес: 2 ново

Мегаинтервју на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски: Граѓанскиот сектор не смее да остане монопол на Сорос

Зад нас остана година полна со премрежиња и пресипитувања – лични и национални – со кого, како и во каква држава ќе живееме. Ќе нѐ има ли за поколенијата или ќе станеме лекција во историските читанки. Народот одговори на овие прашања, а сега останува политичарите да ја заврши доверената задача.

Она низ што мина Македонија не е сплет на околности, туку оркестрирана, организирана и професионално одработена револуција од какви настрадале и многу поголеми и многу помоќни држави. Армии НВО војуваат во модерниот свет, а во Македонија ВМРО-ДПМНЕ ја извојува деветтата изборна победа против корумпирани новинари, сопственици на медиуми, професори, интелектуалци, аналитичари, активисти, предводени од професионални протестирачи. За светот под контрола на Сорос, за неговата моќ да ги подреди политиките во служба на својата идеологија за отворени општества, но и неговата човечка немоќ да ги надмине заблудите што му ги пласираат претставниците во Македонија, во божикно мегаинтервју за „Република“ зборува претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

 

Каде бевте за Нова година?

Дома, семејно. Тоа што најмногу ни недостигаше. По Нова година, два-три дена сме во Маврово. Има многу снег, децата се пресреќни. Конечно, заедно по цел ден, неколку дена по ред…

Значи и Вие одморивте малку?

Би рекол активен одмор. Навидум одмор, инаку со мислите работев максимално на планови и на стратегии за понатаму. Носев и некои материјали со мене. Прочитав и некоја книга.

Која книга ја читавте?

„Повторно величествена“ од Доналд Трамп. Многу интересна. Ја препорачувам.

Што најмногу Ви се допадна во неа?

Ентузијазмот, упорноста, енергијата, жарот, одлучноста… Се разбира и конкретните планови и идеи на новиот претседател на САД се многу интересни и предизвикувачки…

dsc_5106

Како со кашлањето, намаливте ли? Секоја есен-зима Ве слушаме како многу кашлате.

Да, и секоја зима одам на прегледи. Дефинитивната дијагноза е алергија. Кашлањето е само последица. Во минатото имав проблеми и со синусите, сега тоа е санирано донекаде. Но, алергијата ми се јавува секоја есен и зима, и се манифестира само со кашлање, често и многу силно, а за тоа нема лек, има само привремено санирање со лекови. Непријатно е, одзема многу енергија. Лекарите велат дека тој што ќе открие лек што трајно ќе ги лекува алергиите ќе добие Нобелова награда…

Дали Ви открија на што сте алергичен?

Не. На стандардните тестови за алергија сум негативен, но во природата, во воздухот има стотици илјади алергенси на кои човек може да реагира на еден или на друг начин.

Можно ли е тоа да е од загадениот воздух?

Можно е, но и не мора да е директно поврзано затоа што во тие периоди имам патувано во други држави и градови, но кашлањето не запрело. Годинава не земав лекови за одржување на алергијата освен спрејови, но сега почнав и веднаш се намали интензитетот на кашлањето. Есен- зима со антихистаминици и разни спрејови, и ќе дојде пролет.

Се договоривме да направиме едно интервју поврзано со активностите на Сорос во Македонија. Често е спомнуван, особено од Вашата партија, а никогаш подлабински немало разговор со некој политичар за тоа. А на почетокот да Ве прашам, поминавте тешка година, како ја оценувате?

Тешка, но и интересна. Да, имавме тежок противник, при што не мислам на СДСМ, тој беше само параван, инструмент, маша… Да не беше зад него Џорџ Сорос со сите милиони што ги истура во Македонија, со целата мрежа од невладини организации, медиуми, политичари, внатре и надвор, што ги плаќа, влијание во најмоќните држави во светот, и тоа одлучувачко влијание кога станува збор за помали земји како нашата, немаше да е толку тешко, а и економијата ќе беше посилна, ќе имавме повеќе нови отворени работни места. Иако и ова што го постигнавме не е за занемарување во една ваква тешка ситуација.

dsc_5161

Како знаете дека Сорос има одлучувачко влијание кај најмоќните земји кога станува збор за помали држави?

Има многу примери за тоа. Погледнете ги, на пример, електронските пораки што Сорос ги испратил, а беа објавени на „Викиликс“, и сѐ ќе ви стане појасно. Човекот дава јасни инструкции што треба да се прави и тие му поминуваат без дебата или проверка.

Од други објавени е-пораки се гледа дека влегува кога сака кај високи функционери во Америка, договара средби од денес за утре и има суштинско влијание. Ако има таков лесен пристап во најмоќната земја на светот, тогаш каков ли му е пристапот кај другите, помали од Америка?

Неговата фондација и според финансиски и според кадровски потенцијал е најмоќна фондација во светот која има политички цели. Сорос решил своето богатство да го употреби за да остварува влијание во две насоки – идеолошко кон создавање т.н. отворени општества и финансиско преку шпекулации и однапред познати политички исходи во одредени земји за да профитира на берзата.

По некое време, цели институции, цели министерства, можеби, и цели влади и нивни разузнавачки агенции се инфицирани со неговите гледишта, со неговата идеологија, со неговиот поглед и цели. Дополнително, и самите тие си наоѓаат некој дополнителен интерес од таквото дејствување и тераат со сите сили, а ние тука разговараме за Заев или за СДСМ… Каков Заев, какви бакрачи…

Зошто е насочен на тој начин кон Македонија, кон ВМРО-ДПМНЕ?

Прво, не е од сега, тој 25 години дејствува така, но во последните 2-3 години позајакнато.

Секогаш кога ВМРО-ДПМНЕ  е на власт, неговите институции се против ВМРО-ДПМНЕ. И секогаш кога СДСМ е на власт, повторно неговите институции се против ВМРО-ДПМНЕ, како центарска, десничарска и конзервативна политичка партија. Не постои една работа што ја направила ВМРО-ДПМНЕ во овие 25 години, а за која една негова институција, како институтот Отворено општество, НВО финансирана од него, медиум или слично, рекла дека тоа е добро. И обратно, нема ниту еден чекор на СДСМ што го осудиле. Значи, сѐ што е од нас е лошо, сѐ што е од СДСМ е добро или ако не е добро, барем се премолчува. Човекот што 25 години е главен на институтот Отворено општество во Македонија е член на Централниот одбор на СДСМ. Од лани навидум се пензионираше, но, всушност, си постави лице кое е негов послушник, кое никој не го познава, ниту му го знае името, а ја води истата политика на претходникот. А, тие не се ни кријат дека се дел од СДСМ. Имаат говори против нас на политички митинзи организирани од СДСМ. Затоа ние почнавме да ги поистоветуваме и велиме СДСМ/Сорос.

vmro-naroden-sobir-gruevski

Со политичкото влијание на Сорос, ќе ти свртат и некои влади и нивни амбасадори да се занимаваат со тебе на дневна основа и тие тераат и ти викаат за ваше добро работиме, сакаме да ви помогнеме.

Неговата мрежа во Македонија, освен што има НВО, директно финансира, некои би рекле корумпира, голем број новинари, сопственици на медиуми, професори, интелектуалци, аналитичари, активисти, протестанти, да, како што вели Трамп, професионални протестанти.

Под своја контрола имаат ставено и голем број луѓе низ институциите на системот, административци на високи позиции, судии, обвинители, лекари, еколози и секаде каде оцениле дека ќе им требаат за остварување на нивните цели. Значи дејствуваат и внатре, со пари и со индоктринација, и надвор, со влијание кај најмоќни влади и политичари. Во Македонија имаат монопол во секторот НВО бидејќи 95 проценти од НВО се финансирани од средства на Сорос или од влади во кои тој има влијание, па парите заеднички ги насочуваат и ги договараат активностите. Ако им треба т.н. шарена револуција, тогаш преку НВО го прават тоа со пари.

sarena-porta

Зошто македонската влада дозволила да е така со невладиниот сектор?

Прашањето е на место и тука сте делумно во право. Ако нашиот домашен приватен сектор нема чувство за поддршка на НВО и го остава целокупно во рацете на еден надворешен меѓународен играч и странски држави, тогаш исто толкава критика е потребна и за владата која досега доделуваше симболични средства за НВО и на тој начин невладиниот сектор стана армија зависна од Сорос, но и во служба на неговата политика. Секоја влада во секоја држава одвојува посериозни средства за граѓанскиот сектор, без притоа да влијае врз неговата работа. Кај нас потфрливме на тој план, и тоа, секако, е првата, а би рекол и најважна мерка во планот за десоросоизација на општеството, како што кажавме во нашиот предлог. Мора да се најдат средства, да се помогне да се развие независен граѓански сектор во Македонија. Не смее граѓанскиот сектор во иднина да остане само во рацете на Сорос и на странски влади. Денес, ако сакаш да работиш во граѓански сектор, или мора да работиш за Сорос и да ја прифатиш неговата идеологија или нема место за тебе во граѓанскиот сектор. Таа грешка во иднина не смее да ѝ се повтори на Македонија. Нека работи и нека инвестира Сорос во НВО, но активистите на НВО мора да имаат и други извори на финансирање доколку имаат квалитетни проекти, а тие проекти мора да ги оценуваат експерти кои не се политички зависни од која и да е власт, ниту, пак, да се зависни од странски влади и поединци.

sarena revolucija (11)

Велите армија НВО…

Да, класична армија. Невладините организации во Македонија Сорос ги направи модерна армија. Денес битката не е со пушки и со пиштоли како пред 100 години, туку со НВО, корумпирани медиуми и новинари и со влијание на моќни странски медиуми и моќни странски влади за да нивните политики кон една земја ги насочат во правец на неговите цели. Тоа е реалноста и, за жал, така дејствува Сорос. И тогаш те прават што сакаат. Те гмечат, те случат како тесто. Ќе те направат и криминалец, и крадец, и предавник, и идиот, и неспособен, и монструм, сѐ што ќе наумат. Па, оди после ти излези на избори. Ќе ти измислат триста афери, купишта лаги и дезинформации, едно зборуваш, друго се пренесува итн.

Еве, на пример, погледнете што правеа со Прогласот на ВМРО-ДПМНЕ од 17 декември. Ние таму јасно кажавме дека ќе ја продолжиме нормалната комуникација со амбасадорите, тоа на медиумите и кај аналитичарите платени од Сорос никаде го нема, но има дека сме објавиле војна на амбасадорите и дека сме решиле да се самоизолираме. Ние кажавме дека некои амбасадори претераа со мешањето во внатрешните работи на земјата и дека тоа мора да запре, тие тоа го спинуваа дека сме против Америка и против Западот, против НАТО и ЕУ. Никој од нив не пренесе дека во истиот проглас кажавме дека бевме и ќе бидеме западноориентирани, за членство во НАТО и во ЕУ, и за стратегиска соработка со Америка. Никој. Нивните платени аналитичари секоја вечер мелат иста приказна, зборувај ти што сакаш. Може светски медиуми, како „Асошиејтед прес“ или „Вашингтон пост“, коректно да ја пренесат информацијата, но не може истото да го направат медиумите финансирани од фондацијата на Сорос во Македонија.

Но, има лек и за тоа…

vmro-sobir-boris-trajkovski-3

Пред да зборуваме за лекот, дозволете да Ве прашам зошто го прави тоа Сорос во Македонија, кое е Вашето мислење?

Како што кажав, не го прави само во Македонија, туку во поголем број земји, не само од регионот и од источна Европа, туку, како што гледате, и во Америка.

Второ, од она што сум прочитал за него, во некои земји ударите ги прави заради финансиски материјални причини, за да заработи многу пари, во некои, пак, заради идеолошки причини.

Тој има одредена идеологија за која многупати и јавно говори, која ја заснована на принципи кои ги дефинира на отворени и на затворени општества, при што идеологиите на конзервативните влади, десноцетристичките влади најчесто му личат на затворени, што е тотално неточно, ама тој така го доживува тоа.

sobir-vmro1-500

Не случајно сите негови НВО и платеници секој ден зборуваат за слобода и за демократија. Тие што живеат овде, во земјава знаат дека тоа го имаме, но мора да ги оправдаат парите што ги трошат. Никој од нив нема интерес да му ја каже вистината. А ним им верува. Сорос, освен еднаш во 1991 година на еден ден, никогаш не бил во Македонија и тој сликата за нас ја прави според тоа што му го кажуваат тие на кои им верува. Тој ги прифаќа нивните ставови и донесува одлуки на база на тоа, потоа плаќа за горе-долу преку тие луѓе да ја смени реалноста, која му е претставена како реалност. Последиците ги трпи целиот народ, а тој веројатно верува дека прави некоја добра работа, плус тоа му го потврдуваат оние кои му креирале такво мислење. Да бил тука барем една недела или две, да се прошетал низ градовите и да поразговара со народот, би се фатил за глава околу тоа што прави, но тој нема време за тоа.

Мислите ли дека не е свесен што прави и каде се трошат неговите пари?

Видете, тој има многу информации за Македонија и за нас, многу повеќе отколку што верувате. Многу. Но искривени, неточни и погрешно пласирани. Јас сум убеден дека барем дел од проблемот се и неговите заблуди, а не само различната идеологијата од нашата.

vmro-miting-skopje-27-11-2016-1

Сѐ уште мислам дека не е свесен кого поддржува во Македонија и против кого е. Неговото мислење за нас, кое подоцна го наметна и кај некои структури на Стејт департментот и кај други влади е базирано на многу дезинформации и на свесно направени погрешни толкувања на нашите чекори и политика. На пример, спротивно од тоа што го декларира јавно, вклучително и во неговата последна колумна пред нова година, тој, свесно или не, во Македонија поддржува криминалци, авторитарни политичари, политичари што оставија без работа повеќе од 200.000 работници во процесот на транзицијата и низ процесот на криминалната приватизација, а еквивалент на тоа во Америка, според големината, е како во неколку години да се избркаат од работа околу 35 милиони работници. Како? Многу едноставно, направија закони со кои државните фирми место преку берза или на друг конкурентен начин, им ги продадоа за симболичен износ на олигарси блиски до својата партија, за овие потоа да им ја финансираат партијата и самите нив, политичарите од СДСМ, за кои Сорос смета дека градат отворено општество.Тие стари комунистички директори не знаеја да отворат нови пазари. Со распадот на комунизмот старите им се затворија поради либерализацијата, па ги избркаа вработените на улица, но капиталот го задржаа. Само поради ова, а има уште многу причини, да сум јас на негово место не би помислил да поддржам таква партија.

Или да земеме уште еден пример. Поддржува лидер фатен на дело, со легално направена снимка по наредба на обвинител, како бара мито од бизнисмен и како раскажува дека сите бизнисмени во неговата општина во која тој е градоначалник на ист начин плаќале мито, дури и се чуди како тој што дошол кај него не е запознаен со редот во општината.

miting-vmro-skopje-izbori-2016-27-custom

Поддржува политичка елита, за која е докажано дека дава лажни ветувања поради кои и неколку пати беше казнета од мнозинството народ. Елита што финансиски и економски ја фрли Македонија на колена, која кога владееше владееше без никаков економски концепт за државата, и елита што никогаш, буквално никогаш нема привлечено странска гринфилд-инвестиција, која отворила едно работно место во земјата кога била на власт. Ова го кажувам сега, кога поминаа изборите, за да не се сфати дека е дел од кампања. Не е. Тоа е дел од реалноста. Затоа, велам, надвор од идеолошкиот дел, мислам дека Сорос е во заблуда и не верувам дека ќе ја признае. Не ја познава земјата, прима само извештаи од луѓе на кои им верува, а тие, пак, од лица од структурите на СДСМ. Најголем дел од вработените во НВО и во други институции што ги финансира Сорос се активисти на СДСМ или дури и нивни функционери, како, на пример, претседатели на локални организации и слично.

Сорос поддржува партија што кога владееше, а и денес кога владее по општините низ Македонија владеe недемократски, авторитарно, ја задушува слободата на медиумите до максимални граници, потоната е во криминал и во корупција, спроведуваше класично мафијашко водење на владата, или денес на општините, политичка елита што го гледа народот само како средство, како инструмент да дојде на власт и до државните ресурси и што подолго да се задржи таму заради свои лични интереси.

Еве земете го примерот на актуелниот претседател на СДСМ за кој се откри дека со години поголем дел од позначајните тендери во општината што ја води 11 и пол години ги доделувал на своите роднини и високи партиски функционери. Тоа ли го поддржува Сорос? За тоа ли ги троши своите пари во Македонија? Му го кажал ли некој ова? Сигурно не, ниту, пак, ќе му го каже, или ако му каже, ќе му каже дека сето тоа некаква местенка. Или земете го примерот со случајот „Цареви кули“, во кој лидерот на опозицијата договорил мафијашка зделка со некој бизнисмен за да ги избегне плаќањата на комуналии кон општината, да изгради нелегални објекти по донесувањето на Законот за легализација на дивите градби, а тој да му овозможи легализација како да се изградени пред донесувањето на Законот. Заборавиле само дека „Гугл“ на секои шест месеци врши снимање на цела Земјина топка, и таму јасно се гледа кога е изграден објектот. Такво ли владеење поддржува Џорџ Сорос?

Знае ли Сорос дека шефот на опозицијата за кого овој троши милиони евра за да го донесе на власт е амнестиран во криминална афера тешка осум милиони евра, приближно колку што Сорос годишно троши во Македонија? Или му кажале дека и тоа е наместено?  Знае ли дека долго време се правдаше дека не барал амнестија и не можел да ја спречи одлуката на претседателот на државата, а сега, откога се смени законот и секој има право да побара поништување на амнестијата, „лидерот“ никаде го нема и чека да застари делото. Не е ли ова мафијашко владеење, и ова ли го поддржува Сорос, или за тоа никој ништо не му кажува? Како што, веројатно, никој не му кажува дека заменик-претседателката на СДСМ, заедно со сопругот, има месечни примања од околу 10 илјади евра, во земја со просечна месечна плата од 370 евра, од кои поголем дел се од издавање на сопствениот имот, вклучувајќи го и тој во кој живее на фирмата во која сопругот ѝ е управител.

zaev-so-lisici

Знае ли Сорос дека кога неговиот пулен Заев, шефот на опозицијата, треба да се појави на суд за корупција, не доаѓа и вели дека бил на средба со некој амбасадор, што потоа амбасадорот јавно го негира и, на крај, се покажува дека бил на средба во амбасадата со некој преведувач волонтер. И, воопшто, кој за средба со амбасадор одложува судско рочиште, освен ако не е до коска корумпиран и виновен? Знае ли Сорос какви закани упатува кон медиумите што не го поддржуваат човекот што тој финансиски го поддржува за да стане премиер? И тоа јавни закани. Прогласувајќи ги јавно тие медиуми, на прес-конференција, за свои непријатели.  А тие медиуми знаат со какви сѐ закани се соочуваат, кои не се јавни, туку испратени преку гласници, со цел да ги замолчат, да престанат зборуваат за неговиот криминал, лаги и погрешна политика.

Да, за жал, свесен или, можеби, несвесен, тој си знае најдобро, Џорџ Сорос во Македонија поддржува владеење на една корумпирана и криминална политичка елита, автократски лидер на кој не смее никој да му се спротивстави за време на партиските седници на ЦК, наследници на поранешните комунисти, целосно отуѓени од народот, кој го гледаат само преку призмата на својот личен интерес. Тој го финансира токму тоа за кое јавно се декларира дека е против и дека се бори, а, всушност, се бори токму против тие што, со сите слабости, имаат направено најмногу за зацврстување на демократијата, слободата, економијата и на државата во целина. Тешко ми е да поверувам дека тоа го прави свесно.

 

 

 


Крај на првиот дел од мегаинтервјуто на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, за „Република“. 

Вториот дел од интервјуто можете да го пролитате на линкот.

 

 

 

 

Top